Search for content, post, videos

Само со срцето се гледа исправно 

Што мислите, дали ливадата би ја одбрала темјанушката да биде нејзина судбина за навек, или ја прифаќа затоа што времето одлучило тука да израсне?

Така е и со луѓето. Колку од нас навистина ги сакаме луѓето кои се дел од нашиот живот или ќе чекаме брзо да помине времето како руски воз. Не знам за вас, но јас би откинала парче душа за оние кои се мојот живот. И кога би имала можност да одбирам, повторно би ги одбрала нив. Но, чекајте… не е таа љубов само овие зборови. Јас сум оној бунтовник кој знае да се искара со сите за нив, да покаже и сила на лав кога некој ја допира мојата територија, да се стори и невозможното само да се избегне дождот од солзи врз нивните глави.

И тоа е навистина така. Но, колку од нив би ме одбрале мене и покрај се? Колку од нив ќе се пронајдат низ овие редови и ќе бидат благодарни што сум дел од нив? На колку од нив ќе им недостигам ако ме нема, но како личност која им вреди, а не како брод кој по одлука на судбината пловел по нивното море. Во тоа е поентата. Ретко кој од нас исправно ги гледа нештата. Ги прифаќаме луѓето како наше секојдневие без да ја почувствуваме нивната важност и големина. Во секого гледајте нешто важно. Барем во тие кои се неизбежно покрај вас. И ливадата кога би можела би ја откорнала темјанушката од својата земја. Но, тогаш не би била ништо друго, само обична кал кој никој не би ја погледнал.

Надица Пушкоска