Search for content, post, videos

Островот на благословените – Мадеира

Островот Мадеира е прекрасен португалски остров, кој иако се наоѓа во Атланскиот Океан, припаѓа и го носи приматот најдалечен остров на Европа. Неговите неодоливи плажи и изобилството на шуми го прават една од најпосакуваните дестинации за секој љубител на егзотиката.

За овој архипелаг од острови постојат податоци уште од Римско време. Плутарх спомнувајќи го воениот командант Квинт Серториј и неговото враќање во Кадиз запишал: „…се вели дека се два острови одделени со еден многу тесен проток и се оддалечени 10 000 милји од Африка. Се нарекуваат Островите на благословените”. Римјаните ги нарекувале и “Пурпурни острови”, а подоцна овие острови ги открил Португалецот Енрике Морепловецот, затоа и денес Мадеира спаѓа под територија на Португалија. Кога Португалците го откриле островот Мадеира, тој бил целосно ненаселен. Овој архипелаг се смета за првото територијално откритие во времето на големите португалски походи. Прекрасните шуми кои го покриваат островот се причината по која е именуван Мадеира, што на португалски значи – дрво, а денес овие шуми се заштитени од страна на УНЕСКО. Вулканското тло, изобилството на влага и благата клима се совршени услови во текот на целата година да расте бујна и богата вегетација.

Најдалечната евроспка дестинација…

Мадеира или официјално Автономен Регион Мадеира е португалски архипелаг во Атлантскиот Океан, кој се наоѓа на околу 400 километри северно од островот Тенерифе, Канарски Острови. Мадеира воедно е познат и како најоддалечениот регион на Европската Унија и е еден од двата автономни региона на Португалија (другиот регион е соседната островска група наречена Азорски Острови). Архипелагот е составен од островските групи: Мадеира, Порто Санто, Пустински Острови и Дивите Острови. Денес Мадеира е едно од најпопуларните светски одморалишта, чии знаменитости се виното „Мадеира”, цвеќињата и рачната изработка, везилското занаетчиство, како и новогодишните прослави проследени со претстави со спектакуларни огномети. Според Гинисовата книга на рекорди во Мадеира се случила една од најдолгите новогодишни прослави. Главното пристаниште кое се наоѓа во градот Фуншал е едно од најважните места на кое допираат сите трговски и транс-атлански патнички крстарења помеѓу Европа, Карибите и Северна Америка.

Легендата за љубовта и името

За овој остров се врзува и легендата за романтичната приказна за двајцата вљубени, Роберт Машим и Ана Арфе, во времето на владеењето на англискиот крал Едвард III. Во 1346 година, бродот на кралот пловејќи од Кралство Англија за Франција наишол на бура и скршнал од својата насока. Нивниот брод удрил во брегот на некој остров за којшто се верува дека бил Мадеира. Подоцна, оваа приказна била искористена за именување на еден од градовите на Мадеира. Градот го добил името Машико по името на момчето од приказната во спомен на младите љубовници.

Првите колонизациски населувања на островите започнале околу 1420 година. Првите населувања ги предводеле тројца главни капетани, а биле преселувани нивните почитувани семејства, мала група благородници, луѓе од пониските класи и извесен број затвореници кои биле носени на островот за да ја обработуваат земјата. За да се здобијат со минимални услови за развивање на земјоделството, тие морале да исечат дел од густата ловорова шума и да изградат канали, бидејќи во некои делови на островот имало огромни количини вода, а другите биле сушни. Во текот на овој период, половина од доселениците се хранеле со риби, растенија и овошја кои ги имало на некои почисти парцели. Најпрво колонистите започнале да произведуваат пченица за нивна основна егзистенција. Островот Мадеира се наоѓа на врвот на масивниот вулкански оклоп. Островот е формиран од вулкански комплекс кој основа два масивни комплекса: Основен вулкански комплекс – во централниот дел на островот, и е поврзан со некои од најдлабоките долини (Сао Висенте, Боавентура, Сокоридос). Комплексот се протега источно во клисурите (Порто да Круз и Машико) се è до мостот Сао Лоренсо и централниот масив кој се протега низ централниот регион на островот. Неколкуте клисури како Брава, Сокоридос, Машико, Сао Винсенте, Парко(Боавентура) и Фаиал се особено интересни да се видат. Масивот Паул да Сера – има слична структурна платформа и се протега кон југозапад. Во најјужниот дел на Мадеира се наоѓа Тор (каменлив рид) -Гребенот на Мадеира. Потеклото на Тор – Гребенот на Мадеира не е јасно утврдено, но постојат мислења дека настанал од морфолошкото попуштање на литосферата. Самиот архипелаг претставува група од вулканско-океански острови Мадеира и помалиот Пустински Остров, кои се најмладите острови од оваа низа, додека Порто Санто, најмалиот остров е воедно и најстариот остров. На овие острови нема активни вулкани во последните 6000 години.

