Search for content, post, videos

СЛОБОДА ВО ЉУБОВТА

 

 

Ерих Фром: Љубовта е емоционално искуство, исто како и искуството да живееме.

Колку слободата е највисока вредност и дали ако партнерите еден на друг не си даваат слобода, тоа ќе предизвика оддалечување од вистинската љубов?

Слободата е една од највисоките вредности и, дефинитивно, треба да постои во љубовните односи. Зашто без слобода и доверба во партнерот како љубовта ќе се одржува, воспоставува и како таа ќе стане суштинска вредност која ќе нé движи напред? Одземањето на слободата, односно доминацијата на посесивноста, љубомората и контролата не ѝ даваат смисла на љубовта, ниту ја насочуваат кон хармонитетот, туку предизвикуваат криза, тешкотија, отпор, дистанца, страв и емоционална блокираност. Затоа, слободата на духот мора да биде највисока вредност, иако во денешно време најврвната слобода подразбира и голема духовна и етичка воздигнатост.

Луѓето кои поседуваат ниска свест за морално-духовните вредности, ниту ја бараат, ниту ја воспоставуваат, ниту ја живеат слободата, бидејќи се водени од потребите на телото, парите, страста и его-тенденциите.

Љубоморниот и посесивен поединец не е слободен човек, зашто е преокупиран со тоа што партнерот размислува, прави или планира да направи. Тој не го живее сопствениот живот, туку го живее туѓиот живот. И како него да го третираме како слободен човек, кога постојано е опседнат да фати, да провери, да испита каков е моралниот кредибилитет на партнерот? Неговата опсесија предизвикува да  прашува: Каде си бил/а, што си правел/а, кој уште бил таму, со кого си разговарал/а, зошто не ме информираш за сé што треба?

Љубоморниот поединец е човек кој премногу се концентрирал на надворешното, на туѓото, наместо да работи на сопственото, на вредното.

Тој од својот партнер бара целосна отвореност, со цел да стекне сигурност, а бидејќи тоа не е потполно можно, почнува да го контролира, да го измачува со најразлични прашања и да манифестира конфликтност и агресивност – сé додека не стане неподносливо и трауматично за двајцата. Решението е да не го контролираме партнерот, зашто тоа е знак дека не сме способни вистински да сакаме. Кога постои сродна љубов, нема простор за сомнежи, притисоци и љубоморни испади. Халил Гибран вели: „Бидете како два столба кои крепат ист покрив, но немојте да почнувате да се поседувате, оставете го другиот да биде независен. Крепето го истиот покрив – тоа е покрив на љубовта”.

Слободата и љубовта мора да бидат „сестри”, мора да се надополнуваат, оставајќи ѝ на саканата личност простор за себеразвивање, себеусовршување и напредување, бидејќи врз тие темели се гради вистинската љубов. Ниедна личност не може да ги искаже своите суштински потенцијали и вредности, ако постојано ја контролираме, блокираме и ја пасивизираме, ако ѝ асоцираме на невредност и ги критикуваме сите нејзини постапки. Слободата првично треба да биде присутна во духот на човекот и преку духовната смиреност да ја воспоставиме во релациите со другите, зашто само така ќе може автентично и суштински да ја преиспитаме вредноста на односот и со кого си имаме работа. Без слобода нема напредок во љубовта, бидејќи таа е предуслов за уживање и воспоставување на вистинските вредности на животот.

Суштината на љубовта е да бидеме среќни, но и да направиме другиот да се почувствува среќен и исполнет. Ако му ја одземеме слободата не може да биде вистински среќен.

Не треба постојано да го контролираме и да му определуваме на партнерот што смее, а што не смее да прави, бидејќи ќе предизвикаме да се чувствува неисполнето и дисхармонично и нема да зрачи со позитивна енергија.

Слободата подразбира и двајцата да имаат свој став и автономно право да располагаат со своето време. Слободата бара заемно договарање и, пред сé, разговор за изнаоѓање решенија за евентуалните недоразбирања. Во многу ситуации тоа не се случува, така што е доволно едниот партнер да биде неодговорен, да избегнува разговор или за сé да го обвинува другиот. Постојат низа примери кога во долгогодишна врска еден од партнерите психички го малтретирал другиот, без притоа да го напушти, бидејќи станал зависен од навиката, како и од стравот од осаменост. Знае дека партнерот не му одговара, но се плаши дали ќе наиде на некој подобар. Тогаш смета дека врската, иако не е квалитетна, барем е сигурна и дека нема храброст да го прекине односот, а уште помалку да влезе во брак. Сето ова зборува дека кај таквиот поединец не постои слобода на духот и дека врз основа на тоа, љубовната врска не може да биде исполнета, хармонична и перспективна. Затоа, најважно е да работиме на самодовербата, да не стравуваме од постапките на другиот, бидејќи на крајот, што и да се случи, се имаме себеси и можноста да продолжиме онаму каде што сме застанале, без да ги повторуваме старите матрици на однесување и грешките од минатото.

Извадок од книгата на Доц.д-р Зоран Крстевски „Љубовни патокази“.