Search for content, post, videos

Подарете убав збор

 

 

Поговорката „Убавиот збор – железни врати отвора“ останува да виси како пајажина на заборавениот таван. На нејзиното место се вкоренија сите нервозни зборови, пцости, вулгарности, завидливости… зборови што во речникот на македонскиот јазик никој не ги бара, а повеќето ги користат во секојдневниот вокабулар како да се непроценливо богатство за да ја засилат емоцијата, чувството што во моментот ги води.

Кога малку ќе подзастанеме и подлабоко ќе се замислиме, не верувам дека некој поинаку ќе помисли одошто – жално е нашето секојдневие! Разочарувачко е нивото до кое стигнавме, дното на кое се препелкаме, во обидот да се покажеме како нешто повеќе одошто навистина сме. Зборувам глобално, од гледна точка на нашето општество, на нашата нација. Толку стар народ, толку коренита култура, а толку некултурно секојдневие. Дозволивме да не прегази „модерниот“ свет, современиот начин на комуникација и живуркање, а заборавивме на најголемите вредности – пред сè на убавиот збор.

Еве, појдете од себеси – колку убаво ви започнува денот кога колегите на работа ќе ви кажат дека дента блескате, кога саканиот/та ќе ви порача дека сте му/ѝ посебен/а, кога најмилото ќе ви каже дека ве сака, кога соседот во лифт ќе ви се насмевне и ќе ви посака да имате убав ден. Некои такви денови, кои верувам дека сите ги имаме сè помалку, бидејќи очигледно сите постојано брзаат и се нервозни и напнати и изнервирани од нешто, ни се како ветер в грб. Тогаш секој проблем ни изгледа решлив, тогаш со полно и насмеано срце правиме и повеќе одошто планираме.

А зошто секој ден не би бил таков? Или барем повеќето? Што е толку мачно секој да направи нешто убаво за себе и потоа таа убавина да ја рашири околу себе? Веројатно ништо не нè спречува, а сепак самите се спречуваме. Но, ако сакаме промена, ќе мора самите да ја направиме, бидејќи таа почнува од нас, длабоко од нашето внатрешно јас.

Сакате да почувствувате љубов, сакате да бидете пријател, сакате да ве сакаат и почитуваат – не срамете се да си го признаете тоа а потоа и да го добиете. Едноставно е, доволен ви е само убав збор. Не можете да го изговорите? Тогаш напишете го. Пратете смс, оставете писменце, подарете книга и составете своја посвета… Постојат илјадници начини да ја повикате љубовта што ја има околу вас, но најпрвин подарете ја. Зборувајте полека, за да размислувате додека зборувате. Не дозволувајте лошите зборови да излезат од вас. Сталожете се и убаво размислете. Дури и критиките и нервозата можат да се кажат на начин што нема да прободе ниту едно срце. Верувајте во моќта на убавиот збор и набрзо самите ќе ја почувствувате. И не заборавајте – барем еднаш месечно прочитајте убава книга. Само книгата ќе ви го отвори прозорецот на мудроста и богатството на убавите зборови.

С. Тошиќ