Search for content, post, videos

Оригиналност и иронија, низ објективот на ЕНИ ЛЕБОВИЦ

Ени Лебовиц е најславната и најценетата жена фотограф во светот чии оригинални и по малку иронични дела веќе триесетина Години ги красат насловните страници на најпознатите магазини.

ПРВАТА НАСЛОВНА НА “РОЛИНГ СТОУН”
Приказната за животот на Ени Лебовиц започнува со нејзиното раѓање пред речиси седумдесет години (2 октомври
1949 година) во местото Ватербери, Конектикат, како трето од вкупно шест деца. Мајка и Мерилин била професорка
по модерен танц, а татко и Сем офицер во американското воздухопловство. Поголемиот дел од детството го поминала во преселба од една до друга воена база, па така, спомените оттогаш и се “нејасни, разлеани, матни”,
како сфумато. Сеќавањето почнува да се избиструва во средношколските денови кога, всушност, многумина ја
забележиле нејзината склоност кон разни видови уметност, особено кон музиката. Најпрвин свирела, а потоа и
компонирала. Околу фотографскиот занает почнала да се интересира во текот на виетнамската војна. Тогаш ги
направила и првите фотографии, додека живеела со семејството на Филипините. Набргу се преселила во Сан Франциско каде запишала сликарство на Артистичкиот институт, а потоа заминала во Израел. На деветнаесетгодишна возраст се вратила во Калифорнија, поточно во времето на бурните протести против војната во Виетнам. Еден ден сосема случајно го видела Ален Гинсберг, и го фотографирала како пуши марихуана. “Сведоштвото” завршило на насловната страница на “Ролинг стоун”, а тоа и овозможило постојан ангажман во списанието. По пет години станала негова уредничка. Позицијата дополнително ја мотивирала да се избори за место меѓу најдобрите светски фотографи. Нејзината десетгодишна работа таму ја одбележале сто и педесетина насловни страници и безброј фоторепортажи од разни настани како, на пример, оставката на Ричард Никсон и концертната турнеја на “Ролинг стоунс” во 1975 година. Ени Лебовиц во почетокот на осумдесеттите години била позната како официјален фотограф на рокенрол-сцената, а почетокот на соработката со “Венити фер” во 1983 година едновремено го означил и нејзиниот придонес во трансформацијата на просечниот магазин во авторитетен коментатор на случките во шоу-бизнисот.

ФОТОГРАФИЈАТА НА ЏОН ЛЕНОН И ЈОКО ОНО НАЈДОБРА ВО ПОСЛЕДНИТЕ ЧЕТИРИЕСЕТ ГОДИНИ
Пред фотографскиот објектив на Ени Лебовиц во почетокот на нејзината кариера се нашле голем број ѕвезди. И Џон Ленон и Јоко Оно побарале од неа да ги фотографира. “Штом влегов во нивниот дом им ја кажав замислата, сакав да позираат без облека. Џон се согласи, а Јоко почна да се буни. Сакав да ја опуштам, па и реков дека ќе изгледа одлично покрај неговата розова боја на кожата. Не сакаше да чуе. Тогаш направив само четири пробни фотографии, и толку. Утредента се случи трагичниот настан“. Фотографијата на која Џон Ленон (наполно гол) ја бакнува Јоко Оно беше објавена на наслов ната страница на комеморативното издание на “Ролинг стоун”, а во 2005 година беше прогласена како најдобрата насловна страница во последните четириесет години. Потоа се редеа голата бремена Деми Мур, Вупи Голдберг во када полна со млеко, Стинг среде пустина, Доли Партон со мускулестиот Шварценегер…

ТАЈНАТА СЕ КРИЕ ВО ВЉУБЕНОСТА
“Често ми велат дека моите фотографии се препознатливи, посебно оние на славните. Тајната се крие во тоа што
ни малку не се плашам да покажам дека сум заљубена во нив додека ги гледам низ објективот”, вели Лебовиц,
омилениот фотограф меѓу холивудските ѕвезди, но и меѓу политичарите. Еден ден работа чини милион долари. На
фотографирањето му претходи подготовка во соработка со екипа која брои триесетина членови. Моделите ги прифаќаат нејзините барања, без сомнение. Така, на пример, Дејвид Бекам стана принц, Скарлет Јохансон Пепелашка, Бијонсе Алиса, Роџер Федерер кралот Артур…Кралицата Елизабета не била воодушевена од идејата да ја симне круната, но непосредно пред стартот на фотосесијата го сторила тоа. “Многумина ме прашуваат која фотографија ми е омилена, а јас не можам да изберам само една.
Отсекогаш верував во мојата работа, а кај фотографиите ми се допаѓа тоа што го одразуваат духот на времето”.

