Search for content, post, videos

Погрешни избори или лажни претстави….

Погрешни избори или лажни претстави….Збунето гледајќи во белилото на екранот, се трудам да ги склопам речениците во нешто предизвикувачко или поточно веќе нешто сосема познато – погрешниот избор. Иако секојдневно се соочуваме со погрешни избори почнувајќи од погрешно одбраната кифла за појадок која наизглед делува превкусно, а кога ќе ја загризете сфаќате дека е премногу тврда, до погрешно одбраните чевли кои ве стегаат и ви мамат солзи во очите.
Од мали не учеа дека за се во животот треба да се размисли трипати пред да се направи, и верувале или не, јас слепо се придржувам до тој совет. Не само што трипати размислувам пред да одлучам да направам нешто, туку повремено се соочувам со толкава несигурност од типот дали со своите избори ќе повредам или навредам некого, од што најмногу се плашам.
И борејќи се со стравот кој понекогаш ме закочува во она што сакам да го направам, сфаќам дека размислувањето, мерењето и премерувањето на нештата можеби можат да ми помогнат во многу ситуации, но во една не – при изборот на вистинските луѓе во животот. Можеби наивноста си го прави своето, и тоа ми е единственото толкување, но признавам дека и покрај искуството кое колку-толку го стекнав во животот, сепак се уште се соочувам со лажни пријателства.
Кога бев малечка и ќе се скарав со некоја од другарките, ситуацијата едноставно ја решавав со “скар сум ти”, а потоа истата ја решававме срамежливо, со покана за играње. Но денес не е така. Соочувајќи се со лажни пријателства се прашувам, дали јас навистина не знам да си ги одбирам луѓето со кои треба да си го исполнувам секојдневието или пак сум толку слепа на нивните претстави, наседнувајќи како мало дете кое го залажуваат со лижавче за да не му ја купат големата насмеана кукла од излогот.
Разочарана од самото сознание посакувам да можам да го решам проблемот со “мудриот” совет – со отворен разговор. Сфаќам дека тој е едноставно невозможен. Што би зборувале со личноста за која би слушнале дека обожава да сте и тема на разговор штом не сте во нејзиното окружување, а само до пред некоја минута ви била една од пријателките “и во добро и во зло”? Ништо. Таквиот разговор би требало да заврши со сочна кавга која, сепак, не ми доликува.
Сега сум исправена пред нов предизвик – малото откритие, како да препознаеш искрен човек, некој кој со гордо исправена глава би можел да го наречеш пријател. Можеби некому овие зборови ќе му бидат смешни, некој пак можеби откако ќе ја прочита оваа моја мала исповед ќе ми ја открие тајната формула за препознавање на лажните вредности со цел истите да можам да ги избегнам?!
Времето ќе ми покаже, а дотогаш се надевам нема да наседнам уште на некоја “лажна претстава”.
С.Тошиќ