Search for content, post, videos

Прогласете независност

Слободата не се освојува лесно. За неа се водат војни. На слободата и се посветени бројни стихови, песни, романи….врвни уметнички дела. Таа бара жртви. Истрајност, Непоколебливост. Но, има непроценлива вредност.

Дали вие ја чувствувате слободата во вашиот живот? Дали сте слободна во контактите со луѓето, во размислувањата, однесувањата? ­ Дали слободно можете да му ги кажете на партнерот вашите мисли и желби? Дали  слободно можете да и кажете на вашата пријателка што мислите за нејзината нова фризура? Вистинската слобода во животот ја дава чувството за слободно размислување, однесување и зборување така како што срцето ни диктира.

Слободата е состојба на срцето. Може да се чувствуваме заборавена и при најголемо богатство и слободна зад решетки. Дали вашите стравови,несигурности, верувања и животни планови го контролираат начинот на кој ги минувате деновите? Ослободете го вашиот дух од автоцензура и претерана самокритика. Одвојте неколку минути да и се восхитувате на убавината и храброста на вашата душа.

А потоа…ако сакате уште повеќе да ја ослободите вашата душа…помислете неколку минути на некоја личност која не ја цените и најдете начин да го смените вашето мислење и да почнете да ја почитувате. Таквата слобода, да најдете љубов во вашето срце за сите, е вистинско ослободување на душата. Затоа…

Ослободете се од сигурноста!

На светот му се потребни многу повеќе слободоумни, екцентрични личности, секогаш подготвени да ризикуваат,  како Пикасо, Мајка Тереза  кои отскокнуваат од другите или пак остануваат сами ако е потребно само за да ги реализираат своите соништа и визии. Најважно е да живееме додека сме живи. Затоа, ослободете се од духовната умртвеност која е последица на живот скриен зад ѕид на наметнати дефиниции за тоа која  сте и што треба да сте.

Ослободете се од грижите!

Нашите мисли постојано талкаат во иднината, на која трошиме многу време губејќи се во лавиринтина потенцијални можности, одлуки, претпоставки “што- би-било-кога-би-било”. Грижите се непродуктивни, непотребни и целосно бескорисни. Статистички е докажано дека повеќето работи за кои се грижиме , воопшто и не се случуваат, па така грижите непотребно ја трошат нашата креативна енергија. Грижите нема да направат утре да немаме проблеми, тие ќе направат денес да немаме сила.

Ослободете се од конфузноста!

Оние луѓе кои имаат интегритет, чии главен интерес се сопствените вредности и развивањето на својата личност, ретко запаѓаат во конфузија. Тие точно знаат кои се, што сакаат,какви се нивните ставови и како да стигнат до нивната цел во животот. Секој во себе  има најјасна и најпрецизна визија за себе, па така не треба да одиме никаде подалеку од себе за да откриеме.

Ослободете се од дволичност!

Ова е многу важен елемент во карактеротна една личност, а се однесува на искреноста, вистинитоста и интегритетот на личноста. Кога сакаме да ги истакнеме позитивните страни на една личност, обично велиме дека тоа е личност од доверба. Кога во една личност имаме доверба тоа ја става на врвот на листата на лиѓе со кои сакаме да бидеме во постојан контакт. А така и ја препорачувамена други во средината, како личност која заслужува доверба. Затоа, за да ги подобриме односите со самите себе и со околината треба целосно да ја прифатиме сопствената автентичност… и да се ослободиме од секаква потреба од дволичност, за преправање, искривување на вистината, глума и неприродност. Какво чувство ве обзема кога контактирате со дволична личност? Непријатно. Лажно. Обичното поздравување наутро делува изнасилено и извештачено. А најобичната учтивост делува стерилно.

Ослободете се од сложеноста!

Светот во кој живееме ни наметнува компликуван, стресен, сложен начин на живот. Ако не сме внимателни, може да се изгубиме себе си, сопствените вредности, да ја изгубиме радоста и да западнеме во стапицата на поголемите барања. Нека едноставноста ви стане приоритет во животот, Не е лесно да се постигне но започнете така што ќе почнете да размислувате колку вашиот живот го одразува она што сте. А најважно од се- кои се вредностите што ги цените. Намалете ја сложеноста на животот така што ќе ги елиминирате непотребните барања, а потоа животот сам по себе ќе стане поедноставен.

Ослободете се од стравот!

Прв чекор во надминувањето на  стравот  е да го прифатиме фактот дека од него може да се ослободиме само во сегашноста. А да ја надминеме опседнатоста од стравот, треба да престанеме да заглавуваме меѓу минатото и иднината и да се префрлиме таму каде што постои слободата, а тоа е сегашноста. Зашто само во сегашноста имаме слобода. Да го сакаме она што го имаме, да го правиме она што можеме и да бидеме она што сме… и нашиот живот ќе има значење. Храброста не значи недостиг на страв, туку проценка дека нешто друго ни е поважно  од стравот.

Ослободете се од критикувањата!

Другите луѓе може да имаат свое мислење. Може да даваат забелешки. Може да критикуваат колку што сакаат. Тоа е нивно право. А ваше право е да ги игнорирате нивните забелешки и критики. Тоа што тие го  мислат  за вас не е ваша работа . Секој може да критикува, осудува, да се жали…повеќето тоа и го прават. Но вие не сте тие. Прогласивте независност од оние кои постојано критикуваат без да понудат конструктивни сугестии. Не барајте грешки туку решенија.

Ослободете се од осаменоста!

Сакате да ја доживеете слободата на топлината и другарувањето која следи  откако ќе ги споделиме чувствата и мислите со другите луѓе? Мора да излезете од вашиот заштитен слој и да им дозволите на другите да ви се доближат. Првин запознајте ја сопствената личност така што ќе погледнете длабоко во себе, а потоа обидете се да бидете целосно искрена со другите. Ожајот и изолираноста од другите ви е најголем внатрешен непријател. Мора да научите дека не сте сама дури и кога се чувствувате така.

Ослободете се од притисокот!

Сите имаме притисоци- преоптоварени сме со работни обврски, финансиски трошоци, грижи, со исцрпеност во различни облици. Сметаме дека решението е во контролата. Но, обидувајќи се да ги контролираме обврските, тие неизбежно не контролираат нас.

 

Забавете малку за да си дадете простор за ослободување од притисокот.  Така ќе постигнете зголемена чувствителност и време за позитивни мисли и активности. Човек е богат во зависност од тоа колкав број работи може да си дозволи да ги занемари.

Прогласете независност од старите шеми, навики, врски, зависности кои ве ограничувааат. Одлучете да  живеете според вашата совест и највисоки аспирации. Сакајте го она што го имате! Правете го она што может! Бидете она што сте!