Search for content, post, videos

Срам… емоционална рана на личноста

Срамот има значајна улога во скоро сите психички пореметувања. Срамот е несакан прекин на поддршката од околината и најдобро можеме да го опишеме како емоционална рана, за која личноста се обвинува самата себе. Кога чувствуваме срам, пораката која си ја праќаме себеси е: “Ми викаат затоа што сум лоша!!!” Затоа, срамот и чувството на вина одат рака под рака.
Тој во извесен степен е вроден и за него знаат сите народи, иако облиците на срам, како и моралните принципи варираат од епоха до епоха, од цивилизација до цивилизација. Срамот е присутен дури и кај некои животни.
Чувство на безвредност
Интересно е што повеќето срамежливи луѓе не се ни свесни за својот срам, ниту за примарниот став: “Јас не вредам колку другите”. Можеби се свесни за своето чувство на непријатност кога се во друштво, свесни дека имаат трема кога имаат јавни презентации во кои се презентираат себеси, свесни дека пелтечат или поцрвенуваат, свесни дека се потат во социјалните контакти, но не се свесни дека во себе го носат менталниот став: “Јас не вредам”. Тој несвесен став се доживува како голем товар. Срамежливите луѓе чувствуваат дека има нешто во нив, што го поткопува нивниот живот, но не знаат што е тоа. Ако некој од нивната околина им каже дека тоа е срам, тие можат да разберат за што зборува нивниот соговорник, но не го доживуваат срамот како клуч на својот проблем. Тој ментален став “јас не вредам” во текот на годините станува нивна втора природа. Тоа убедување е како дух од минатото составено од сите пораки кои ги впиваме од околината од нашето раѓање па се до 7-8 година. Пораките кои се сведуваат на вредносниот суд: “Ти не вредиш” не се пренесуваат само вербално. Налутен, бесен или ироничен поглед може да има поголема моќ на пренесување на пораката од самите зборови. Погледот е веројатно најчестиот преносител на пораките кои си ги упатуваат луѓето едни на други. За жал, во последно време погледите на повеќето луѓе од нашето секојдневие не се погледи на љубов. Повеќето родители ги сакаат своите деца, но ако се се почесто разочарани, лути или очајни тие со својот поглед ја откриваат својата емотивна состојба пред своите деца. Од своја страна, пак, детето тоа си го припишува себеси и се обвинува дека тоа е виновно за чувствата на родителите. И не само тоа, срамот и ставот “Јас не вредам” зрачи од очите на детето и тоа несвесно го впива и со тек на времето го прифаќа како свој став, како дел од неговиот вредносен систем.
Иако мажите и жените се еднакво склони кон срамежливоста, постојат полови разлики во однос на доживувањето на срамот. Срамежливоста е поприфатлива кај женскиот пол поради традиционалното воспитување и улогата на скромна и повлечена жена. За машкиот пол, пак, срамежливоста се претвора во вистинска агонија во периодот на адолесценцијата кога од него се очекува да биде иницијатор во контактите со женскиот пол. Според стереотипните убедувања, од мажот се очекува поголема иницијатива, продорност, а од жената се очекува да биде поагресивна.
Како се развива чувството на срам?
Сите ги слушаме, а понекогаш и им ги упатуваме на децата изјавите како: “Срам да ти е” или “Колку си глупав” или “За ништо не те бидува, од тебе нема ништо да биде” и слични навредливи пораки. Што да се каже за родителот кој налутено му се обраќа на своето дете “Тргни се од мене, бегај моите очи да не те гледаат повеќе!!!” Сигурна сум дека повеќето од вас се уште се сеќаваат на слични пораки од детството кои ви ги упатувале родителите или наставниците. Ваквите пораки се семе кое како и секое друго семе има една невидлива фаза на растење, но кога ќе изр’ти се развива во негативна карактеристика на личноста.

