Search for content, post, videos

Страв од мајчинство…

Има ли смисла животот без деца? Секако дека има смисла, на свој начин, но факт е дека децата му даваат посебна боја на животот. Постојат жени кои само што ќе се спомене бременоста и децата, почнуваат да ја вртат главата на другата страна. Факт е дека тие жени не знаат што пропуштаат. За нив животот со деца е полн со одрекување, дека тоа е живот во кој се што чиниш е тешка комбинаторика и дека, токму кога мислиш дека с# е во ред и конечно добро решено, всушност не е така: на пример, одите на романтична вечера со сопругот, ви се јавува мајка ви да ви каже дека вашето дете има температура… Факт е дека сето ова не можам да го демантирам! Факт е дека родителството е тешка и одговорна мисија и дека во сета таа гужва губите дел од себе и можеби дел од интимата на која сте биле претходно навикнати. Има и еден куп тривијални ситуации, како недостаток на време за на фризер, за кафе со пријателките или за шопинг. Но, сепак мислам дека во повеќето случаи причина е недостаток на желба да се најде слободно време.

Кога ќе станеш родител сфаќаш дека она силно ЈАС за кое сме се бореле е далеку помало од она мало човечко суштество за кое сме подготвени да ја помрднеме земјата, ако треба. Нештата полека се враќаат во нормала, но кога тоа ќе се случи, веќе и не забележуваме бидејќи и не ни е грижа, па романтичните вечери во двојка се заменуваат со гушкање на софата откако децата ќе заспијат – подеднакво слатко и возбудливо како и излегувањето надвор. Некои нешта едноставно престануваат да стануваат многу важни. Исто како кога ќе заврши периодот на пубертетот и кога ќе сфатиме дека на некои пубертетски глупости и не се сеќаваме, затоа што не биле важни.
Пред некој ден на работа, откако завршив со утринската обиколка на пациентите, седнав да испијам шолја чај и да одморам малку. Една од колешките ми се придружи и започнавме неврзан разговор. Вели дека никогаш во животот не се обидела да има деца бидејќи се плашела дека никогаш нема да ја поврати назад својата совршена линија. Знам дека многу од вас сега превртуваат со очите, но јас го разбирам тој страв ма колку и да ви звучи површен и нелогичен. Пред да забременам и јас цели два месеца бев на посебна нутриционистичка диета и ослабев неверојатни десетина килограми. Во тој момент помислував колку би било убаво вака да продолжам и во следните два месеци и ќе изгледам одлично за на одмор… Но, сега во четвртиот месец на бременоста не само што не ослабев дополнителни десет килограми, туку ја зголемив телесната тежина за пет килограми, а сигурна сум дека секој месец килограмите само ќе се зголемуваат, но тоа и не е толку важно – јас сум пресреќна што ќе подарам човечки живот.
Подоцна истата таа колешка ми призна дека се плаши дека ќе биде лош родител. И тој страв го разбирам. Сигурна сум дека и мене и еден куп жени истиот тој страв ќе не следи до крајот на животот, дури и кога нашите деца ќе станат нечии родители – ние ќе се прашуваме: “Дали сме добри родители?”. Неодамна прочитав едно интервју со Јосипа Лисац во кое таа вели дека никогаш не сакала да стане мајка бидејќи не сакала да биде во ситуација да одбира помеѓу детето и кариерата, сигурна дека нема да биде доволно добра во двете улоги. Во ред, можеби таа така размислува, но јас во едно сум сигурна – кариерата е стадиум во животот во кој си денеска, а утре можеби не, но родителството е стадиум кој трае целиот живот и кој секој ден те збогатува се повеќе и повеќе. Себичност?!? За некои веројатно да. Јас мислам дела е пофер да се откажеш од улогата на родител отколку да оставиш зад себе деца на кои не си им пружил ништо.
Не велам дека децата се единствената среќа во животот. Познавам многу сингл среќни или многу двојки без деца кои одлично функционираат. И сега се враќам на почетокот на приказната. Има ли смисла животот без деца? Во оваа приказна зборувам за оние луѓе кои можат, но не сакаат да имаат деца. Приказните на оние кои се трудат, а не можат е многу болна и напната. Конкретно за мене знам дека отсекогаш сум била среќна и исполнета личност. Дури и кога бев сингл – бев среќна на свој начин и апсолутно немав чувство дека нешто ми недостасува. Отсекогаш сум верувала дека среќно ќе се омажам, крај себе ќе имам маж што ќе ми овозможи се и дека ќе имам деца кои ќе ја заокружат таа среќна приказна. Знаев дека тоа ќе се случи еден ден, и затоа никаде не ми се брзаше.
Дали би била несреќна ако никогаш не би ја искусила таа љубов? Мислам дека не би била несреќна бидејќи не би знаела што пропуштам. Кој знае можеби понекогаш би страдала што никогаш во животот не сум се остварила себеси како мајка. Но, сепак сум сигурна дека постојат илјадници среќни жени кои сосема свесно се одлучуваат да ја прекршат социјалната норма и да заклучат дека не сакаат да бидат мајки. Само мислам дека тие не знаат, а подобро и да не знаат, колку среќа и љубов пропуштаат на тоа патување!
Јована Огненовска Бакаловска