Search for content, post, videos

Празници се ближат… и низа задоволства нижат

 

Новата година и Раѓањето Христово (Божиќ) се причина плус за потесното или поширокото семејство да се собере и да прослави, а суштината е… животот, се разбира. Без оглед на тоа какви беа изминатите триста шеесет и пет дена, на празниците се радуваме сите, без исклучок, со надеж дека идните ќе ни донесат благосостојба, здравје и многу, многу среќни моменти. Не треба да заборавиме и да се заблагодариме. Накитената елка е неизбежен декор, лампионите, светилките, по некој ангел закачен овде-онде… А трпезата, барем за Нова година и Божиќ, нека биде царска. Украсете ја во празнични бои, црвена, зелена, златна…

 

Убавината ја чинат малите работи

Во декорирањето на новогодишната и на божиќната трпеза, вклучувајќи го и домот, уживаат сите, и најмладите и повозрасните. Тоа е нешто што го прави амбиентот празничен, а и придонесува атмосферата да биде свечена. Влијае врз расположението, нè прави радосни, среќни, полни со оптимизам, ни помага да сфатиме дека животот е навистина убав. Затоа и не е случајно, Новата година и Божиќ да нè мотивираат секој ден да живееме убаво, окружени со луксуз, раскош, сјај. Луксузно не е само изобилието на скапи нешта, туку и сè што е неопходно за животот да биде убав. А факт е дека убавината ја чинат малите работи како, на пример, китењето, украсувањето на домот и, секако, на трпезата. Неколкуте денови поминати заедно со блиските нека бидат исполнети со љубов. Празниците се тие што ќе ја зацврстат, бидејќи тешко дека некој може да остане рамнодушен на убаво декорираниот дом, каде елката зазема централно место, и да не ужива во амбиентот.

Според истражувањата, караниците во семејството и на работа се најмалку присутни околу Нова година и Божиќ, а самите денови се нешто посебно. Тогаш, традиционално, вртиме нова страница од животот. На иднината гледаме позитивно, во духот на празниците.

Помалку е повеќе, и во декорирањето

Лампионите, светилките и по некој ангел овде-онде можат да го направат домот поубав од кога и да било. Но, таму е и стапицата. Доколку претерате во китењето, постои можност и да добиете контраефект – кичест дом. Може да се користат и таканаречени адвентистички венци, дедо мразовци, борови гранчиња, ѕвездички, свеќи, снешковци и така натаму, но со мерка. Трпезата треба, исто така, да се украси во стилот на кој е накитен останатиот дел од домот, во соодветни бои. Познатиот архитект Лудвиг Миес ван дер Рое рекол: „Помалку е повеќе”. Иако неговата изјава се однесувала на архитектурата, може да се примени и во декорирањето, како на целиот дом, така и само на трпезата во него. Целта е да се постигне децентност и елеганција. Прекумерната колоритност, блескотот и сјајот заморуваат. Тие се дозволени во забавните центри и никаде на друго место. Со црвената, зелената, белата, златната или сребрената боја нема да згрешите, тие се препознатливи новогодишни и божиќни бои. Можете да си поиграте и со сината, што ќе даде извесно студенило, типично зимско, како и со бојата на пурпурот, симболот на раскошот. Лесно ќе најдете кадифени или сатенски ленти, свеќи, проѕирни или перли во иста боја, земете неколку борови гранчиња, шишарки и… препуштете ѝ се на фантазијата, дајте сè од себе. Резултатот нема да изостане. И вие и блиските ќе уживате во декорацијата на домот, на трпезата и, секако, во вкусните јадења кои традиционално ги приготвувате за Нова година и Божиќ.

Во црвено и зелено, сребрено или златно

На средината на масата нека има адвентистички венец. Доколку не китите тематски, обвиткајте го со ленти и ставете панделки. Во него, освен ламба со новогодишни и со божиќни мотиви, можете да ставите еден или неколку свеќници со различна висина, но внимавајте венецот да не се запали. Убав избор е и дебела свеќа, а икебаната со природни борови гранчиња и со украси што ќе ги направите самата ќе изгледа уште поубаво. Ако ваш фаворит се, на пример, црвената и зелената боја, со неколку детали трпезата може да изгледа отмено, поинаку од досега. Црвени подметнувачи без шари на масата, директно, или на зелен, исто доколку е искомбиниран со едноставен сервис од порцелан во бела боја. И приборот за јадење нека има едноставни линии. Ставете го на црвени платнени салфети, врз чиниите, заврзете ги со зелена лента, а местото каде што е панделката накитете го со лисја и бобинки од новогодишно, божиќно дрво. На ефектот, резултатот од таквата, оригинална декорација ниеден гостин нема да одолее. Масата не мора по секоја цена да има венече или икебана во средината. Можете да ја разиграте со помали свеќи. Тие се незаобиколни кога трпезата ја декорирате за Нова година и Божиќ. Ги симболизираат вербата и надежта. Ако се одлучите за црвени плоснати свеќи, керамички садови, вази или чаши во кои се ставени свеќите, а нивната боја одговара на сервисот, украсете ги со бобинки, со гранчиња чемпрес и смрека. Може да стојат и на комода или на некој друг елемент од трпезаријата. Идеите се неисцрпни, вие треба само да решите што сакате, и да ги реализирате. Радоста е поголема. Штета е прошетката во шума да не ја искористите за да соберете шишарки. Керамичката или стаклената чинија во сребрена или златна боја покријте ја со борови гранчиња, убаво ќе изгледа и со лавра, а врз нив ставете ги шишарките. Такви аранжмани прилегаат на сè. Украсните чаши наполнете ги со перли, ореви, бобинки, со стаклени топчиња.

Во „филмот” на Дедо мраз…

Се разбира, декорирањето може да биде и тематско. Многу ѕвончиња на масата, на панделките од салфетите, на столчињата… или снешковци, од керамика до волна. Исечете слики од списанија, каталози, напрскајте  вештачки снег, безлисните гранки испрскајте ги со златен или сребрен спреј… Дедо мраз е секогаш интересна тема. Има безброј украси кои асоцираат на него, од капи, преку санки, до фенери. Барем еден поголем Дедо мраз мора да имате. Впрочем, кој нема!? И, секако, ангелите, тие прекрасни „битија“. Фигури во златна боја, бели крилја од пердуви, труби и харфи бојосани сребрено, бели вештачки цветови, гранки… Нема ограничување, китете со мерак и уживајте во празниците, на трпезата, со најблиските. Притоа наздравете, за многу години.