Search for content, post, videos

Промоција на книгата „Македонијо, гордост моја” од Ѓорги Ѓоргиовски

Во фондацијата „Никола Кљусев” во Скопје на 29 ноември, се одржа промоција на книгата „Македонијо, гордост моја” од новинарот и текстописец Ѓорги Ѓоргиовски.

ЃОРГИ ЃОРГИЕВСКИ, Ѓе.Ѓе., е потомок на познати револуционери, Лазар и Ѓорги Ѓоре Парго.

 

МАКЕДОНИЈА КАКО ГАЛИЈА

Како галија во разбеснети води

бранови силни ја заплискувале,

корените наши македонски

вековити останувале.

И што ли уште не провидела,

и какви се ужаси не видела,

но како карпа цврста гранитна,

Македонија простум останувала.

Илинден и АСНОМ гордоста и се,

Осми септември светоста и е.

Жива е, вечна е и вечна ќе биде.

Божја надеж, духот Гоцев, над неа бдее.

И, дури Сонцето Земјата ја грее,

Македонија вековита ќе е.

Бог те чува, Бог ти дава сила,

земјо наша сакана и мила.

Почнува како новинар во „Битолски весник“, набрзо станува и Претседател во Општински комитет на Сојуз на Социјалистичка младина на Македонија за Ресен, во два мандати. Работел како новинар, подоцна и уредник во Центарот за радио и печат- Радио Ресен, во „Нова Македонија”, бил дописник на “Вечер”, „Нова зора”, „Трудбеник”, “Народна задруга”, “Трибина”, “Комунист”, „Македонија“, „Просветен работник“, „Просвета“, белградски „Спорт“, а негов потпис краси издание на „Илустрована политика“. Се пензионира од Општинскиот синдикален совет на Ресен. Бил и многу популарен млад фудбалер, а потоа во Ресен официјално ја пречекува екипата на „Партизан“, но и турскиот премиер Булент Еџевит. Добитник е на највисока награда „Орден на трудот со Сребрен венец“ од Претседалството на СФРЈ, највисоката општинската награда „11 септември“, признание од Општинскиот штаб за територијална одбрана, признание од Редакцијата на „Вечер“, „Златна плакета“ од преспанските иселениците во Австралија, признание од градоначалникот на Рокдал, Бил Саравиновски, од Сливничкиот манастир, од О. У. „Гоце Делчев“- Ресен, и други. Награден е и на поетската манифестација „Сплоти се Македонијо 2020“, на литературниот конкурс „Бдеење на Кокински мугри 2017“, на „Илинденски средби“ во Љубојно во 2013. Текстописец е на познати евергрин хитови, испеани од најпознати интерпретатори на македонската сцена, победнички и наградувани на музички фестивали. Соработува со Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ и со уметникот Живко Поповски- Цветин. Напишал хитови за Томислав Маниќ, Селимова Желчески, Кенан Таировски, Горан Симевски, Адријана Алачки, Петар Нечевски, Ташко Каранфиловски како и песната „Македонија ни е се“ за Петранка Костадинова. Многу од песните наградувани, и победнички на фестивали.
Исто така му беше доделена и „Цветинова награда за мир”, а му ја врачи уметникот и хуманист Живко Поповски- Цветин. Пред присутните Ѓоргиовски ја претстави својата книга со песни „Македонијо, гордост моја”, а ја изрецитира и „Везилка” од Блаже Конески, во чест на стогодишнината од неговото раѓање.

ВЕЗИЛКА

Везилке, кажи како да се роди

проста и строга македонска песна

од ова срце што со себе води

разговор ноќен во тревога бесна?

– Два конца парај од срцето, драги,

едниот црн е, а другиот црвен,

едниот буди морничави таги,

другиот копнеж и светол и стрвен.

Па со нив вези еднолична низа,

песна од копнеж и песна од мака,

ко јас што везам на ленена риза

ракав за бела невестинска рака.

Судбинско нешто се плело за века

од двете нишки, два созвучни збора,

едната буди темница што штрека,

другата буди вкрвавена зора.

Везилке, крени наведена лика,

погледај небо во претпладне златно:

се шари таму и чудесна блика

твојата везба на синото платно.

За тебе нема ни вечерен запад,

ти – морно око на трепетна срна.

Две бои таму ти горат и капат,

две шарки твои – црвена и црна.

Зар не се плашиш од јаркоста нивна,

и најмил спомен дека ќе ти згасат?

Зошто се губиш, ти строга, ти дивна,

дните ти минат, прокоби се гласат.

– И најмил спомен што в душа ми блеска

се гаси од нив ко цвеќе без боја.

Но ти што ловиш звук на чудна песна,

ти си ја кажа судбината своја.

Во контекст на јубилејот, шаховскиот велемајстор Димитар Илиевски со доктор Људмил Кљусев одиграа реми-партија, како дел од стоте натпревари посветени за Конески, кои ги одигрува оваа година. „Цветинова награди за мир” неодамна ја востанови Живко Поповски- Цветин, која се доделува на значајни личности од општествениоти културниот живот.

Силвана