Search for content, post, videos

Пред да ми даде животот крилја, судбината ми ги скрши нозете

Понекогаш миговите не прелетуваат, не одминуваат, не прегазуваат. Но, човек мора да се научи да живее со своите загуби, да ја прифати стварноста и да продолжи понатаму. И до ден денес не ми е јасно како да заборавам, како да преболам, како да ја намалам потребата од еден човек кој секогаш безрезервно ме сакаше, кој знаеше да ја стави својата рака на моето срце, да ме погали по главата и да ми каже дека се ќе биде во ред. Сега сите убави зборови се претворија во навреди, од најблиските и најдалечните, сега веќе ја немам таа вредност во ничии очи, одамна веќе го немам тој спокој во душата, никој како него не застанал до мене во најолемата бура за да ми каже дека верува во мене и дека знае дека ќе успеам да изградам нешто од животот. и сето она што го создадов, го направив заради неговото верување во мене, во мојата бескрајна вредност како личност во неговите очи. Сите во животот имаме некој кој не сака премногу, некоја сродна душа, некој кој се појавил во нашите животи со причина, некој кој откако ја извршил својата мисија, бил слободен да си замине. Но, јас сеуште го барам него покрај себе, сеуште не сум се научила доволно, премногу сум лута што ме остави на половина пат. Се надевам дека сите вие ќе ја разберете вистинската вредност на животот и ќе ги сакате луѓето со целото срце, бидејќи не можете да знаете кога е последниот момент кој ќе го споделите со нив. Не заборавајте на љубовта. Времето поминува и станува само сеќавање. Не оставајте ништо за во иднина, бидејќи иднината започнува токму сега. А јас секогаш ќе се сеќавам на неговите зборови и на убавиот живот кој ни го овозможи нам. И бескрајно му благодарам за сите нешта на кои ме научи. И знам дека и сега ја става својата рака на моето оптоварено срце, велејќи ми дека секогаш има време да се продолжи напред, а тој е заклучен длабоко во мојата душа, да верува во мене, да ме бодри и секогаш бескрајно да ме сака.

Надица Пушкоска