Search for content, post, videos

Синоним за чај – камилица

Кога ќе се спомене лековито растение, сигурно прво помислувате на камилицата. Ова растение е широко распространето во нашата земја, а чајот од камилица е еден од најомилените напитоци воопшто. Поради својата лековитост камилицата е многу почитувана уште од древниот Египет, како билка над сите билки. Египетските кралици многу ги употребувале ливчињата од камилица, посебно во различните препарати за убавина. Старогрчките лекари, пак, ја препишувале камилицата како лек против сипаници и женските болести. Камилицата е една од деветте светски растенија кои се споменуваат уште од англо-саксонскиот период. Таа содржи: калциум, фосфор, сулфур, смола, горчливи материи, танин и етерично масло.

Дел од секое домаќинство…
Камилицата во нашиот регион е синоним за чај. Ако погледнете кои се лековити својства ги има оваа билка, не е ни чудо што е така. Во прашање е едногодишна, мала билка. Таа расте до височина од 10 до 30см. Препознатлива е по своите ситни бело-жолти цветови и пријатниот мирис. Расте по полињата и крај патиштата, а може да се види скоро на секоја ливада.
Оваа лековита билка го подобрува варењето на храната, ја намалува температурата, ја ублажува болката, ги смирува грчевите, го намалува осипот, ги смирува изгорениците, конјуктивитисот, дерматитисот, ја ублажува депресијата и ја олеснува раздразливоста, ја олеснува мигрената и тешкотиите од климаксот, ги лечи акните, дава чувство на внатрешна рамнотежа. За лек се собира и употребува надземниот дел, односно исушени цветови.
Камилица, вртипоп или боливач е една од најпознатите билки и е присутна во скоро секое домаќинство. Најлековит дел се нејзините цветови, имаат жолти и бели цветови во форма на диск.

Корисните својства на камилицата…
Камилицата се користи против сите воспаленија. Етеричното масло од камилица има голема моќ за омекнување на секретите, а со тоа и за полесно искашлување, па се користи при бронхит, астма, грип и настинка.
Камилицата била ценета лековита билка уште во стариот век. Хипократ, Диоскорид, Гален и други лекари од тоа време ја употребувале во терапија на болни. Нејзината популарност се задржала и до денес. Современите испитувања на делотворноста на активните материи од камилицата особено го истакнуваат значењето на етеричното масло од камилица. Етеричното масло е многу богато со корисни компоненти, меѓу кои и хамазулен, бисаболол и сесквитерпени. Етеричното масло од камилица има многу широк спектар на фармаколошки својства. Во прв ред се истакнуваат антисептичните својства да ги уништува микроорганизмите, предизвикувачи на заболувања, и антивоспалителните својства. Поради овие својства камилицата е една од најчесто употребуваните билки против воспаление на слузницата на устата и грлото. Чај од камилица се дава при воспаление на непцата, воспаление на крајниците и на грлото. При овие состојби може или да се прави гаргара или да се инхалира пареата од концентриран чај. Многу поголема е ефикасноста кога за инхалација се користи чисто етерично масло од камилица, кое се додава во затоплената вода и потоа се инхалира три пати на ден. Ова масло од камилица има голема моќ за омекнување на секретите од воспалените дишни органи и со тоа придонесува за полесно искашлување. Хамазуленот од ова масло има клинички докажано антиалергиско дејство, и токму поради тоа е корисно при астма и други алергии со исклучок на алергиите предизвикани од поленов прав. Уште една причина повеќе за користење на камилицата при грип и настинка е и тоа што чајот од камилица предизвикува засилено потење. Потењето е природен механизам на организмот за намалување на телесната температура и за исфрлање на токсините.

Широката употреба на чајот од камилица…
Камилицата се употребува при болки и воспаленија на слузокожата на устата и грлото, при кашлица, настинка, грип, воспаление на уринарните патишта, главоболки, ревматски болести, болки во половината и нозете. Многу е корисна при лекување невралгија и тоа кај луѓе со слабокрвност, болки во тилот кај жените. Чајот нема штетни дејства, треба да биде јак и густ, и се пие помеѓу оброци, бидејќи тогаШ има најдобро дејство.
Попарете една голема лажица камилица со 200мл. провриена вода и се оставете да стои повеќе од 1 час. Потоа се процедува и се пие помеѓу оброците. Ги намалува болките и грчевите во стомакот.
Екстрактите од камилица имаат и други фармаколошки дејства – против гасови во цревата, диуретично дејство (го забрзува исфрлањето течности) и спазмолитичното дејство (против болки и грчеви во внатрешните органи). Ваквите дејства се должат не само на присуството на етеричното масло, туку и на флавоноидите, кумарините, смолите и танините.
Кај новороденчињата камилицата се користи против грчеви во стомакот. Надворешно, компреси од концентриран чај (2 големи лажици во 200 мл вода) од камилица лекуваат воспаленија на кожата, чиреви, апсцеси (насобран гној во ткиво), фистули во пределот на анусот, хемороиди и слично.

Покрај антисептичното и антивоспалителното дејство, за надворешната употреба е значајно и епителизантното својство (го обновува епителот). При изгореници и егземи најдобро е да се употребуваат компреси од ладна камилица. Камилицата може да се употребува и во купки за релаксирање на болните и заморени мускули.

Во козметиката камилицата се употребува за чистење и омекнување на кожата и за нега и хигиена на косата. Екстрактите од камилица се додаваат во разни козметички Ако имате проблеми со кожата или едноставно сакате убава и негувана кожа тогаш барем еднаш неделно е доволно да се измиете со чајот од камилица.

Кај проблемите со опаѓањето на косата, за плакнење користете чај од камилица. Прелијте четири лажички камилица со литар жешка вода, а по десет минути исцедете го и почекајте да се олади до температура која ќе ви биде номална да ја исплакнете косата.
Камилица се користи за помош кај менструалните тегоби. Болките можете да ги ублажите со облоги: голема лажица камилица прелијте ја со ¼ литар жешко млеко, процедете и топлите облоги ставете ги на стомакот. Болките брзо ќе исчезнат. Чајот од камилица ја ублажува несоницата и нервозата, а маслото ја смирува болката во мускулите и зглобовите, додека инхалацијата помага кај воспалено уво и синуси.

Наберете си камилица…
Камилицата цвета од април до август, а се собира по суво и сончево време. Таа треба да се суши нагло и на температура од 35 степени. За чај се користи само цветот, а за купка целото растение. Од цветот на камилицата со помош на дестилација се добива етерично масло со препознатлива сина боја. Доколку цветот содржи повеќе етерично масло, тоа значи дека камилицата е поквалитетна, поскапа, но што е најважно и полековита. Дејството на камилицата е посилно, подобро и полековито кога се комбинира со други лековити билки кои имаат слично дејство и хемиски состав. Најдобро е да се користи во комбинација со маточина, анасон, слез и нане.
Помешана со ким и анасон камилицата ги смирува грчевите во стомакот на новороденчињата, а во комбинација со валеријана ги намалува климактеричните тегоби. Камилицата е билка со препознатлив пријатен мирис и слаткаст вкус, која се цени и применува во службената медицина.
Чајот од камилица не се вари, туку само се прелива со зовриена вода, бидејќи со варење на висока температура од него испарува етеричното масло кое всушност е главната лековита компонента на оваа билка. Вака припремен чајот се остава да стои пет до десет минути, а потоа се процедува. Пожелно е да се пијат три до четири филџани топол или млак чај на ден и тоа најдобро засладен со мед од багрем или жалфија.

Силвана Јованчева