Search for content, post, videos

Синиот воз – Прозорец кон душата на Јужна Африка

Синиот воз, како што луѓето го нарекле, има аура на мистичност околу своето постоење. Многу кралеви и претседатели патувале со овој движечки хотел со пет ѕвездички. Неговото име стана синоним на долготрајност во луксузот и преубавите нешта кои ги нуди.

Неговата рута ги носи посетителите низ многу убавини и предели кои го одземаат здивот. Покрај убавините кои се посетуваат и кои можат да се видат од прозорците на возот, целосната услуга во Синиот воз е ексклузивна, почнувајќи од внатрешниот ентериер, а завршувајќи со превкусната храна која се приготвува со зачините и вината што ги нуди Африка.

Апартманите на Синиот воз имаат репутација на раскошни и величествени, и им нудат на посетителите незаборавни моменти на уживање.

Кога ќе одлучите да патувате со Синиот воз, одбирате да влезете во светот на грациозноста, елеганцијата, романтиката и раскошноста. Токму ова го прави патувањето со воз уживање, нереално бегство во друг свет.

 

 

 

 

 

 

 

Синиот воз не оди околу планините, тој поминува низ нив. Се движи низ густите шуми, поминува низ пустината.

Возот ги брка стадата на галопирачки газели низ полињата со диви цвеќиња и се трка со мајмуните низ карпестите предели.

 

Синиот воз претставува луксузно железничко крстарење преку кое ќе ги видите преубавите предели на Јужна Африка, инспиративните пејзажи, ќе ги посетите атракциите од овој дел од светот, ќе ги видите природните национални паркови, а самиот воз перфектно балансира помеѓу луксузот и дивата околина низ која тој поминува.

Јужна Африка отсекогаш била предизвик и ги привлекувала авантуристите и романтичните души. Транспортот во минатото бил тежок поради дивината и неповрзаноста на пределите, но како и поради лошите услови за патување. Така било се до 1923 година кога е пуштена железничката пруга која го поврзува Кејп Таун со Јоханесбург, а луксузниот воз станал реалност. Јунион Лимитед со своите сини вагони меѓу луѓето станал познат како “Синиот воз”.

На почетокот вагоните биле обични, но со цел да им се овозможат убави услови за патување на англиските аристократи кои живееле во Африка, се конструирал луксузниот воз кој уште во 1939 година поставил систем за ладење на воздухот во вагоните. Тој бил првиот ваков воз во Африка.

Со текот на времето возот добил луксузен изглед и име кое значи богатсво и раскош. Прогласен е за најлуксузниот воз во светот. Овој воз патува со брзина од 90 километри на час, а името го добил по бојата на вагоните, како и од фактот што овој дел е богат со сафири и дијаманти, па и неговата приказна се поврзува со овие скапоцени камења и нивниот транспорт.

Железничката пруга по која се движи Синиот воз била пуштена во 19 век. Се протега на околу 1600 килиметри и тргнува од Кејп Таун, главниот град на Јужно Африканската Република, поминува преку Преторија и Викторијанските водопади и оди се до Зимбабве. Од Кејп Таун до Преторија се патува низ спектакуларни делови каде се наоѓаат најбогатите рудници за дијаманти во светот. Движејќи се кон Викторијанските водопади, длабоко се навлегува во африканскиот континент, па се продолжува кон Боцвана и Зимбабве. За да се види Индискиот Океан возот ве носи до Порт Елизабет, познато историско пристаниште од 1820 година.

Синиот воз е единствен водечки светски луксузен хотел со шарм на воз, кој нуди патување во безвременскиот свет на грациозноста, елеганцијата и романсата, патување за оние кои сакаат да уживаат во фини работи.

Запишете го на својата листа желби како доживувањ е кое би сакале да го остварите барем еднаш во животот.

Силвана Јованчева