Search for content, post, videos

Панама – Крал на сламените шешири

Неизбежен аксесоар за ова лето посекако е Панама – кралот на сламените шешири. Сламениот шешир е моден детаљ кој често им пркоси на трендовите и на нивните „каприци”. Тој го одразува карактерот на личноста, нејзиниот стил и слично. Затоа, велат стилистите, особено треба да се обрне внимание на изборот и на комбинирањето на останатите делови од гардеробата, тоа е таканаречениот панама шешир, омилен и меѓу жените и меѓу мажите.

Мајсторијата е во прецизноста со која се прави – Дизајнерите не пропуштаат ниедна колекција наменета за лето да не ја збогатат со некој модел сламен шешир и, притоа, да ја истакнат вредноста на модниот детаљ што често им пркоси на трендовите и на нивните „каприци” оти, како што велат, тој е безвремен. И покрај сите превирања, сламениот шешир успеа да опстои неколку века, и тоа со минимални измени. Инвенцијата на креаторите е несомнена, творечката фантазија оди дотаму што некогаш се прашуваме дали изработката е навистина рачна. На прецизноста со која го прават може да и завидува и високата технологија. Во неа е, всушност, мајсторијата. Аксесоарот што некаде (и денес) е статусен симбол го одразува карактерот на лицето што го носи, неговиот стил и слично. Особено треба да се обрне внимание на изборот и на комбинирањето на останатите делови од гардеробата. Впечатокот е полн кога облеката и сламениот шешир се вклопени во целина каде што нема вишок, и сè е така како што треба, на свое место. Стилистите, пак, го потенцираат начинот на носење како многу важен. Персоналитетот, исто така. Велат, не може која било жена или кој било маж да носи сламен шешир. Едноставно треба да умее (но, не само позерски) и да се чувствува убаво под неговиот широк (често и тесен) раб. Според нив, речиси секоја година се фаворизира некој модел што предничи во споредба со другите. Класиката е секогаш во мода. А трендовите постојат, сигурно, за повторно да нè потсетат дека најдобрите работи не исчезнуваат ниту, пак, се забораваат. Дали својот панама веќе го извадивте од плакарот? Не се сомневаме, но… За секој случај, да ве потсетиме.

Приказната за сламениот шешир – Освен што ќе ве заштити од горештината, ќе придонесе и за никој да не се посомнева во вашата привлечност. И во стилот по кој одамна ве препознаваат, се разбира. Приказната за сламениот шешир, кој многумина го знаат како панама е, всушност, поврзана со изградбата на Панамскиот Канал. Судејќи по се, аферата (големата измама со поткупувањето) што настанала во тоа време, се изгубила некаде попатно или ја однел заборавот во однос на модниот детаљ, кој го забележиле фоторепортерите кај дваесет и шестиот претседател на САД, Теодор Рузвелт, додека шетал по градилиштето на вештачкото водно корито во најјужниот дел од Централна Америка, што ги спојува Атлантскиот и Тихиот Океан. Тоа било во 1906 година. Малото екваторско чудо, како што го нарекувале новинарите, набргу станало задолжителен дел од имиџот на Винстон Черчил, Хари Труман, Никита Хрушчов, Јосип Броз Тито. Го носеле и прочуените филмски артисти како Гари Купер, Пол Њумен и др. Денес го носат и жените, често стилизиран. Имено, панамата е најцврстиот и, истовремено, најмекиот шешир на светот, кој нема да го смени обликот дури и ако се истутка или, пак, ако падне во вода. Изработката трае од пет до седум дена. За специјалниот (подебелиот) се потребни шест месеци. Притоа се користат најфините листови од палмата Тољуилла, кои рачно се плетат, и тоа навечер, кога месечината е полна, или дење, кога времето е облачно, за сламата да не пресуши. Највешти во изработката се Индијанците од Екваторот, а Британците го дотерале според современиот вкус. Само малкумина можат да го направат т.н. Монтехристо, најеластичниот панама што се враќа во првобитната форма дури и кога ќе се завитка во ролна. Меѓу двете светски војни буквално бил задолжителен. Го носеле десетина години и по Втората светска војна (најчесто во англиските одморалишта како, на пример, Брајтон и Карибите) за потоа да излезе од мода, полека и незабележливо. Денес повторно пристигнуваат нарачки кај екваторските плетачи, иако се произведува индустриски и масовно. Вообичаено има светла боја, лесен е, проѕирен и совршено одговара на летен костум во, исто така, светла боја. Стана омилен меѓу бизнисмените и таканаречените јапи кои, по се изгледа, се воодушевуваат од летните колекции на модните куќи „Мисони” и „Прада”. „Мисони”, препознатлива по шаренилото, ја понуди најконзервативната линија досега (панама со лента во црна и во боја на кафе), а „Прада” ги бојадиса сламените шешири. Одозгора лентите од рипс ги замени со свилени. Ги препорачуваат во разни пригоди. Понекогаш може да се отстапи од правилата, а притоа да не се помине границата на убавиот вкус.

Од лежерен до ретро-изглед – Исто така, панамата е омилен и меѓу жените кај кои, всушност е, дозволено стилизирање во поголема мера. Летово се издвојуваат помалите и поцврсти модели, чиј облик потсетува на машките и се носат во комбинација со класична и лежерна гардероба. Големите сламени шешири, пак, веќе не се резервирани само за плажа и за коњски трки. Стилистите нудат неколку совети кои, доколку се применат, гарантираат атрактивност. Изгледот “панама кежуал” го прават сламениот шешир во боја, светлите џинс панталони и црната тесна памучна маичка. Секако, може да биде и беж, бела… Панамата не треба да има широк раб, а од долу косата може да биде пуштена, по можност и накадрена. Ваквиот изглед е идеален за прошетка низ градот.

Панама младешкиот стил се добива со сламениот шешир со широк раб и цветниот долг фустан, совршена комбинација за плажа. А таму “нема да биде вишок” дури и кога ќе се слечете, само во костим за капење, бикини. Панама-парти стилот е најсоодветен за летните забави, бидејќи сламениот шешир се носи и навечер, и тоа украсен со панделка или со цвеќе. Во исклучителни ситуации може да се збогати со мрежа и, притоа, да се добие ретро-изглед, одличен за непоправливите романтичарки и, се разбира, привлечен за мажите. Нема да згрешите со било која од овие варијанти. Треба да бидете вистинската вие, да се чувствувате „природно”, како да сте израснале носејќи панама, од мали нозе. Тој е омилен моден детаљ на многу луѓе, зошто да не биде и ваш тренд!?

Силвана