Search for content, post, videos

Тутанкамон-момчето фараон

 

Доколку планирате да го посетите Египет, едно од местата кои со сигурност треба да ги видите е Долината на Кралевите во Луксор, каде се наоѓа мумијата на Тутанкамон. И  она што прво помислуваме кога ќе се спомене ова момче фараон е златната маска, огромниот број артефакти и проклетството кое откривањето на таа гробница го носи.

А кој бил всушност Тутанкамон и што знаеме за него?

Вистинското име му било Тутанкатен, кое по смртта на неговиот татко Аменхотеп, го  сменил во Тутанкамон. Тој го презел тронот на осум или девет годишна возраст и се претпоставува дека владеел до 19 годишна возраст. Тој е последниот од кралската фамилија на 18 Династија кој владеел во време на Новото Кралство од Египетската историја. Бил оженет со Анкесенамун која воедно била и негова полусестра и имал две ќерки кои биде родени мртви и кои како фетуси се наоѓаат во неговата богата гробница. Имал здравствени проблеми, вродено лево клупско стапало и сколиоза. Иако е мистерија неговата смрт, една од претпоставките е дека умрел од инфекција на стапалото. Други претпоставки се дека умрел од маларија, убиство или несреќа.

Гробот на Тутанкамон е откриен во 1925 од страна на англискиот Археологот Хауард Картер под покровителство на лордот Карнарвон. Истражувањето траело 5 години, а последниот предмет бил изнесен ноември 1927. Пронајден е златниот кофчег во Долината на Кралевите опкружен со 5000 драгоцени артефакти меѓу кои златниот трон, круна и кобра, керамика и други артефакти. Кофчегот на Тутанкамон е трислоен и позлатен и над главата и рамената се наоѓа познатата златна маска. Таа е една од најдобрите уметнички дела и симбол на антички Египет. Направена е од два слоја на високо каратно злато, 18,4 каратно злато на лицето и вратот и 22,5 на остатокот на маската. Тешка е 10,23кг и украсена е со полудраги камења како лапис лазул, кварц, тиркиз, опсидијан и други. Маската има лик на богот Озириз, бог на задгробниот живот. Интересен е фактот дека старите Египјани верувале дека е возможно да се живее повторно после смртта, но мислеле дека ова може да биде постигнато само доколку телото се сочува во состојба каква што било додека биле живи. Поради тоа тие ја спроведувале мумификацијата. Тие го сушеле телото во натронова сол, а потоа го завиткувале во многуслојни завои за да се зачува животниот облик. Внатрешните органи биле отстранети на почетокот на мумификацијата и биле чувани посебно во посебни садови. Мозокот обично го фрлале зошто тогаш не ја знаеле неговата функција, а додека срцето било познато како орган на расудување. Како такво срцето било потребно во животот потоа. Се претпоставува дека тие што ја правеле мумификацијата на Тутанкамон биле невнимателни, но исто така може да биде знак и дека Тутанкамон умрел далеку од дома така што кога телото стигнало до луѓето кои ја вршеле мумификацијата неговото срце било премногу распаднато за да се сочува. Еден од најомилените предмети на Тутанкамон се двата бодежи кои биле пронајдени во завоите на мумијата. Едниот имал златно сечило, а другиот железно, и двете имале златна паковка. Железниот бил поскапоцен затоа што во тоа време тоа бил редок метал.

Дали имате слушнато за проклетството на мумијата? Дали верувате во тоа? Дали сето тоа што се случува е случајност или вистина?

На 17 Февруари 1923 година кога Картер, Карнарвон и неговата екипа влегле во гробницата, над неа забележале натпис на кој пишувало “Смрт ќе го најде тој што го нарушува сонот на фараонот”. После два месеци лорд Карнарвол умрел во својата соба од хотел Континентал од каснување на заразен комарец кој предизвикал воспаление на белите дробови. Набргу потоа умрел и археологот Артур Мејс кој бил еден од водечките членови на експедицијата. Во рок од шест години од ископувањето вкупно 12 луѓе што присуствувале на тоа откритие умреле. Само уште двајца од првобитната екипа останале живи. Еден од нив бил Хауард Картер кој продолжил да се потсмева на проклетството и умрел 1939 од природна смрт. Останал само Ричард Адамсон кој изјавил дека не верува во проклетството иако му се случиле несреќи два пати кога јавно зборувал за тоа, првиот пат починала неговата сопруга, а вториот пат неговиот син бил тешко повреден во авионска несреќа. Секој кој што не верувал и се исмевал јавно на крај завршувал со смрт. Пример е директорот на Египетскиот музеј кој умрел вечерта откако завршил со надгледувањето на пакување на маската на Тутанкамон која требало да ја испратат на изложба во Лондон во Британскиот Музеј. Секако, ова се само преданија во кои веруваат старите Египјани и оние кои веруваат во мистеријата на Тутанкамон.

Со отварањето на Големиот Музеј на Египет можеме да бидеме сведоци на сите артефакти  од гробницата на Тутанкамон. Досега тие беа распоредени во сите музеи низ Египет како музејот во Каиро, Луксор, Александрија и други. Сега сите се наоѓаат на едно место. Тие кои се вљубеници на историјата и археологијата ќе имаат можност да уживаат во овој музеј зашто тој претставува најголемиот археолошки музеј во светот.

Надица Пушкоска