Search for content, post, videos

Ризница на здравјето содржана во лененото семе

Толку мало, а толку моќно – тоа е семето на ленот. Се употребува повеќе од три илјади години, уште од времето на Вавилон. Ленот е едно од најстарите култивирани растенија кое има големо значење во одржувањето на здравјето на организмот и исфрлувањето на отровите од телото.
Лененото семе е еден од најбогатите извори на масни киселини кои ја разредуваат крвта и го намалуваат ризикот од формирање тромбови. Тоа е добар лаксатив, се користи како додаток во разни пецива, житарки, салати, житни снегулки, како и за подготвување чај. По својата содржина на слуз, ленот се доближува до шумскиот слез. Тој е вистинска ризница на добро здравје бидејќи содржи големи количини на витамин Ф. Маслото од лен дава одлични резултати во лекувањето на сувата кожа и го намалува нејзиното прерано стареење, одлично средство е против опстипацијата и ги намалува воспаленијата на органите за дишење, варење и уринарните патишта.

Ленените семки – хит меѓу здравата храна
Овие мали семки изобилуваат со многу хранливи материи, меѓу кои со Омега-3 и Омега-6 масни киселини, витамини Б1, Б2 и Ц, железо и цинк. Ленените семки се 100 пати побогати со фитонутриентот лигнин отколку кој било друг производ. Лигнините во последно време се предмет на многу истражувања поради можните антиканцерогени својства, особено кај ракот на дојката и на дебелото црво. Исто така, тие делуваат против бактериите, габичките и вирусите. Според последните податоци, лигнините го намалуваат талогот кој останува во вените кај артеросклерозата за дури 75 проценти. Лекарите тврдат дека Омега-3 масните киселини од ленените семки му помагаат на крвожилниот систем, односно делуваат противвоспалително и го урамнотежуваат ритамот на чукањето на срцето. Секојдневното консумирање ленени семки може да го намали нивото на штетниот холестерол – ЛДЛ, кој се поврзува со срцевите болести, дијабетесот и метаболитичките синдроми. Ленените семки можат да се консумираат на неколку начини: во облик на ленено масло, иситнети семки или во изворен облик. Експертите ја препорачуваат неговата консумација поради лесната апсорпција на хранливите материи. Лененото семе е хармоничен оброк. Тоа обезбедува есенцијални масти и растителни влакна, и може да биде добар додаток во вашата исхрана и да ви помогне да го избегнете ризикот од одредени заболувања.

 

Ленот во битка со низа заболувања

За зајакнување на организмот – дневно конзумирајте 2 лажици сомелено ленено семе (измешајте го со овошен сок, јогурт, бело кафе, супа или чорба). Семето треба да биде свежо сомелено!

Против кардиоваскуларни заболувања – измешајте 3 лажици ленено масло со 6 лажици младо немасно сирење. Изматете со миксер. Доколку смесата е прегуста додајте 2 лажици млеко. Конзумирајте секое утро на празен стомак.

За намалување на холестеролот – измешајте по 100гр мелено ленено семе, сусам и сончоглед и 100гр кокосово и крупно мелено пченкарно брашно. Ставете во чиста тегла. Секое утро во текот на 30 дена, на празен стомак земајте по 2 лажици од оваа мешавина која ќе ја додадете во чаша јогурт.

За болести на желудникот – 1 лажица корен од гавез измешајте со 1 лажица ленено семе, потоа ставете 2 дл ладен чај од камилица. Чајот повремено промешувајте го со дрвена лажица, а по 2 часа процедете го и пијте го незасладен, половина час пред јадење, 2 до 3 пати на ден.

Средство за чистење на бубрезите – лажица ленено семе се вари со една чаша вода. Течноста во која се варело семето ќе биде доста густа па треба да се разреди со малку вода. Доколку напитокот не ви е вкусен, додајте сок од лимон. Пијте по половина чаша на секои 2 часа во рок од 3 дена.

За лекување на бронхит – 10гр ленено семе се става во стаклена тегла, се прелива со 300гр зовриена вода и се остава да стои 10 минути. Повремено се меша, а потоа се процедува. Течноста се пие во текот на целиот ден, по половина чаша.

Силвана Јованчева