Search for content, post, videos

Позитивна промена и љубов – основно правило за хармоничен брак

Јасмина Василева e дипломиран и лиценциран психолог, со завршена обука за когнитивно-бихејвиорална психотерапија и семеен и системски советник.

Стереотипите велат дека жената е за дома, а мажот за на работа. Колку е ова застапено во Македонија? Дали младите двојки ги надминуваат овие стереотипи?

Во минатото, мажот/таткото имал улога да овозможи економска основа за семејството, додека пак мајката била одговорна за одгледувањето на децата и грижата за домот. Оваа родова распределба, денес кај младите е наследена од претходните генерации, односно некои денешни млади брачни парови веројатно биле одгледувани на сличен начин во своите базични семејства, па како вредност и начин на живот тоа и го наследиле. Се уште постојат традиционални семејства кои негуваат распределба на машки и женски улоги, меѓутоа трендот е во опаѓање, односно младите тежнеат да се движат кон демократски, рамноправни семејства, што е секако за голем поздрав и голем предизвик за новите генерации.

Колку по стапувањето во бракот, младите двојки се свесни за обврските кои произлегуваат од него? Дали може да се продолжи истиот начин на живот како и пред брак, или сепак бракот на наметнува обврски со кои што младите двојки не биле претходно запознаени?

Стапувањето во брак како еден од најсреќните моменти во животот на човекот, претставува еден развоен премин кој е проследен со бројни предизвици. Предизвиците бараат од брачните другари да направат бројни промени и прилагодувања. Секако дека предбрачниот живот, кој е полн со слобода е многу поразличен од брачниот живот, кој бара време за адаптација, реорганизација на обврските, распределба на улогите внатре во семејството, градење на домаќинство, развивање на вештини за комуникација (особено кога ќе настапи родителството). Љубовта завзема една нова улога, но секако е важно да се негува грижата еден за друг и да се најде начин да се направи баланс помеѓу потребите и очекувањата на партнерите.

Одвојувањето од базичните семејства претставува главна точка во новиот брачен стадиум. Се смета дека предуслов за успешен брак е успешно одвојување од базичните семејства, каде во новото семејство партнерите ќе изградат една уникатност за своето семејство и посветеност еден за друг.

Раѓањето на децата е најрадосниот момент во животот на сите. Сепак децата доаѓаат со свои барања. Колку брачните партнери треба да се застапени околу децата, пред се со своето присуство, а потоа и со исполнување на нивните барања и дали се запознаени со обврските што ги очекуваат?

Развојот на детето значајна е динамичната интеракција на двата родители. Суштината на родителството е во подготвеноста возрасните најсоодветно да ги задоволат детските потреби и да го водат нивниот развој кон повисок квалитет. Улогата на мајката и таткото е незаменлива и секој има своја специфична задача и важност врз детскиот развој. Пожелно е двата родители да изградат топли емоционални врски со детето. Среќните вести се што денес се создаваат системи за поуспешно родителство како обуки на знаења и сметам дека тоа ќе го унапреди развојот на идните генерации.

Моментално се актуелни обуки за пошироката јавност за поуспешно родителство организирани од страна на Институтот за семејство и брак – Алтернатива Скопје. Препорачливо е младите брачни парови кои планираат семејство да се вклучат кон ваков тип на обуки, затоа што разликата е огромна во однос на квалитетот на родителството.

Неретко настануваат несогласувања во бракот, токму поради овие семејни обврски. Се почеста појава е и разводот. Како да се надминат овие несогласувања со цел одбегнување на разводот како последна фаза на несогласувањата?

Родителството е тест за брачните односи. Од голема важност е да се види разликата помеѓу брачното и родителското функционирање на брачните другари. Партнерите често имаат потешкотии на родителско ниво, родителски несогласувања, па тоа им ја загрозува и брачната дијада и обратно, поради неразрешени брачни потешкотии може да дојде до намален квалитет на родителско ниво.

