Search for content, post, videos

Oслободување на мислите

Некои лица се толку многу емоционално оштетени од минатото, што таквата нивна состојба на духот создава големи тешкотии со нив подолготрајно да одржуваме хармоничен љубовен однос. Не сфаќајќи дека за нарушените емоционални односи и самите се виновни, тие не одбираат начин да го обвинат партнерот за сé што им се случува во животот. Показател за нивната духовна дисхармонизираност се студените, нервозни и лути реакции во интимната атмосфера и потребата за експонирање пред јавноста како забавни, отворени и спонтани личности. Но, едно е како сакаме да бидеме видени, а сосема друго како внатрешно се чувствуваме.

Емоционалните, но и ментални нарушувања често ја подвојуваат личноста и прават таа да преоѓа од фаза на еуфорија до период на депресија.

Проблемот се наоѓа во нивната желба своите правила, потреби и замисли да им ги наметнат на другите и од нив да бараат безрезервна подреденост и приспособливост.

Внатрешната дисхармонизираност, несигурноста во сопствените вредности и потребата за внимание ги прават незадоволни, фрустрирани и критички ориентирани, тогаш кога нештата нема да се одвиваат според нивните очекувања. Тие може да бидат слаткоречиви и допадливи како пријатели, но и опасни како непријатели доколку на каков било начин го повредиме нивното его или не им посветуваме доволно внимание. Се карактеризираат како површни, премногу оддадени на материјалното, сетилното и телесното, така што немаат увид дека животот се состои и од емпатија, духовност и искрена емоционална поврзаност. Сепак, во јавноста се експонираат како отворени, весели и зрели личности и тоа сé додека некој со нешто не ја загрози нивната умислена ѕвезда и ги турне во сенка.

Тогаш се користат со мошне луцидна тактика на обезвреднување на вредноста на другиот, го озборуваат и наоѓаат разни начини да ја намалат неговата вредност. Со потребата за виденост, со желбата да бидат најубави, најпаметни и најуспешни во друштвото, тие всушност го покриваат комплексот на инфериорност и длабоката лична несигурност и фрустрираност. Решението е навреме да ги препознаеме, да не влегуваме во јалови расправии кој е во право, а кој не и да се навредуваме на секоја нивна критика. Од нас зависи дали ќе вложуваме во својот личен развој, ќе се детоксицираме од таквиот однос, ќе ја исцелиме душата и ќе се подготвиме за релација со лице кое многу повеќе ќе нé почитува, надополнува и усреќува.

Впрочем, една од најголемите мудрости е да научиме да препознаеме што е добро, а што лошо и да си го тераме својот животен пат на храбар и достоинствен начин. Кога на лицата и состојбите кои со своето негативно влијание го окупирале нашиот дух им посветуваме преголемо внимание, тогаш не треба да очекуваме брзо и ефикасно реализирање на целите и излез од кризата.

Затоа, не треба да се чувствуваме повредени од туѓите постапки, зашто целта на многумина е да ги понижат и обезвреднат другите, а себеси да се претстават како успешни и способни личности. Кога ги актуализираме навредите, ние ги оживуваме и внесуваме во својата свест и потсвест, без притоа да согледаме каква е вредноста и кои биле намерите на лицето кое се обидело да нé критикува и навредува.

Некои поединци се создадени да го гледаат негативното, да напаѓаат и обезвреднуваат, веројатно затоа што во себе носат празнина на духот, длабоки комплекси и отпор кон сé што  пркоси на нивната личност.

Селекцијата, аналитичноста и независноста денес се нужно потребни, бидејќи доколку слепо и непромислено градиме одредени односи може сериозно да ја загрозиме својата енергија и да го загубиме мирот во душата. Чувството дека без секого се може е камен – темелникот на правилниот избор, зашто така ќе бидеме со лица кои вистински ги чувствуваме, а не поради стравот од осаменост и посесивната врзаност за нивната личност. Главната слобода произлегува од духот, така што кога внатрешно сме необременети и емоционално стабилизирани, тогаш многу поретко ќе дозволиме да нé изместуваат однадвор и помалку ќе зависиме од туѓите влијанија. Креирањето на личноста е процес кој никогаш не изумира, затоа мора да вложуваме во личниот развој и да сфатиме дека најважно е самите себе да се прифатиме и самите на себе да си помогнеме.

Тоа ќе го постигнеме доколку бидеме внимателни, толерантни и нежни кон себеси и престанеме да се обвинуваме и товариме за нешта, кои судбината или другите со своите негативни постапки ни ги предизвикале.

Клучот не е во примањето, туку во ослободувањето.

Затоа, треба да се ослободиме од мислите кои ни создаваат страв од иднината и од емоциите кои премногу се окупираат со случувањата од минатото. Вредноста е во мигот на сегашноста, кој треба да го оплодиме со вредност и со чувство дека заслужуваме да ни биде добро и дека ќе направиме сé за да ни биде уште подобро.

Извадок од книгата на доц.д-р Зоран Крстевски „Исцелување на душата“.