Search for content, post, videos

Што беше тоа пријателство?

Пријателството е една од основните клетки на организмот наречен живот. Секој човек ги има, барем еден или повеќе, или барем така мисли дека ги има.
Што беше тоа пријателство?
Не чудете се што поставувам прашање, бидејќи тоа не случајно го правам.
Според онаа дефиницијата за пријател, тоа е човек кој е секогаш покрај нас, да ни се најде во миговите кога ни е најтешко, секако и во најсреќните, но и во оние помеѓу – кога ни е здодевно, кога сакаме со некој да зборуваме за да ни помине времето, кога сакаме првите мигови на пролетта да ги минеме со едно кафе, а притоа да не мораме ни збор да кажеме.
Да, така беше, некогаш. Секој човек имал таков пријател, барем еднаш во животот, но како минуваат годините, а со нив и како се менува времето се смени
и познатата дефиниција за пријателството. Од здравите клетки на секој живот, се изродија едно чудо “канцерогени”. Или пријатели од корист.

 

Колку пати ви се случило да седите на работа и одеднаш ви ѕвони телефонот, слушате добро познат глас, во следните неколку мига сте пресреќна и задоволна што вашиот стар пријател се сетил на вас и ве побарал, се додека по неколкуте реченици супер разговор и договор за некое кафе во скоро време (кое
нема да се случи но така се вели), не излезе со своето барање – да му завршите некоја работа, да го поврзете со некого или нешто слично. Тогаш еуфоријата полека опаѓа, а вие го продолжувате денот веројатно незадоволна. Некако празна.
Или, пак, дали сте ги проанализирале своите пријатели за кои верувате дека ви се вистински пријатели? Зашто неретко ни се случува да “уживаме” во некое пријателство кое всушност е замаскирано пријателство од корист. Кога пријателката се дружи со вас “на рати”, поточно си има периоди кога ви е најблиска на светот и постојано со вас, а потоа следува бран кога вие сте тука, за
понекогаш, но некој друг пријател е многу поинтересен отколку вие. И уште илјадници слични ситуации…
Размислувајќи за пријателството и неговите вредности – се растажив и решив да напишам неколку реда само поради една причина – вистина е дека некои луѓе се навистина такви, живеат од корист и гледаат буквално да искористат се околу нив и секого, но дел од пријателствата од корист ги создаваме и
самите. Во вечната трка со времето, маскирајќи се со глупавите изговори дека немаме време ни за едно обично кафе, полека си ги уништуваме пријателствата. Или ги претвораме во пријателства од корист.
Човекот не е создаден да живее сам. А еден вистински пријател е вреден колку и самиот живот. Обновете си ги пријателствата или зацврстете ги оние кои веќе ги имате. Прочистете го животот од оние кои ви пречат, кои ве користат – едноставно избришете ги од листата на контактите. А потоа јавете и се на пријателката и поканете ја на едно пролетно лежерно кафе на балконот или во блиската кафетерија и уживајте во тоа што сте вие – едноставно обични добри пријателки!
Слаѓана Тошиќ
МОЈОТ ПРЕДИЗВИК