Search for content, post, videos

Суперовошје наречено авокадо

Авокадото е овошје на кое неретко му ги припишуваат епитетите величествено, кралско или волшебно. Потекнува од Средна и Јужна Америка, а во старо време се верувало во неговата волшебна сила, па затоа редовно било послужувано на кралските трпези.

Има форма на круша, со карактеристична темно зелена боја, а зелено останува и во внатрешноста дури и откако ќе узрее. Плодот во средината е мек и по состав како путер, со вкус сличен на оревот. Ацтеките кои го одгелдувале овој плод 500 години пред нашата ера го нарекувале ахуакат. Инаку името авокадо – алигатор круша му го дале Англичаните, кои овој плод ги асоцирал на алигатор.
Авокадото на Европејците им го донел Мартин Фернандез де Енсисо во 1519 година. Енсисо го видел ова овошје во близината на денешна Санта Марта (Колумбија), за време на една од првите шпански експедиции во Јужна Америка. Кај некои домородни племиња, авокадото се ценело толку многу што се користело како свадбен подарок и како подарок за изразување добредојде на гостите.
Денес авокадото се одгледува на многу места со топла или умерена клима, вклучувајќи ги Австралија, Израел, Кенија, Нов Зеланд, Северна и Јужна Америка и Филипините.

Видови авокадо…
Во Америка се распространети многу сорти авокадо, од такви кои не се поголеми од кокошкино јајце до некои кои се големи колку просечна лубеница и тежат до два килограми. Бојата може да биде од зелена до темно виолетова, а кората кај некои сорти е рапава и трошна, додека кај други е тенка и мазна.
Кога цветаат, дрвјата на авокадото се покриени со илјадници бледожолти цветови. Меѓутоа, само 1 од секои 5.000 цвета станува авокадо. Една невообичаена карактеристика на овие цветови е тоа што секој од нив има прашник, односно структура што создава полен, а во исто време има и толчник, односно структура што содржи јајце клетка. Ова би можело да овозможи самоопрашување доколку не постоеше еден чудесен механизам во дрвото авокадо кој ги програмира овие структури да се активираат во различно време.
Авокадото е карактеристично по големата количина масти и калории и затоа се вбројува меѓу најпопуларните овошја. Неговата хранлива вредност е слична на одредени јаткасти плодови и семиња. Ботанички, ова овошје спаѓа во семејството лаурацеае, истото семејство во кое спаѓаат и неколку необични членови, како што се: ловор, цимет и др. Латинското име на авокадото е персеа америцана. Авокадото, ја достигнува зрелата фаза од својот живот додека е на дрвото, но узрева само откако ќе биде набрано. Внатрешниот состав има кремаста текстура, невпечатлив благ вкус и пријатна арома. Во плодот има една, централно поставена семка со кафеава боја. Еден плод просечно тежи меѓу 300 и 700 грама.

Здравствени придобивки од авокадото
– Авокадото е богато со мононезаситени масти и има висока калорична вредност. Од друга страна, изобилува и со растителни влакна, витамини, минерали и разни растителни хранливи материи.
– Кремастата пулпа е исклучително богат извор на мононезаситени масни киселини, како што се: олеинска и палмитолеинска киселина, како и омега-6 полинезаситената масна киселина. Научните истражувања покажаа дека медитеранската исхрана која е богата со мононезаситени масни киселини помага во намалувањето на нивото на лоШиот ЛДЛ холестерол во крвта, но и во зголемување на корисниот ХДЛ холестерол, со Што се спречува појава на срцеви заболувања и мозочни удари.
-Авокадото е добар извор на растворливи и нерастворливи растителни влакна. Во 100 грама авокадо има 6,7 грама или околу 18 проценти од дневно препорачаната доза растителни влакна.
– Изобилува и со танин. Танинот е полифенолно соединение, кое долго време било сметано за антинутритивен агенс, а денес се знае дека има корисни антивоспалителни, антиоксидансни и антиулкусни својства.
– Исто така, авокадото содржи и одредена количина витамини. Витамините А, Е и К се особено концентрирани во кремастата пулпа.
– Тоа е одличен извор на минералите железо, бакар, магнезиум и манган.
– Свежото авокадо е богат извор на калиум. Во 100 грама овошје има 485 милиграми или околу 10% од дневно препорачаната доза. Нутритивен статус на авокадото – енергетската вредност на 100 грама е 160 кцал или 669 кЈ и содржи 2% протеини, 14,6% масти, 8,5% јаглехидрати и 0,6% шеќери.

