Search for content, post, videos

СЕГА ЗНАМ… знам за мојот најголем успех!

МОЈОТ НАЈГОЛЕМ УСПЕХ СТЕ ВИЕ, ПРИЈАТЕЛСТВО И СРЕЌА… МОЈОТ НАЈГОЛЕМ УСПЕХ Е ТОЈ, ЉУБОВ И СЛАТКА ТАГА… МОЈОТ НАЈГОЛЕМ УСПЕХ СУМ ЈАС, ЛИЦЕТВОРЕНИЕ НА МОЈАТА ДУША!

Долго време размислував за мојот неуспех, и да бидам искрена, не беше само еден неуспех туку
беа низа на неуспеси кои го зафатија мојот живот. И не само тоа, туку ја исцедија и последната
капка сила во мене, па с# беше залудно по сите мои неуспешни обиди. Но, никогаш не сум сакала да се жалам. Па, сфатив дека е подобро да размислувам за моите успеси, бидејќи има и такви. Оние кои секогаш ме носеа само напред, кои ме креваа кога ќе паднев, кои ме бодреа кога ќе почнев да ја губам силата. И веќе не сакам ни да размислувам за неуспесите, за тагата, за оние нешта кои ме прават да се чувствувам понижено, усрамено, тажно… Доста беше од нив. Не сакам да звучам патетично, но сакам да верувам во она: Нова година со нов почеток! Нови нешта, нови
желби, нови исполнувања, нови успеси… Убаво звучи и доста е примамливо. Ако сакам да ги поделам со вас моите досегашни успеси, најпрво ќе треба да ве запознаам со КОМПЛЕТНА,

бидејќи така најлесно ќе ме разберете. Тоа е мојот најголем успех! Затоа што успех е да го  работиш она што го сакаш, да се смееш и тогаш кога не ти е баш до смеење, да се чувствуваш како најважната личност на светот бидејќи тоа е дел од тимот. Да имаш можност да бидеш она што најмногу сакаш да бидеш и да го живееш живо-тот заедно со своите желби. Мојот најголем успех е моето име на тие страници и насмевката која зрачи задоволство. Во тоа е тајната. Во радоста на моето срце, во среќата на мојата душа, кога понекогаш најголемата сила ја црпам токму од таму. Ми звучи навистина прекрасно тоа име, совршено е чувството кое ме обзема дека сум дел од една прекрасна атмосфера, единствена светлина во целата темна ноќ… Можеби и вие понекогаш сте имале да кажете милиони нешта, а сте останале без ни еден збор, кога сакате да ја објасните бојата на вашата душа.
Тоа и мене ми се случува кога сакам да ја насликам музиката на мојот успех и да ја испеам бојата со која е обоена мојата аура. Мојата најголема среќа, најискрена насмевка, најсладок поглед… Како гости во мојот живот, а сепак нешто мое, нешто најубаво, нешто што ќе остане и кога времето ќе ме заборави. Прекрасна идила, не само пред моите очи, туку и длабоко во срцево,со чувство кое не ме остава рамнодушна. За оние кои ми подадоа рака само што ја испружив и кои секогаш преку своите зборови на страниците полни со насмевка умееја да ме кренат високо за да можам да ја видам мојата градина со рози. Тие се мојот најголем успех затоа што ми помогнаа да станам личност каква што сакав отсекогаш да бидам и погледнаа длабоко во моите очи кога сакав да успеам во бурата со зборовите. Не се заборава тоа чувство никогаш. Ниту пак се преболува убавината која се роди длабоко во мене, успеваше во мене и ќе остане да живее засекогаш тука… како збор, како успех, како животна приказна, како моја најголема инспирација во животот за с# убаво што се случува, инспирација за љубов и за уште поголем успех во животот. Засекогаш, непресушен извор на мојата среќа. А, љубовта… И таа е мојот најголем успех, поточно ТОЈ, оној кој го сакав долго време и кој се уште е тука до мене. Не го мерам успехот со ништо друго, туку само со насмевката на моето лице кога е до мене и со трепетот на моето срце. Кога е лицето насмеано, и солзите го губат својот сјај и секаква трага на него. Толку години со длабок немир, со тивки солзи, со многу очај, а сепак, уште повеќе љубов која не задржа заедно сето ова време. И тој е сепак мојот најголем успех, затоа што, ми покажа колку му значам да сум дел од него, ме “прилепи” за себе кога животот ми откина голем дел од срцево, ми бришеше солзи кога нечии дланки се споија засекогаш… Успех е да гледаш во очите кои ги љубиш, да заспиваш со купишта неостварени желби и да се будиш со уште поголема желба за до наредниот ден веќе сите да бидат остварени. Знае љубовта да прави чуда. Навистина сакам да верувам во сето убаво што се случува, затоа што само тогаш навистина умее да живее душата. Ја научив лекцијата на животот, дека не е толку важно колку добиваме, најважно е да го даваме максимумот од себе и да останеме верни на себе и на она што го сакаме. Го сакам чувството да си реалист и романтичар истовремено, но ретко кој може да направи компромис со состојбата на душата и умот. Чест е да се биде љубена и тоа од човекот кој срцето го одбрало. Кога таа љубов би престанала да постои, животот ќе ја  залепи до линиите на лицето кои настанале со времето. Љубовта не ја покриваат ни снежните навеви, ни есенските лисја, ни дождот кој лие сакајќи да ја избрише сета природа и да создаде нова. Успех е мојата љубов, бидејќи си создаде тврдина која тешко кој ќе може да ја распукне, бидејќи е родена во срцево и таму живее. Исклучок се само солзите кои понекогаш знаат да надојдат, но само ја чистат онаа тага што се насобрала како бигор околу срцево и меланхолијата која понекогаш “доаѓа на гости”. Страшно би било кога би рекла дека идеални се нашите денови, без ни малку страв, без ни малку лутина и тага… страшно би било затоа што ќе знаевте дека лажам, а тоа не е мојот најголем успех. Но, кога ќе се завртам преку моето рамо, успевам да видам само љубов и едноставно живот, со сите свои обичаи, мисли и одговорност.

