Search for content, post, videos

Промоција на книгата „Лидерството и мирот“

Во просториите на Меморијалниот центар Фондација „Никола Кљусев“ во Скопје, на 6 јуни, се одржа промоција на книгата „Лидерството и мирот“ на авторката Весна Дамчевска Илиевска.

Во име на Меморијалниот центар Фондација „Никола Кљусев“, за топло добродојде на присутните се обрати Др. Људмил Кљусев  и со пригодни зборови искажа поддршка за авторката на книгата, со која имаа заеднички реализирани обуки, како и за важноста на самата книга. На промоцијата како рецензенти на книгата, се обратија Проф. Др. Виолета Арнаудова и Проф. Др. Олга Мурџева Шкариќ.

Проф. Др. Виолета Арнаудова – изјави дека: „Во книгата се раѓа идејата да ги запознае читателите со модел на лидерство кој ќе биде ефикасен и ефективен во процесот на учење, поучување и промена на стекнатите знаења во функција и градење на мирот и развој на заедницата која е богата со различности. Во тој поглед во книгата аналитички, критички и селективно се прикажани содржини кои се однесуваат на мировното лидерство во мултикултурен образовен контекст. Овој преглед е ставен во функција на градење на интеркултурализам и интегрирање во мултукултурни, мултиетнички општества“.

„Основата е во самјаграха – што значи сила на вистината. Прво – вистината е дека луѓето се посебни и различни на сите нивоа. И второ, практикување ненасилство – никогаш да не се справуваме преку насилство. И тука е Ахимса – активната љубов, што за Ганди, а и за Весна значат етнички принципи: биди љубезен и ненасилен, сочувствувај, добрувај, почитувај и активно љуби го секое човечко суштество“ – изјави Проф. Др. Олга Мурџева Шкариќ.

„Знам дека само посебни луѓе, умеат вистински, искрено да допрат со своето присуство, ним не им треба некоја висина за да бидат забележани, едноставно во себе носат и небо и ѕвезди и сонце и месечина, доволно за да ве осветлат со сите енергии. Таква е Весна Дамчевска Илиевска“. – искрено изјави Ели Тансковска, претставничка на издавачката куќа Индиго Хаб Креатив.

„Книгата е еден сублимат од идеи до истражувања, искуства, препораки на темата за која продолжува да биде мој предизвик и понатаму. Креирање и имплементирање на стратегија за постојано подобрување на лидерството е една од препораките која е во содржината на оваа книга. Најзначајно од сѐ е да се размислува за поттикнување на процес на самоперцепција, саморефлексија, самопрочистување, самопочитување, самовладеење, да научиме да бидеме лидери на сопствениот живот, да развиваме позитивни емоции и карактеристики. Бидејќи мирот започнува во секој од нас. Немирот е присутен насекаде, во сите сфери на живеење. Мировното лидерство, значи поддршка, взаемност, соработка, градење на доверба, охрабрување, постојано подобрување, учење. Од вештините на лидерството кои се наведени во оваа книга, ќе го споменам позитивното критикување, давање и примање на критика која поттикнува на размислување и развој, наспроти критизирање и етикетирање со негативна нота. Ќе кажете, лесно е да се каже, но ајде како да се направи тоа, и навистина е така, затоа има процес на постојано учење, едукација која овозможува подобрување на вештините со кои се поттикнуваат позитивни карактеристики кај луѓето“. – заврши авторката Весна Дамчевска Илиевска.

С.Ј.