СКАНДАЛОЗНА ЉУБОВНА ВРСКА СО ЖЕНА
Вниманието на новинарите од таблоидите го привлече пред десетина години поради љубовната врска со
њујоршката писателка и интелектуалка Сузан Сонтег. Се запознале на еден деловен ручек, а потоа заедно организирале средба на водечките градски интелектуалци на која расправале околу некои актуелни теми. Дури живееле и заедно, најпрвин на Менхетен, потоа во Париз, а во 1999 година ја објавиле книгата “Жена” со фотографии на нејзини сонароднички со необични професии. Околу интимната врска не зборувале јавно но, по смртта на Сузан во 2004 година, во “Њусвик” пишувало дека лезбејската двојка раскинала претходно поради чести караници. А пропо, Ени изјавила: “Да, имав проблеми со партнерката, односно пријателката. Вака изгледа како приказна за две стари дами, затоа напишете љубовници. Звучи поромантично”.

“СОГОЛУВАЊЕ” НА ИЗЛОЖБА
Ени Лебовиц придава голема важност и на приватниот живот и меѓучовечките односи и на секојдневните ситни
работи и настани. Снимила многу култни фотографии на кои се појавуваат богати, славни, моќни, посебни и обични луѓе. Иако се труди да ги задоволи комерцијалните интереси, таа е фотограф кој се уште го нема наполно совладано светот на славните. Таквото мислење на многумина го потврди и нејзината изложба по повод
на автобиографската книга “Животот на фотографката: 1990-2005”. Со фотоапаратот таа успеала да ги открие нивните тајни и потиснатите чувства, иако приватно и самата се криеше од очите на јавноста. Изложбата, најпрвин поставена во Њујорк, потоа во Париз, Лондон итн., ја чинеа и доста семејни фотографии. Воопшто не ги крие чувствата, веројтно и затоа портретите на нејзините родители во моментите на одмор и опуштање, во текот на родендените и прославите, но и во тешките емотивни мигови, заземаа значајно место. Тогаш првпат со јавноста го подели и болното искуство околу болеста и смртта на Сузан Сонтег. “Не знам дали ќе ги повторам изложбата и книгата. Поради посебниот емотивен потфат, секако. Обете ми помогнаа да ја преживеам тагата, но денес не сум сигурна дали можам да го сторам истото. Сепак, изложбите затоа и постојат, и мислам дека е сосема во ред да се види”.

СОМНЕЖ КОН НАСМЕВКАТА
“Мајка ми се плашеше дека луѓето на фотографиите ќе ја видат само нејзината старост. Но, сакав да ја сликам онаква каква што беше. Верувајте, не ми беше лесно, а и страдав поради нејзините години. Фотографиите не и се допаѓаа, а така мислеше и татко ми. Му пречеше отсуство то на насмевка. Таа не учеше постојано да се смееме, дури и во најтешките моменти. Затоа долго време имав сомневање кон насмевката, па ја избегнував дури и во фотографиите. Работите се сменија кога станав мајка. Тогаш се помирив со нејзината автентичност. Повторно профункционираа мускулите на краевите од моите усни. Луѓето велат дека фотографиите се одраз на особеноста.
Тоа се слчува само кога добро ги позна ваш оние што позираат пред фотографскиот апарат, и обратно”.

 

КАПЕЊЕ ВО МОРЕТО НА СМРТТА
Во одлуката за јавно изложување на контроверзните фотографии на болната Сузан Сонтег ја поддржале неколку
заеднички пријатели, но не бил мал бројот и на оние што не се сложувале со неа. Меѓу нив е и синот на Сузан,
Дејвид Рејф, кој во интервјуто по повод промоцијата на книгата “Капење во морето на смртта: Мемоарите на
синот” го потврдил таквиот став. Во книгата се опишани последните денови од животот на неговата мајка,
нејзиниот страв од смртта, а Ени Лебовиц не е спомената ниту еднаш. Тој се налутил откако ја видел мајка
си таква, изложена пред очите на јавноста. Ени со исто толкава дрскост, слобода и наивност ја фотографирала и мајка и во поодминати години, телото на љубовницата во интимните моменти, во миговите додека боледувала, во исчекувањето на смртта. Преку фотографиите на љубовницата сакала да покаже “како изгледаат болеста и храброста”. Нивната љубовна приказна ја овековечила преку борбата на Сузан против смртта со многу, многу сочувственост. На критиките поради објавувањето на фотографиите кои, всушност, ја следат врската со неа, Ени одговорила дека не води двоен живот, туку  само еден, кој се состои од лични и професионални фотографии.

МОЌТА НА МАЈЧИНСТВОТО
Познатата фотографка живее во Њујорк, и има три ќерки. Првпат станала мајка во педесет и првата година.
Се уште не го открила идентитетот на таткото на деветгодишната Сара Камерон. Многумина мислат дека донатор на спермата бил синот на Сузан, Дејвид Рејф. Фотографиите на кои се гледа таа бремена, како и породувањето, ги направила љубовницата на Ени. Во почетокот била исплашена и “парализирана од страв”, но потоа уживала во мајчинството. Набргу повторно станала мајка. Всушност, близнаците Сузан и Семјуел ги родила сурогат-мајка, а имињата ги добиле по нејзината партнерка и татко и.

 

Игор Ландсберг