Search for content, post, videos

Прогласувам независност

Му објавувам војна на стравот, се спротиставувам на туѓите, со сила наметнати норми, го раскинувам притисокот, ја бришам дволичноста, ја блокирам негативноста, се ослободувам од немирот… едноставно, прогласувам независност. Обидете се и вие. Верувајте, има непроценлива вредност.

ПРИФАЌАЊЕТО НА КРИТИКУВАЊАТА Е ИЗБОР

Многу често пријателите и оние кои не почитуваат знаат да кажат добронамерна критика која знае да ни ги отвори очите и да не освести. Сите имаат свое мислење, свој начин на размислување, свои навики и норми. Но, тоа не значи дека другите секогаш се во право. Прогласувам независност од сите оние кои знаат само да критикуваат, без да кажат еден убав збор и кои осудуваат без да понудат паметни сугестии. Мојот начин на однесување, зборување, мојот начин на облекување, со еден збор, овој живот е само мој и само јас го имам тоа право над него. Сите знаат да бидат паметни кога се работи за туѓите животи, да измислуваат правила, да кажуваат празни совети, да се жалат. И најчесто, сите го прават тоа, но не бидете и вие како нив. Помислете барем за миг на некоја личност која премлада го загубила животот или која се соочила со тешка болест. И бидете искрена, дали повторно ќе потрошите дел од животот на кукање и ќе го трошите секојдневно со разочараност? Затоа, правете го она што ви се допаѓа, живејте го животот на ваш начин и бидете среќни затоа што среќата, најчесто е избор.

СЕ ОСЛОБОДУВАМ ОД СТРАВОТ

Многупати се фаќам во костец со стравот, се гледам себеси како треперам и немоќно паѓам на дното. Но, овој пат, решив да се ослободам од него. Тоа не значи дека веќе никогаш нема да го почувствувам и засекогаш ќе се ослободам од него, но тоа покажува дека нешто друго ми е поважно за кое вреди да се борам. Животот секогаш наоѓаше начин да ја испроба мојата истрајност, ми откина дел од себеси, многупати ме падна поразена на дното, ме натера да се плашам за своите најмили… но, веќе е време таа планина со жива лава да се надмине. Одамна престанав да ги барам одговорите во утробите на нештата или кај другите луѓе. Научив дека тие се наоѓаат длабоко во мене. На светот му се потребни силни, разумни, храбри и позитивни луѓе. Проблемите и тагата не одминале никого, но секој различно одбрал да ги преброди. Изборете се за своите желби, научете се на истрајност и отфрлете до стравот бидејќи го имате само овој живот на располагање.

ГРИЖИТЕ СЕ НОРМАЛНА РАБОТА

Мислам дека најголемата грешка во мојот живот до сега е тоа што на сите ситници кои ќе се појавеа на патот како пречки, гледав со големо загрижување. Сите нешта кои не се одвиваа по мојот план, ме носеа до големо загрижување и разочарување. Потполно погрешна одлука. Некои велат дека човек не се менува, дека сите сме онакви какви не создала природата. И можеби навистина е така, но со сигурност можеме да го промениме начинот на кој ги гледаме нештата. Грижите се потполно непродуктивни, ни ја одземаат силата и не прават уште покршливи. Постојано се грижев што мислат другите, дали со некоја постапка би ги налутила со што засекогаш ќе ги изгубам, се грижев за нешта кои веќе поминале и за оние кои воопшто не се ни случија. И знаете што? Не постигнав ништо друго освен што ја изгубив силата. Затоа, сега на нив гледам како сосема нормална појава, како дел од животот, како еден тест кој ја проверува нашата сила и издржливост и кои на најдобар начин мора да се решат.

НЕ КАЗНУВАЈТЕ СЕ СЕБЕСИ

Честопати знам да си поставам превисоки цели и барања и да не успеам да ги исполнам. Тогаш се казнувам себеси со големи ораничувања, заради моите големи пропусти. Но, научив дека се додека ги правам вистинските нешта, се додека ги носам како корења вистинските морални вредности, се додека сум човек кој се обидува да биде добра личност, јас заслужувам нова прилика за среќа. Не сме само ние самите заслужни за успехот или неуспехот кој ни се случува. Понекогаш и животот знае да ги успори нашите чекори или да ги затвори вратите на сите можности. Научив да си дадам прилика, научив да дишам длабоко, да се сакам и почитувам, да не се терам себеси онаму каде што знам дека не ми е местото, дури и ако другите мислат спротивно на тоа. Научив да го слушам гласот на своето срце и да ги ставам на прво место неговите желби затоа што јас сум потполно сигурна во неговата наивна искреност.

ЗАВРТЕТЕ МУ ГРБ НА ПРИТИСОКОТ

Кога ќе се завртам наназад, со разочарување и жал можам да кажам дека долг период сум живеела живот по наметнати дефиниции, сум премолчувала таму каде што требало да зборувам и тоа гласно, сум се плашела онаму каде требало да се борам, сум ги проголтувала без збор туѓите навреди и за добро на сите сум ги прифаќала туѓите упатства за мојот сопствен живот. Но, сега гедам дека сум грешела. Дали некој друг може да знае што е подобро за мене од себе самата? Пораснав во семејство каде секогаш имаше љубов и почитување, ме учеле да имам свој интегритет, да стојам цврсто на земја кога другите луѓе создаваат земјотрес од злоба на мојата почва. Сега се прашувам, што ли сум мислела? Која беше мојата визија за себе, за другите, за светот? Мислев дека ќе откријам талкајќи, но вистината е дека не треба да одиме никаде подалеку од себеси за да откриеме што навистина сакаме во животот. Ослободете се од притисокот кој не ви дозволува лесно да дишете, ослободете се од се што ве оптоварува и со леснотија создавајте ја вашата приказна.

Надица Пушкоска