Понекогаш се прашувам дали е успех и кога прељубата ќе навлезе во нашите совршени животи и ќе не направи просечни во својата љубов? Накратко, дали е успех и кога ќе простам за да бидам комплетна во својата душа, а половична во очите на другите? И ќе ви кажам искрено: прекрасно е, единствено, дури и нереално, да бидеш добар во душата и да можеш да ја свртиш главата кога пред очите ти се урива целиот свет. Но, зарем не ми беше поентата да љубам се додека душата се
чувствува целосна и да бидам она за што сум се родила? И да, мојот најголем успех, моето  семејство, заедно со целиот мој живот, со сите падови и успеси, сите насмевки и сите солзи, едноставно, сиот мој живот. Луѓето кои цел живот од не знам каде апсорбираат трпение за
да можат да ја издржат мојата нескротлива природа. Тие секогаш биле подготвени да чекаат на моето задоцнето ветување и да му заблагодаруваат на времето кое им кажува дека по дефиниција јас сум нивна судбина. А нив, како прва и основна помисла им беше и секогаш им е мојата среќа и прашањето, дали ќе се снајдам во времето на невреме. Тие се мојот најголем успех, затоа што ме научија да бидам храбра, ме научија да сакам длабоко и со целово срце, без притоа да барам било
што за возврат… И жедни за моето присуство, секогаш одеа кај реката склона да ги уништува сите ужасни случувања. Мојот најголем успех, моите идеали, моите желби, кои секогаш наидуваат на прегратките на онаа која остана да ми биде и мајка и татко, која се плашеше дека ќе станам несреќна со педигре. Но, моето срце е исклучок бидејќи неговиот испрекинат глас знае да ги
најде звуците на среќата и низ насмев да им каже дека тие се мојот најголем успех.
Конечно, мој заклучок: мојот најголем успех е се она што постои во мојот живот.
Тоа сум јас, тоа сте вие, тоа е се што ме прави среќна и уште повеќе успешна.
Ви благодарам што сте мојот најголем успех и што заедно ќе постоиме испишани на страниците од животот. Знаете дека имате посебно место во моето срце, што ве прави да бидете мојот најголем успех.

Надица Пушкоска