Search for content, post, videos

Покажи ми дека ме сакаш…  

Каменот и рече на карпата- “Кога животот ќе донесе бура и таа ќе ти го распарчи телото, не заборавај дека ќе бидам до тебе. Ти ветувам, ќе се стркалам низ сета мака и ќе стигнам до тебе.” Каменот и рече на карпата, но не и човекот мене…

Не знам зошто сите мислите дека сте вечни. Дека го имате на располагање сето време на овој свет. Дека вие ги контролирате нештата… Тоа е заблуда. Во текот на овие неколку години научив дека она што е суштинско се гледа само со душата. Се чувствува. Дека насмевката е најубавото нешто на светот, дури и кога на лицето има бескрајно многу траги од солзи. Запамтив дека секогаш ќе се најдат околу нас многу што ќе кажат милиони причини дека нема да успееме, а само еден глас ќе ни шепне- Обиди се уште еднаш. И додека ние бараме безброј начини да му ја докажеме нашата вредност на светот, тој наоѓа само една да ни го заврти грбот. И треба ли да ви кажам што следува натака? Реката и после тоа ќе тече по своето корито, ветрот и натаму ќе пополнува широки пространства, сонцето повторно и другото утро ќе изгрее на исток… само ние ќе останеме поразени пред себеси, со една тага повеќе во очите. Тоа го научив јас сите овие години самотија и покрај толку многу луѓе околу мене. И сепак сум среќна и се чувствувам како да го поседувам целиот свет, моќна како да го држам на дланка и упорна како да сум на чекор пред највисокиот врв на светот. Но, моите чекори не одат кон тие осамени места. Јас ја дадов својата душа и за возврат добив потсмев. И барајќи се себеси низ времето, пронајдов многу вистини. Една од тие вистини е дека сама се борев и риев како крт за своите соништа, дека сакав искрено и чисто и покрај сите нешта неправедно направени пред моите очи, дека возраста и годините кои се нижат не се причина да донесеме погрешни одлуки само за да ја избегнеме самотијата, а токму таа боли најмногу меѓу сите луѓе. Кога ќе дојдете во ситуација да бидете осудени без да бидете сослушани, можеби ќе се сетите на овие мои зборови. Но, сеедно… Јас сум среќен човек. Како дете. Како насмевка. И ништо друго не барајте, бидејќи тоа е доволно. Токму тоа сакам да ви го кажам. Имате безброј причини за радост и додека сеуште ги имате, не им го вртете грбот. Патувајте, смејте се, борете се за своите соништа, љубете многу, сакајте се себеси и кажете им на сите што чувствувате… бидејќи ние не сме камен кој секогаш може да се стркала до карпата.

Надица Пушкоска