Search for content, post, videos

Сонцето – волшебен лек!

Три часа на сонце се волшебен лек! Три часа дневно изложување на сончеви зраци може да го преполоват ризикот од појава на рак на градите. Всушност, клетките на градите имаат способност да го претворат витаминот Д во хормон кој има антиканцерогено дејство.

Ако просечно во текот на денот поминувате околу три часа изложена на сонце, можете да го смалите ризикот од рак на градата за 50 проценти, тврдат научниците кои работеле на едно ново истражување. Ова е уште едно во низата истражувања кои покажуваат дека редовното изложување на сонце има силно антиканцерогено дејство бидејќи го стимулира производството на витамин Д во кожата.

Лабораториските тестови направени во Канада врз повеќе од 6000 жени покажале дека клетките на градите имаат способност на го претворат витаминот Д во хормон кој има антиканцерогено дејство. Половина од испитаните жени биле заболени од тумор, а останатите биле здрави. Научниците испитувале колку просечно биле изложени на сонце од април до октомври во периодот кога биле тинејџерки, во 20-тите и 30-тите, во 40-тите и 50-тите и во 60-тите години. Подоцна собраните резултати покажале дека жените кои биле изложени на сонце барем 21 час неделно во текот на тинејџерските години имале 29% помали Шанси да добијат рак отколку оние кои биле изложени на сонце еден час дневно. За жените кои во 40-тите и 50-тите биле најмногу изложени на сонце, кај нив ризикот се намалил за 26%, а за постарите од 60 години сончевата светлина буквално ја преполовила можноста од заболување од тумор. Но сончевата светлина е благотворна и за мажите, покажало едно истражување спроведено на Харвард. Поточно, мажите кои имаат препорачани дози на витамин Д, кој се создава додека се изложуваме на сончеви зраци, имаат помали шанси за мозочен и срцев удар. Но и двете истражувања не значат дека на сонце треба да се изложуваме безмилосно. Напротив, изгорениците на кожата не се воопшто здрави и се главен предизвикувач на појавата на меланом. Значи, на сонце изложувајте се постепено и внимавајте да не изгорите!

Од домашната аптека… против изгореници

Освен ноќната агонија и неиздржливото чувство на печење, изгорениците од несовесното изложување на сонце со текот на времето можат да доведат и до развој на рак на кожата. Ако превенцијата не успее, тогаш брзото рагирање по појавата на изгорениците е клучна во спречувањето на долгорочните последици.

Да се спречи е секогаш подобро отколку да се лекува, па затоа американскиот дерматолог Одри Кунин вели дека кремите кои имаат заштитен фактор поголем од 30 не нудат значително поголема заштита, но затоа цената најчесто им е двојно повисока. Кога купувате крема за сончање побарајте на неа дали пишува “Широк спектар на заштита” и СПФ 30 – овие производи нудат најдобра заштита.

Многу важно е и редовно и правилно да ги нанесувате. Првиот слој крема за сончање треба да ја нанесете 30 минути пред првото изложување на сонце, поточно додека сте уште дома. Потоа кремата нанесувајте ја на секои 2 часа. Така ќе имате оптимална заштита од опасните УВ зраци. Тоа што на самата крема пишува дека е водоотпорна не мора да значи дека таа ќе ве штити и по излегувањето од вода. Затоа најдобро е повторно да нанесете нов слој.

Но, доколку сепак претерате во сончањето и на крајот на денот забележите црвенило и силно печење, тогаш обидете се да си помогнете на следниов начин…

Бел оцет – Тој сдоржи киселина која ја смирува болката и ја спречува долгорочната штета.

Сенф – Сенфот не е добар само како зачин и во хотдог. Сенфот може многу да ви помогне и кога се соочувате со непријатните изгореници од сонцето – нанесете го на кожата за да ги спречите оштетувањата кои можат да доведат до појава на рак на кожата.

Сода бикарбона измешана со студена вода – Исипете ја кесичката сода бикарбона во студена вода, измешајте и подгответе облоги. Нанесувајте ги на изгорените места, со повремено менување со нови облоги.

Облоги од ладен чај – Сварете чај, но не од кесичка туку од билки, најдобро од кантарион, убаво изладете го и потоа подгответе облоги.

Студен мајонез – Можеби ви делува чудно и невозможно, н е доста делотворно. На изгорените места намачкајте слој мајонез од фрижидер. Ја смирува болката, но и превентивно делува во спречување на поголема штета.

Сите овие производи можат многу да ви помогнат, а сепак не морате веднаш да трчате во аптека кога ќе се соочите со овој болен проблем.

Силвана Јованчева