Search for content, post, videos

Петар Ренџов – Гитарскиот војвода во звукот на старите македонски песни

Петар Ренџов е познат македонски гитарист, композитор и аранжер, вљубеник во музиката и воопшто во уметноста. Секогаш насмеан и позитивен, секогаш расположен за добри свирки и забави во прекрасна атмосфера. Со Пепи, како што го нарекуваат неговите пријатели, секогаш се пее, се игра и се слуша одлична музика. Музиката го исполнува, го прави многу среќен, но исто така  жестоко го предизвикува секогаш, одново и во недоглед. Има свое студио и продуцентска куќа „Мјузик стор“, го сака џезот и традиционалната македонска музика. Ренџов се појавува и како предводник на групата „Тумбао салса бенд“. Издаде и промо-албум „Македонци, Кубанци“ и зема учество на бројни џез-фестивали. Потоа албумот „Бела Салсита“, каде Ренџов се јавува како автор, аранжер и продуцент на голем дел од материјалот.

Во април 2019 од врвот на Водно, одекнаа звуците на неговиот последен албум „Џезилка“, со кој одбележа 40 години музичка кариера. Зошто врвот на Водно?… За да дишете чист македонски џез“, – истакна Петар Ренџов. Тој постојано наоѓа волшебни места за промоција на своите албуми. Првиот солистички албум „Сонот на невестата“, беше промовиран на Матка, а вториот „Темјаника“ на плоштадот пред црквата „Пресвета Богородица“ во Скопје.

После толку многу настани и музика, како ти го поминуваш овој пандемиски период?

Кога почнаа да кружат првите информации за некаква  ковид пандемија  каде се бара социјална  дистанца и носење маски, прво што ми падна на памет беше дека ова е закана за музиката и мојата дејност како рокер, блузер, забавувач и творец .

Просто мојата имагинација  потклекна и одби  да поверува дека е можно  да постои нешто кое ке го урниса светот, толку лесно и едноставно. Како кога ќе пукнеш со прстите. Да предизвика толку смрт и загуби, да не тресне со невидлива магија на злото, да ни ја извади убавината од душите, да  ни стави зандани на лицата, остави лузни  кои тешко времето ќе ги избрише.

Престанав да свирам, се почувстував потиштен и несрекен  заради блиските ми пријатели и соработници кои паѓаа како круши под невидливата сила против која едноставно не можеш да се бориш. Енергијата која ја имав ја пренасочив повеќе на секојдневна физичка активност и тоа воглавно на отворено. Дури и кога беа минусни температури играв тенис и копав по дворот.

Денес, после повеќе од една година тотална апстиненција од свирење и начинот на кој живеев, делејки ја сопствената музичка естетика со блиското опкружување, се прашувам,  дали,  колку и како можам да ги развеселам лугето со мојата гитара . Знам дека многу од нив се желни да се откачат од сериозноста на секојдневието, дека би се придружиле гледајки кон иднината, но се сомневам дека безгрижноста и опуштеноста би била иста како и пред оваа ковид пандемија.

Како сето ова се одразува на уметноста?

Секој кој се фатил во коштец со уметноста, во себе мора да го носи кандилцето за исповед.  Кога ќе дојде време, да се осами, да прочепка,  да си ги најде молитвите, да ги извади од душата,  да ги стави пред себе во дланките споени и понизно да разговара со тишината. Така уметникот може да  зборува со убавината. Онаа,  која само тој  може да ја види и копнее да ја дофати.  Тогаш тој заборава  кој е, каде се наоѓа и како времето поминува. Низ мислите, душата и срцето му струјат чувства, тогаш тој не размислува, тогаш тој чувствува, можеби пее, но можеби и немее. Па така јас, понекогаш,  бескрајно тажен, а  понекогаш обземен од лудоста на инсектите и птиците кои пркосат на земјината тежа, па летаат низ зелната пролетна завеса полна со живот и надеж, сум  набљудувач на совршенството на природата и во тие моменти прбувам да го дофатам совршениот звук. Совршената песна, топла и тивка пробувам да ја отелотворам,  да постои… А околу мене …. колеж од ковид, медиуми со главни вести – бројки на ужасот… живот на кој не му дозволувам да влезе во светот на мојата музика и да ми ја уништи чувствителноста .

Насочување кон убавината на македонските песни…

Бегајќи од канџите на ковидот и спротвивставувајќи се на дисхармонијата која сеуште е присутна во секојдневниот живот, со мојата долгогодишна соработничка Ивана Стојановска,  вокалистка на Тумбао Салса бенд, работиме  на албум со преработки на македонски песни меѓу кои се “Кирајџиче јабанџиче”  и “Ти ли се најде Лено Мори”, што сега можете да ги слушнете на Клуб ФМ и Радио Буба Мара. Името на албумот “Канарина и гитара’ самата музичка содржина  го  наметна, па така старите песни кои во позадина немаат ритмичка форма, им даваме ново видување со Поп, Латино и Џез ритмики  и се надеваме така преработени со нови аранжмани ќе ги оживееме и доближиме на македонската публика, иако знаеме дека тоа е многу тешко.  Гласот на Ивана веќе го запозна целиот Балкан затоа што таа победи на два натпревари за вокалистки во Босна и во Србија, токму со македонските народни песни. Сакам да ги оживеам старите убави македонски песни во некое ново руво.

Силвана Јованчева