Search for content, post, videos

Перфекционизам или желба за совршенство

Секогаш кога ги опишуваме другите луѓе ние всушност го опишуваме нивниот однос кон работата, колкав напор вложуваат во тоа што го работати какви цели поставуваат пред себе. кога ги проценуваме на овој начин, за некоја личност велиме дека дава се од себе за да успее, тоа што ќе го сработи го сработува квалитетно, и слободно можеме да се потпреме на неа секогаш кога ни е потребна надворешна поддршка.

Од друга страна, постојат личности кои не се многу загрижени за тоа што го работат и колку ќе бидат успешни во тоа, повеќето работи ги работат без некој посебен елан. Но, има и такви кои ги нарекуваме “болни перфекционисти”, личности кои постојано се во некаков грч и кои и најмалиот неуспех го доживуваат многу трагично.
“Се мора да биде во најдобар ред…”, “Не ни помислувам дека нема да успеам…”, “Никој не смее да ме види како ја губам контролата…”, “Кај мене дома се е како под конец…”.
КОИ СЕ ТИЕ “БОЛНИ ПЕРФЕКЦИОНИСТИ”?
Тоа се личности кои тежнеат да го достигнат совршенството во скоро сите области на своето дејствување: совршени партнерки, совршени мајки, совршени домаќинки, совршени во својата професија… совршени во се. Кај нив не постои средина. Своите искуства ги проценуваат или како потполно бели или потполно црни. Тие мораат да ја имаат контролата не само во однос на она што го работат, туку и во однос на другите луѓе и нивните меѓусебни односи.
Тенденцијата да се биде педантен, уреден и перфекционист пред се е одлика на здрава личност, која зборува за потребата на луѓето за самоактуелизација на личните потенцијали. Во тој случај перфекционизмот означува тенденција за едно повисоко постигнување во одредена област и тенденцијата да се постигне својот максимум. За да го реализира тоа, личноста си поставува високи критериуми, работи совесно и одговорно за да ја постигне саканата цел. Кога целта ќе се постигне, тогаш е нормално да се чувствува задоволство, гордост и среќа. Потоа следува нова цел, нови напори и ново задоволство. Доколку работите се одвиваат по овој редослед, тогаш станува збор за здрав перфекционизам  кој здружен со соодветните способности и добрата самоорганизираност ќе гарантира успех.
Меѓутоа, не е секогаш така едноставно. Некои личности имаат нереално високи аспирации, понекогаш поради лошата проценка на своите способности во одредена област. Ако спаѓате во категоријата на овие личности, тогаш и кога сте успешна може да ви се чини дека тоа не е доволно големо и не е доволно добро. Вие всушност си го омаловажувате сопствениот успех. Поради мала грешка која другите околу вас воопшто не ја забележуваат, вие со денови можете да си префрлувате за тоа и, се разбира, ќе се чувствувате лошо. Наместо да уживате во плодовите на својот труд и реално високите постигнувања, вие не си дозволувате да почувствувате задоволство од постигнатиот успех. Додека други се радуваат и го прославуваат секој и најмал успех, вие се спречувате да славите размислувајќи дека тоа и не е толку добро и вредно за славење. За вас
никогаш не е доволно добро, секогаш можело да биде подобро. Се разбира, секогаш може да биде подобро, но дали е можно да се достигне совршенство?
Проблематично е што секогаш ќе пронајдете некоја причина за замерка, а се што е под нивото на вашите резултати е доволна причина за чувство на вина. Вие “не смеете” да си дозволите грешка.
Многу од личностите кои страдаат од перфекционизам се оптоварени со својата осаменост поради сопствената проценка дека се несовршени.
Ова пореметување е сериозно и може да го препознаете по следните симптоми:
1. Поради преокупираноста со тоа да не направите некоја грешка, постојано настојувате да го поправите веќе сработеното, поради што често знаете и да заостанете во работата, што од своја страна се претвора во неуспех поради пробивање на роковите. Поради преголемите очекувања може да се блокирате и да доживеете неуспех во тоа што го работите. Многу од нас имаат доживеано ваква блокада поради голема трема при некој јавен настап или сличен настан што бил значаен за нас. Силната желба да се доживеат ѕвездени моменти, која може да прерасна во опсесија, може да се претвори во неуспех и да се доживее како лична трагедија;
2. Преокупирани сте со детали, правила, ред и дисциплина при што за секоја и најмала безначајна активност правите план и ништо не оставате на случајност;
3. Тешко се одлучувате да ги фрлате старите непотребни предмети, дури и кога немаат никаква сентиментална вредност за вас;
4. Тешко работите во тим, поради ставот дека најдобро знаете од другите во тимот, а тие мора да ги извршуваат задачите според вашата замисла;
5. Премногу внимавате на секој денар, штедите на себе и на другите, правите резерви за “црни денови”. За личност опседната со својот перфекционизам и најмала грешка е доволна причина, да се чувствува промашена како личност. Сосема нормално е човек да се загрижи за некоја своја грешка и да се потруди да ја поправи, што би била соодветна реакција. Несоодветна реакција е тогаш кога поради грешка се чувствувате некомпетентно и сте преплавени со чувство на беспомошност. Тоа ќе има негативни последици во вашето идно однесување, кога ќе се најдете пред нова задача или проблем што треба да го решите. Многу лесно може да се случи да се откажете, без да се обидете да го решите проблемот или да ја остварите целта, без оглед на тоа што најверојатно сте компетентна за тоа.
Личности кои покажуваат екстремно висока нетолерантност кон неуспеси, по правило имаат многу ниско мислење за себе и се со чувство на пониска вредност. На ваквата слика за себе се надоврзува и нивното убедување дека и другите луѓе ги проценуваат полошо доколку не се покажат најдобри во се, поради што ќе бидат помалку сакани и ценети од другите луѓе.
Ваквото несоодветно однесување во ситуации во кои личноста тежнее кон совршенство се елементи на нездрав, невротичен перфекционизам. Таа постојано си поставува нови и се поголеми барања, успехот станува нејзина опсесија, никогаш не е задоволна со постигнатото, и не умее да се радува на успехот. Ова последното е посебно загрижувачки затоа што изостанува задоволството во текот на работата и по извршената работа. Во еден подолг период ова однесување може да доведе до разни облици на неприлагодено однесување и невротично реагирање. Многу истражувања покажуваат дека невротичниот перфекционизам често е здружен со голема напнатост, напади на мигрена, пореметувања во спиењето, пореметувања во исхраната (анорексија, булимија), опсесивни мисли, панични состојби, депресија, а во некои екстремни случаи и склоност за самоубиство.
Склоноста кон перфекционизам, покрај евидентните негативни страни има и некои позитивни аспекти. Ваквите личности се: внимателни, темелни, трудољубиви, големи моралисти, исполнителни, одговорни, трезвени и рационални во размислувањата, со голема самоконтрола поради што делуваат смирено и ретко имаат агресивни реакции. Меѓутоа, тука се поставува дилемата, кој има поголема добивка од позитивните особини на перфекционистот, луѓето од неговото окружување или тој самиот?
Како и да е, животот е многу напорен кога се функционира според начелото “црно или бело”. Најдобро е ако успеете да го избалансирате вашето функционирање некаде на “средина”.

Лидија Попчева
психолог- психотерапевт