Search for content, post, videos

Прекрасната кујна на Давор Панчевски

Насмеан, позитивен и креативен. Дипломиран економист на отсек маркетинг кој својата пасија ја нашол во готвењето. Давор ужива во добра храна со добро друштво околу трпеза полна со вкусни јадења и насмеани лица.

За своите почетоци поврзани со кујната и готвењето сака да каже…
Започнав да готвам уште многу мал во петто или шесто одделение ги направив првите француски палачинки. Од тогаш јас бев секогаш задолжен дома за десертот за сите гости кои доаѓаа. Љубовта кон готвењето ја наследив од моите баби и мајка ми која секогаш ми подготвувала домашни јадења. Велат дека кога ќе го работите она што целосно Ве исполнува всушност нема да работите ниту еден ден во животот, па така и јас. Готвењето ми е голема љубов која никогаш не ја чуствувам како задолжителна работа. Готвам речиси секој ден и тоа го правам за мене, за луѓето околу мене и за семејството. Храната ги зближува луѓето, па сметам дека многу важни моменти во секое семејство се случиле околу трпеза полна со вкусни јадења. Не пости ден поминат со пријателите околу трпеза полна различни вкусови, а тоа да не биде добро поминат ден. Секојдневно испробувате нешто ново, нешто што можеби и никогаш не сте се надевале дека ќе биде добар спој на вкусови, но на крајот се случува магија и го имате најдобро подготвениот десерт или ручек.

Кои јадења најмногу сакаш да ги подготвуваш? – Секој тип на храна го подготвувам. Најмногу сакам да подготвувам брзи и лесни рецепти кои ќе се вклопат во брзиот начин на живот кој за жал се повеќе од нас го живееме. Зависно и од годишните времиња и достапноста на свежите намирници на зелените пазари. На пример во зимските денови сакам да исукам некоја пита, истегнам некој мазник или пак да направам домашни кифлички. Кога времето е топло – освежителни летни коктели, брзи ручеци со свежи намирници, салати и овесни појадоци.

Колку сакаш да експериментираш и користиш интересни состојки за да подготвиш јадење кое ќе ги воодушеви сите? – Секогаш ме предизвикуваат нови состојки во не толку очекувани варијанти. На пример доколку направите смути со свежи праски, малку цимет, прстофат инстант кафе и јогурт, на лик личи дека ќе добиете нешто што не би се ставило во уста, но всушност добивате одличен појадок кој има експлозија на вкусови. Исто така, неодамна објавив рецепт за здрави и брзи бомбици на Фејзбук и Инстаграм со путер од кикирики, урми и експандиран ориз. Сите овие состојки ги блендирате, ги формирате бомбиците и ги валкате во растпоено чоколадо со малку кокосово масло. Навистина се вкусни.

Дали досега си имал соработка со некој познат светски готвач? – Класична соработка сум немал, но сум бил поканет на меѓународна конференција за храна во Нови Сад, а воедно и имам добиено неколку готвачи од мојот идол Анабел Ленгбајн потпишани со посвета за мене. Воедно, Анабел го има и мојот втор готвач Најдоброто од Македонската кујна, кој е издаден на македонски и англиски јазик во две посебни изданија.

Издаде своја книга со рецепти и дали планира ново издание, со некои нови рецепти..

Првата книга „Гответе насмеани“ веќе го троши и своето второ издание, па најверојатно во текот на 2023та ќе се испечати и ново трето издание. Втората книга „Најдоброто од македонската кујна“ е издадена на македонски и англиски јазик во две посебни изданија, па воодушевен сум од пораките кои често ги добивам на социјалните мрежи од луѓе кои ги купиле и готват по нив. Добивам пораки и од Австралија, Нов Зелнад, Америка, Канада, Германија од луѓе што ја купиле и се воодушевени од дизајнот, рецептите и целокупниот концепт на кои можат да ги зачуваат македонските традиционални рецепти.

Давор многу сака да подготвува традиционални македонски јадења…

Традиционалните јадења се наоѓаат најмалку два до три пати неделно на моето мени. Секогаш подготвувам традиционални македонски јадења и истите некогаш знам да ги променам со цел да ги приспособам кон брзиот начин на живот. Токму и мојот втор готвач „Најдоброто од македонската кујна“ содржи 125 вкусни традиционални македонски јадења кои лесно се подготвуваат во ова време кое живееме и може буквално секој да ги подготви.

Има и интересни случки кога готви…

Секојдневно испробувам нови работи и нормално се случуваат и тотални “утки“, што некогаш знам да споделам и на Инстаграм за тоа. На пример сеуште по некогаш имам „проблем“ со првата палачинка, а еднашка изумив да ставам и желатин во фил за торта кој не се стегнува по природен пат, па кога го извадив калапот целиот фил се разлеа. – Може ли да споделиш некој интересен рецепт? – Здрав тирамису појадок – 50 г овесни снегулки, 200 мл млеко (кравјо или растително) 1 лажичка мед 3 лажици чиа семе и 3 лажици сверено јако кафе. Сите состојки промешајте ги заедно во чаша и оставете да отстои 30 минути во фрижидер. Послужете со лесно изматен шлаг и наросете со малку какао.

– Планови за во иднина… Полека се крчка и третиот готвач, нови до сега необјавени видеа на мојот Youtube канал и многу здрави и вкусни рецепти за појадок, ручек или вечера.

Линкови:
https://www.instagram.com/daveskitchenofficial
https://www.facebook.com/daveskitchenofficial

Силвана Јованчева