Search for content, post, videos

“Создавање на деловни партнерства помеѓу стручните училишта и компаниите”.

Денес во просториите на Фондацијата „Никола Кљусев“ во Скопје, се одржа конференција “Учење преку пракса” на која се претставија резултатите од проектот “Создавање на деловни партнерства помеѓу стручните училишта и компаниите”.  Проектот “Создавање на деловни партнерства помеѓу стручните училишта и компаниите” има за цел да ги доближи компаниите до учениците во средните стручни училишта со што дуалниот систем на образование би се претставил на учениците од Македонија, по примерот на земјите од западна Европа. Како една од активностите на овој проект беше и организирана пракса од страна на Фондацијата „Никола Кљусев“ на учениците од средните стручни училишта на Град Скопје. Четири стручни училишта беа избрани да земат учество во оваа активност: СЕПУГС “Васил Антевски-Дрен”, СЕТУ “Михајло Пупин”, СГГУ “Здравко Цветковски” и СУГС “Кочо Рацин”. Ученици од овие училишта посетуваа пракса во компании во зависност од образовниот профил кој го учат и тоа во адвокатски друштва, Македонски Телеком, Триглав осигурување, Бролинс, геодетско биро, текстилна фабрика итн.

Главиот производ на овој проект е on-line платформата (www.platformforjobs.com) каде учениците и компаниите ќе можат да регистрираат свој профил и да бараат и нудат пракса во својата област. Намената на овој проект е олеснување на создавањето конекции помеѓу професорите од средните стручни училишта со менаџерите на компаниите кои се заинтересирани за практиканти, со што на учениците би им го олесниле начинот за пронаоѓање пракса во компаниите, а и компаниите би можеле полесно да најдат и обучат идни работници.

Проектот е дел од Еразмус+ програмата, кој Фондацијата “Никола Кљусев” го реализираше во текот на 2020, 2021 и 2022 година, заедно со партнерски организации од Грција, Турција, Бугарија, Холандија и Германија.