 

Од друга страна, чувството на срам детето или возрасната личност може сама на себе да си ја посее. Во суштина, срамот е грешка на проценувањето, донесување вредносен суд за себе, за другите и за меѓусебните односи. Тоа значи дека понекогаш околината не е одговорна и не може да влијае на изборот на човекот да се чувствува помалку вредно во однос на другите и тоа има автодеструктивно дејство врз самата индивидуа. Некои луѓе се многу вешти сами на себе да си наметнуваат убедување дека не се добри во ништо, иако сите околу нив го тврдат спротивното – дека е достоен за почит и дека е сакан. Кога е во прашање срамот, ни многубројните потврдувања, ни поддршката од околината не успеваат да допрат до срамежливата личност и да ја разуверат дека има погрешна перцепција за себе. Чувството на срам има неверојатна моќ на постојаност и конзистентност. Не вреди луѓето да ве поддржуваат, фалат и охрабруваат доколку во себе го носите изворниот срам, бидејќи тој секогаш ќе испливува тогаш кога најмалку очекувате. Се работи за чувство со кое вие се блокирате и најчесто останувате дома, или ја реметите вашата интимна врска. Во секој случај, тоа чувство не е добро за целокупниот ваш личен успех. Срамежливите личности често изјавуваат дека во својот живот не постигнале онолку колку што сакале, ниту во личниот, ниту во професионалниот живот. На работа се чувствуваат инфериорно и нивното постигнување не е соодветно на нивните потенцијали и способности. Во приватниот живот имаат тешкотии во склопувањето пријателства и наоѓање партнер, имаат впечаток дека другите не ги ценат и почитуваат, затоа што самите себеси не се ценат толку колку што вистински вредат. Тоа за нив е доволна причина да се изолираат и повлекуваат во осаменост со што си ги осиромашуваат и така сиромашните социјални контакти.
Проучувањата низ светот ни покажуваат дека во секоја нација постојат бројни срамежливи личности, а во последните години добива епидемиолошки размери. Се смета дека причината на ваквиот голем пораст е во новите облици на комуникација – телефонот, факсот, електронската пошта, СМС пораките, па луѓето се помалку комуницираат со директен контакт, лице в лице. Кога тоа ќе се случи, тогаш се преплавуваат со срамежливост, а некои од нив се соочуваат со вистинска паника.

Дали можеме да го победиме срамот?
Постојат многу повеќе срамежливи луѓе отколку што мислиме. Многумина од нив, помалку или повеќе, успешно го кријат својот срам. Еден од начините на криење што го користат срамежливците е компензација со спротивно однесување. Глумат дека се психички силни, а истовремено се препотуваат во комуникацијата со луѓето. Се фалат дека се безгрижни, а се вцрвенуваат кога имаат јавен настап. Покажуваат грубост и ароганција во контактите со другите за да ја прикријат својата слабост. Се декларираат како независни и со тоа ја прикриваат својата изолираност – “Можам јас и без вас”.

 

Срамот може да се надмине под услов да одвоите време и енергија да работите во насока на негово намалување. Ако уште од детството во себе ја носите пораката втисната од детството “Јас сум безвредна”, прво што треба да направите е да ја прифатите таа реалност. Прифаќањето не значи помирување, туку активно соочување со вистината дека сте срамежлива и да го препознаете тоа чувство со кое се саботирате при реализирањето одредени цели. Со зголемена свесност за себе станувате помоќна и наместо срамот да ве контролира вас и вашето однесување, вие ќе го контролирате него. Кога ќе станете способна да се прифатите таква каква што сте и нема да имате потреба да се прикажувате поинаква, тогаш ќе исчезне срамот и ќе можете полесно да комуницирате со околината. Чувството на срам е заслужно и за појавата на едно друго чувство – чувството на осаменост. Затоа секој пат кога ќе се чувствувате осамена, отфрлена и кога ќе имате чувство дека никој не ве разбира, обидете се да разберете дека тоа не е затоа што другите не ве сакаат, туку затоа што вие не се сакате доволно себеси. Сето ова не е воопшто лесно да се постигне. Многу од срамежливците не се осмелуваат да се ослободат од својата срамежливост, иако се убедуваат себеси и другите дека тоа им е најголема желба. Тие и понатаму продолжуваат да си го живеат својот живот глумејќи дека се силни, груби и со добра поддршка во себе. Човекот е суштество на навики, но е и суштество кое има избор – да промени нешто во себе или да продолжи по стариот пат.
психолог-психотерапевт
Лидија Попчева