Search for content, post, videos

Сонце на кожата – природно или вештачко

Лето е а тоа асоцира само на едно: сончање. Контролираното и разумно изложување на сонце го стимулира создавањето на меланинот, со што се постигнува потемна боја на кожата. Но претераното изложување без заштитни креми, лосиони, масла може да предизвика сериозни оштетувања на кожата.
Природно сонце – А кој може да му одолее? Сите копнееме по онаа бронзена боја и заводлив изглед кој ги краси најегзотичните жени во светот – Бразилките. И штом настапи летото и ги добиеме оние дваесетина дена заслужен одмор, веднаш го фаќаме местото на плажата и… Започнува уметничкото “печење” на сонце.
Темнеењето на кожата го овозможуваат ултравиолетовите зраци, или скратено УВ, кои се наоѓаат во седумте основни бои на виножитото и се невидливи. Зависно од нивната должина се разликуваат А, Б или Ц ултравиолетови зраци. УВА и УВБ зраците можат да предизвикаат сериозни проблеми, зависно од типот на кожата, во случај да се изложувате без соодветна заштита. Последиците од долгогодишното невнимателно изложување на сонце е прераното стареење на кожата. Таквата кожа и понатаму може да има убава боја, но нема сјај, груба е и полна со брчки.
УВА зраците имаат поголема силина и продираат во телото до самото дно на кожата, овозможувајќи и максимално темнеење. Лошата последица од долготрајното изложување на овие зраци е преголемо исушување на кожата и смалување на нејзината еластичност за која инаку е заслужен колагенот.
УВБ зраците се запираат на површинскиот слој на кожата и го предизвикуваат првото црвенило (еритем) штом ќе се изложиме на сонце, истовремено присилувајќи ја да создава меланин- пигмент, кој подоцна се претвора во прекрасна бронзена боја. Меѓутоа, овие зраци се потенцијално канцерогени, па затоа постои сомнение дека се причина за појава на малигните тумори – меланоми.
УВЦ зраците се најагресивни, но нив би требало да ги запира озонската обвивка на Земјата. Затоа е многу важно сите да учествуваме во заштитата на озонската обвивка, тоа ги засега сите, се работи за нашето здравје.
Вештачко сонце – солариум – Многумина сепак се одлучуваат за малку побрзиот, но и поскап начин на “боење” на кожата – солариумот. Привлечноста на оваа идеја сепак се нарушува со сознанието дека и уметничкото сонце може да наштети. Денешните солариуми, особено турбо-солариумите, многу успешно го заменуваат природното сонце. Според тврдењата на нивните конструктори, тие емитуваат само УВА зраци, но само под претпоставка дека во нив се вградени специјални филтри. Во случај да немаат такви филтри, тогаш ги пропуштаат и другите ултравиолетови зраци. Половина час поминат во солариум е еднакво на еднодневно изложување на сонце. Затоа медицинските лица постојано советуваат исклучително да се внимава со солариумите. Од Франција и Италија пристигнуваат алармантни податоци во врска со користењето на солариумите: во овие земји не само Што не се користат солариуми без филтри, туку е забележано и дека се претерува со времето на изложување на уметничкото сонце – многу подолго отколку што препорачуваат меѓународните норми за радијација. Па затоа не е воопшто чудно што во овие земји постојано се издаваат предупредувања од типот дека солариумот треба да се забрани за лицата со руса и црвена коса, оние кои имаат многу светла кожа и светли очи. Во некои земји во Европа и Америка бронзената боја е статусен симбол – многумина, особено нордиските типови, претеруваат во користење на солариумот. Ако сепак сте се одлучиле за солариум, тогаш најпрво треба добро да се информирате: повременото користење на солариумот нема да ви наштети, но “зависноста” од солариум воопшто не е препорачлива. Информирајте се дали солариумот ги содржи потребните филтри, што секако може да се провери на сертификатот на производот. Ако пак не сте сосема сигурна дали да се изложите на вештачко сончање, најдобро е да се посоветувате со дерматолог. Тој ќе ви препорача и колку пати можете да одите во солариум. Притоа внимавајте изворот на зрачењето да е правилно оддалечен од телото. Задолжително носете очила за сонце зашто во спротивно УВ зраците можат да продрат и во очите и да предизвикаат сериозни оштетувања.
Креми, лосиони, масла – И да сте црномуреста по природа, никогаш не одбегнувајте ги заштитните средства (креми, емулзии, гелови, млека, лосиони и масла за сончање). Тие се единствената заштита од штетните влијанија на сонцето. Бројот на заштитниот фактор кој ќе го одберете зависи од вашата кожа. Колку имате побел тен, толку заштитниот фактор треба да биде повисок. Сепак, препорачливо е да започнете со повисок фактор, а постепено, откако кожата ќе се навикне и ќе се судри со првиот бран сончеви зраци, можете да го намалите. Запомнете, секогаш започнувајте со млеко или крема за сончање. Откако кожата ќе добие боја, продолжете со масло за сончање, тоа ќе ја одржи бојата на кожата подолго (ако веднаш започнете со масло за сончање – тие имаат помал заштитен фактор – сигурно ќе се соочите со непријатното црвенило). По сончањето не заборавајте на негата на кожата. Никако не го заборавајте хидрантното млеко за тело со што ќе помогнете на кожата да и се врати еластичноста, а воедно ќе овозможите бојата да се задржи подолго на вашата кожа.
Што значи СПФ – заштитен фактор
Фактор за сончева заштита – бројот на кремата го означува времето кое може да го поминете на сонце без да изгорите. Така на пример, СПФ 15 значи дека на вашата кожа и е потребно 15 пати повеќе време да изгори кога е заштитена со таа крема, отколку без неа. Но СПФ факторот не е мерка на заштита од рак на кожата. Кремите не се совршени и одредена доза на УВ зрачење сепак минува низ кожата. Како најдобра заштита се препорачува да го избегнувате изложувањето на сонце во периодот меѓу 10 и 16 часот и освен кремата за сончање носете и облека која ќе ве заштити. Иако состојките кои се наоѓаат во кремите за сончање обично заштитуваат од цел спектар на УВА и УВБ зраци, сепак анализите покажуваат дека оваа состојка ја губи својата моќ на заштита по 30-минутно изложување на сонце. Исто така, неопходно е кремата да ја нанесете 20 минути пред да излезете на сонце за да му дозволите на заштитниот фактор да се поврзе со вашата кожа.

Силвана