Search for content, post, videos

Спротивставете им се на манипулаторите

Како против луѓето на кои вашата мака им е душевна храна?

Манипулација се случува кога една личност се обидува да управува со друга личност, за да дојде до својата цел.

Желба на манипулаторите е да ги застрашат своите „жртви“ и да направат тие да се чувствуваат слаби и несигурни. Овие седум совети ќе ви помогнат како да им се спротивставите на манипулаторите, било тоа да е некој ваш пријател, познајник, партнер или колега.

 

  1. Запознајте се со вашите основни човечки права

Ако сакате да се одбраните од манипулаторите прво и основно е да знаете како да препознаете кога вашите човечки права се загрозени. Сè додека не им штетите на другите, имате право да се заземете за себе и да ги браните своите права. Манипулаторите со своите постапки сакаат да ве лишат од тие права, за да можат да ја имаат контролата врз вас и да ве искористуваат во свои цели. Ова се некои од основните човекови права, кои никој нема право да ви ги одземе:

– имате право другите да се однесуваат кон вас со почит;

– имате право да ги изразите своите чувства, мислења и желби;

– имате право да ги одредите вашите приоритети;

– имате право да кажете НЕ, без чувство на вина;

– имате право да го добиете тоа за што сте платиле;

– имате право на свое мислење што се разликува од мислењето на другите;

– имате право да се грижите за себе и да се браните од физички, психички и емоционални закани;

– имате право да изградите свој среќен и здрав живот.

  1. Стојте подалеку од манипулаторите

Еден од начините на кој можете да препознаете манипулатор е да видите дали таа личност покажува неколку лица, односно дали се однесува поинаку во друштво на одредени луѓе и во одредени ситуации. Сите ние покажуваме одреден степен на таква друштвена диференцијација, но манипулаторите одат до екстремна граница, па кон некои личности се многу љубезни, а кон други безобѕирни. Или во еден момент се потполно беспомошни, а веќе во следниот момент се многу агресивни. Ако забележите дека некој се однесува токму така, држете се на дистанца и избегнувајте каков било контакт со таа личност, освен кога морате. Причините за нечија хронична потреба за психолошка манипулација се комплексни и длабоко вкоренети и не е ваша работа таа личност да ја менувате или спасувате.

  1. Запомнете: проблемот не е во вас

Манипулаторот ги бара и искористува вашите слабости поради кои може да се чувствувате неспособни, дури и да се обвинувате самите себе зошто не сте му ја исполниле желбата. Во такви ситуации важно е да запомните дека проблемот не е во вас – проблемот е во тоа што некој манипулира со вас и сака да се чувствувате лошо бидејки така полесно може да управува со вас.

Поставете си ги следните прашања:

Дали таа личност се однесува кон вас со почит?

Дали очекувањата и барањата на таа личност се разумни?

Дали давањето во овој однос е еднострано или двострано?

Дали се чувствувам добро во друштво на таа личност?

Одговорите на овие прашања ќе ви дадат важен увид во тоа дали проблемот е во вас или во другата личност. Манипулаторите се луѓе што се „хранат“ со туѓата несреќа и се чувствуваат добро кога другите околу нив се несреќни.

  1. Ставете фокус на нив поставувајќи им „истражувачки“ прашања

Манипулаторите често имаат неразумни очекувања и барања. Во тие случаи употребете го трикот со кој ќе ставите фокус на нив и поставувајте им прашања што можат да го разоткријат нивниот план:

Дали тебе ова ти се гледа разумно?

Дали мислиш дека ова што го бараш од мене е чесно?

Дали можам да го кажам моето мислење во врска со ова?

Дали ме замолуваш да го направам ова или ми наредуваш?

Каква корист ќе имам јас од тоа?

Зарем навистина очекуваш од мене да го исполнам ова неразумно барање?

Кога ќе поставите вакви прашања како да поставувате огледало пред манипулаторот, така што тој ќе може да ја види вистинската природа на неговите барања и манипулации. Ако манипулаторот има малку совест ќе го повлече своето барање и ќе се повлече. Од друга страна, патолошките манипулатори (како што се нарцисоидните личности) нема воопшто да ги сфатат вашите прашања и ќе инсистираат да биде по нивно.

  1. Времето нека работи во ваша корист

Често манипулаторот ќе бара веднаш да го исполните неговото барање, со што ќе ви предизвика максимален притисок и така ќе ве контролира. Наместо веднаш да одговорите на неговото барање, обидете се да се оддалечите од манипулаторското влијание и да го искористите времето во своја корист. Едноставно кажете: „Ќе размислам за ова“. Обезбедете си време да размилсите за добро и лошо во оваа ситуација и дали сакате да преговарате за праведен и разумен договор.

  1. Научете да кажете НЕ – дипломатски, ама цврсто

Научете да кажете НЕ – дипломатски ама цврсто е дел од вештината на комуникацијата што мора да се вежба. Цврсто изговорено НЕ овозможува да ги браните своите ставови и во исто време да ја одржите разрешливата ситуација. Запомнетете дека вашите основни човечки права го вклучуваат и правото на личните приоритети, право да кажете не без чувсво на вина и право да изградите среќен и здрав живот.

  1. Соочете се со манипулаторот

Манипулаторите за своите жртви најчесто одбираат личности што ги доживуваат како послаби. Сè додека изгледате и се однесувате пасивно и попустливо, ќе бидете мета на манипулаторите. Манипулаторите сакаат да ги заплашуваат своите жртви, но многу од нив всушност се кукавици. Кога неговата мета ќе покаже карактер и ќе се заземе за себе, манипулаторот најчесто се повлекува. Затоа, не чекајте, заземете се за себе!

Силвана Јованчева