Доколку дојде до продлабочување на брачната криза, што неретко тоа и се случува, првата дестинација на брачните другари пожелно е да биди избор на психотерапија, како би се направил обид да се разреши кризата и да се стабилизира бракот. Разводот  треба да биде последното решение откако ќе се исцрпат сите можности за одржување на бракот на функционално ниво. Разбирливо, родителите во процесот на развод често се чувствуваат беспомошни како да постапат и како да им помогнат на своите деца.

Во оваа состојба на пандемија, процесот на добивање на  стручна помош е отежнат, но за среќа се почесто се создаваат алтернативни можности на онлјан советување и психотерапија како платформата на онлајн психотерапија ПЗУ “Психомедика” – Битола составена од  психијатри и психолози, која нуди можност за безбедно онлајн советување и поддршка во секое време.

Доколку разводот сепак останува како крајно решение донесено од страна на брачните партнери, пожелно е да се помине низ него со една голема внимателност кон децата.

Колку е разводот штетен за психичкиот развој на детето?

Разводот за детето претставува трауматичен и неочекуван настан во неговиот живот, за кој ќе се потребни механизми со кои детето ќе го прифати разводот на своите родители. Очекувано е детето да појави некое симптоматско однесување поради што е изложено на некоја форма на страдање, отсутност, рассеаност, намалена енергија, интерес и радост. Ова се дел од пропратните елементи во тој период. Често се случува децата да се почувствуваат виновни за распадот на бракот на нивните родители и токму затоа е важно да се обрне внимание од страна на родителите и убаво, јасно на детски јазик и според возраста на децата да им се објасни што се случува и секако да се обидат да ги растеретат од непотребното превземање на одговорност околу разводот и чувството на вина. Потребно е да му се даде простор и време на детето емотивно да се испразни, да се разговара околу неговите дилеми доколку постојат и да му се даде максималната родителска љубов и грижа.

Како да се пристапи кон оние деца кои живеат со еден родител, а да не чувствуваат недостиг од љубов и внимание?

Родителите засекогаш остануваат родители на тоа дете и е важно така да му се пренесе на детето. Детето треба да ја развие таа мисла, дека мајката и таткото остануваат негови родители засекогаш, но веќе не се брачни другари и не живеат заедно поради нивни брачни потешкотии.

Бидејќи парот не се разведува на ниво на родители, детето не треба да чувствува недостиг на љубов и внимание, односно во процесот на неговото растење и зреење треба повторно да настојувааат  интензивно да се  присутни двата родители како и претходно, но овој пат поради промена на структурата тие имаат задача да се реорганизираат на нов начин. Доколку детето остане со едниот родител, тоа не значи дека другиот родител треба воопшто да го нема. Незадоволството, лутината и гневот од разводот пожелно е родителите да не го проектираат врз детето, а најмалку да го користат како оружје против партнерот. Љубовта кон детето и се што е во најдобар интерес за детето не треба да биде намалено или уништено, затоа што децата се најголемото богатство што некогаш сме го имале и ќе го имаме.

Кое е според тебе основно правило за хармоничен брак?

Промена! Промена во смисла на раст и развој на бракот! Флексибилноста на партнерите е од исклучителна важност. Да имаме добар слух за нашиот партнер, добар сензор за неговите потреби и да се обидуваме секој ден да наоѓаме компромисни решенија. Стабилноста на бракот од голема мера се состои во неговата динамична променливост во смисла на подобар квалитет. Бракот како и животот поминува низ многу транзиторни точки затоа е многу важно да сме запознаени со нашите развојни предизвици како би можеле соодветно да одговориме на истите, да се поместиме без да паднеме. Промената носи поголема стабилност за бракот.

Секако да не ја заборавиме љубовта! Детето преку брачната врска осознава многу за љубовта, бракот и односите во него. Тоа остава вечен белег на него. Пожелно е партнерите да наоѓаат време кое ќе биди резервирано лично за нив, на тој начин ќе ја зајакнуваат својата емотивна врска, но ќе имаат можност и да се одморат, да соберат сили и да бидат многу поквалитетни родители.

Нена Неновска