Место на богата флора и фауна….

На Мадеира има три ендемични вида птици: џинова бура, долгоопашест гулаб  и златоглавото кралче, додека мадеирскиот снегар е ендемичен подвид. Исто така многу важно е размножувањето на морските птици, како што се: мадеировата бура, мала северноатлантска ветрушка и голем зовој. Мадеира има многу ендемични видови на фауна – најмногу без’рбетници во кои спаѓаат најретките видови долги медитерански пеперутки, но исто така има и ’рбетници како што се: лилјакот, видови гуштери и некои од гореспоменатите птици. Најголемата тарантула во Европа живее на Пустинските Острови на Мадеира и достигнува големина колку човечка рака. На овие острови живеат повеќе од 250 видови мекотели (полжави и голичи), некои школки со необична форма и боја.

Аквадуктите како атракција….

Двата најпопуларни аквадукти за пешачење се „do Caldeirao Verde” и „do Caldeirao do Inferno” кои се многу примамливи за туристите со авантуристички дух, бидејќи се тешкопроодни и поради тоа љубителите на пешачењето мораат да носат факели и шлемови. Аквадуктот или Вада (како што ја нарекуваат) „do Canisal” е полесно проодна и се нарекува “мимозина вада” поради тоа што низ целата патека има посадено мимози. Овие аквадукти се изградени со цел да се снабди целиот остров со слатка вода.

Фуншал е главен град на Мадеира, кој е локацран на јужниот брег на Мадеира. Тоа е модерен град, кој се наоѓа во природно географски амфитеатар извајан од вулканска структура и речни хидролошки сили. Кога започнало населувањето на островот првите доселеници се населувале покрај пристаништето Порто Фуншал и во падините коишто биле нивно природно засолниште. Градот Фуншал има богата историја пет века, тој го добил името од првите луѓе кои го пронашле и го населиле, а му го дале името Фуншал – анасон поради анасонот кој го имало во изобилие во богатите шуми. Природното пристаниште и климата комбинирани со одличната географска позиција му помогнале на Фуншал да се развие многу бргу. Катедралата изградена од страна на Педро Анес во Мануелински стил била една од централните активности во овој период на создавање, и претставува едно од бројните историски богатства на Мадеира.

Вкусовите на Мадеира…

За да ја промовираат својата гастрономија во светски рамки, секој ноември во Мадеира се организира Готвачкиот фестивал. Секоја година фестивалот го посетуваат меѓународни готвачи коишто заедно со локалните млади готвачи ги подготвуваат новите рецепти користејќи ги традиционалните производи од Мадеира, виното, локалните риби и други производи. Благодарение на погодната географска положба Мадеира ужива во изобилство од најразлични видови риби. Рибните специјалитети се подготвуваат од рибите кои ги има покрај брегот на Мадеира а тоа се: црна сабјарка, сина туна, бела сабјарка, сината сабјарка, копјарка и многу други. Исто така има и многу специјалитети од месо, а едно од најпопуларните е Еспетада – говедско месо со лук и вино. Традиционалните слатки на Мадеира најчесто се прават со локалните состојки, една од нив е меласата – мед од шеќерна трска. Традиционалната торта во Мадеира се нарекува медна торта и традиционално се крши, а не се сече со нож. Тоа е многу богата и голема торта. А крофничките пак првпат биле направени во Мадеира за подоцна со емигрирањето да се прошират низ целиот свет.

Во Мадеира постои долга традиција на одгледување кафе. Покрај популарните кафиња од Португалија, во Мадеира се произведуваат популарните марки кафе како што се: Гарото, Галон, Бица, Чинеза и многу други.

Рекреација и спорт

Во Мадеира се негуваат голем број спортови. Тука се вклучени и спортовите кои се играат и во затворен и на отворен простор како што се: фудбал, кошарка, ракомет, рагби. Поради поволната локација и климата, островот е идеален за водните спортови како риболовот, едрењето и нуркањето, потоа сурфање по прекрасните бранови и пешачење по убавите плажи и планинарење во убавите шуми. Според експертите Мадеира ги има најдобрите бранови, познатите тунел-бранови за сурфање. Со околу 600 милји патеки, островот е одлично и атрактивно место за пешачење и претставува предизвик за љубителите на пешачењето. Други популарни спортови на островот се рели трките, картингот и голфот. Познатиот фудбалер Кристијано Роналдо е роден во Мадеира, и ја започнал својата кариера во најдобриот клуб на Мадеира Национал.

Силвана Јованчева