Употреба во кујната
Зрелото авокадо има единствен вкус кој потсетува на одредени јаткасти плодови и кремаста текстура. При конзумирање треба да се пресече на половина, по целата должина, и да се извади централно поставената семка околу која е обвиено месото. Авокадото се лупи лесно, со прсти, почнувајќи од страната на рачката.
* Авокадото можете да го јадете свежо, сечкано, зачинето со малку маслиново масло, оцет, сол и црн пипер.

* На лепче, како сендвич, во комбинација со тркалца краставица, киви, црвен пипер.
* На тост лепче со домати, кромид и фета сирење.
* Исечкано на коцки, во салата, со ракчиња зачинети со лук и сок од лимон.
* Може да го додадете во супа.
* Во салата со црвена зелка, црвен кромид, прелиена со сок од портокал и маслиново масло.
* Во овоШна салата искомбинирано со грејпфрут.
* Како мезе во комбинација со моцарела, босилек и маслиново масло.
Авокадо може лесно да се воведе во секојдневната исхрана затоа што се согласува со сите видови храна вклучувајќи ја рибата, месото, салатите, млекото и млечните производи. Неговиот вкус може да се засили со некој јак прелив.

Салата од краставици и авокадо
Потребно: 1 мала краставица, 1 поголемо авокадо, 2 млади кромитчиња, 2 чешниња лук, 1 мало феферонче, 2 стапчиња целер, сок од ½ лимон, 250 грама густ јогурт или павлака, морска сол, свежо мелен црн пипер, ситно сечкани листови нане
Подготовка: зеленчукот, освен авокадото, измијте го, ситно исечкајте го и ставете во поголем длабок сад. Авокадото исечете го на половина, па потоа на ситни коцки и прелијте го со сокот од лимон. 2/3 од исечканото авокадо ставете ги во садот со другите зеленчуци, а останатото оставете го за декорација. Додајте го јогурт (павлаката), па зачинете по вкус. Украсете со нане и останатото авокадо. Салатата послужете ја ладна.

Чаден лосос со авокадо
Потребно: 1 авокадо, 1 краставица, 100гр чаден лосос, 1 лажица пржен сусам, 120гр рукола
За преливот: сок од лимета, 1-2 лажици маслиново масло, сол и црн пипер, 1/2 лажичка сенф со зрнца
Подготовка: Пропржете го сусамот во тава, да добие кафеавкаста боја. Внимавајте да не изгори. Измијте ги листовите рукола. Краставицата исечете ја надолжно. Направете го преливот: сокот од лиметата измешајте го со маслиновото масло, сенфот и половина лажица сусам. Во подлабока чинија за сервирање наредете ги листовите рукола, краставица и чдениот лосос претходно искинат на парченца. Посипете со сусам, потоа додајте го авокадото претходно исечено на коцкички и прелијте со преливот.

Медитеранска салата со авокадо
Потребно: 3 домати, 1 авокадо, 3 чешниња лук,
5 ливчиња босилек, 1 краставица, 1 пиперка, рендано сирење, маслиново масло, лимонов сок, црн пипер, сол
Подготовка: зеленчукот исечете го на коцкички и ставете го во длабок сад за салата. Зачинете со сокот од лимон, маслиновото масло, солта и црниот пипер, па се убаво измешајте. Одозгора изрендајте сирење и украсете со ливчињата босилек.

Авокадо за мачкање
Потребно: 1 авокадо, 3 лажици сок од лимон, 30гр пињоли, 100 гр свежо сирење, 1 лажиче мелен сув зачин, прстофат црн пипер
Подготовка: излупеното авокадо исечете го на коцки и посипете го со 1 лажица сок од лимон. Ставете го во блендер заедно со пињолите и сирењето и матете додека да се добие убава кремста смеса. На крај додајте го останатиот сок од лимон, мелениот зачин и црниот пипер, па измешајте. Пред да го конзумирате оставете да се излади во ладилник.

Силвана Јованчева