Search for content, post, videos

Твојата фотографија (и не) е терапија

Изгледаше тажен, зафрлен во фотелјата под агол на далеку повозрасен господин поради фактот што ја чувствуваше осаменоста предизвикана од нејзиното отсуство сега и тука кога му беше најпотребна да се довери. Вртеше по фотографиите од семејниот албум и сакаше да и каже или едноставно да праша нешто кое што не би можел да го општи во рамка со секого. Најверојатно не беше свесен, но посакуваше средство за санирање на празнините кое нема да биде во форма на медикамент или илузија . . .
ТАА И ДЕЦАТА
Ја галеше фотографијата околу малите главчиња и не дозволуваше дури ни со прстите да им се случи нешто лошо. Се прашуваше како може да бидат толку насмевнати кога тој често знаеше да задоцни од работа и да им донесе неисполнети ветувања. Се обидуваше да им шепоти потивко од тонот кој понекогаш го употребуваше додека во кујната ја обвинуваше неа за ситници кои сега воопшто не значеа, а тогаш тие помислуваа дека ќе останат сирачиња.
Скицирајќи крст во некој од аглите на фотографијата се колнеше во она што му е најсвето дека ќе ја одржува својата меморија на ниво на кристална топка, како би бил поуреден во исполнување на нивните очекувања. Ниту прстите, ниту допирот можеа да ја одбегнат нејзината силуета поставена во најоптимален контраст во фотографијата.
Зениците не сакаа да му се одморат шарајќи по сите ликови повикувајќи на одговори. Зарем идилата со нив не беше онаа алка која му недостасуваше, која го тераше да страда додека очекуваше да ги сретне и повторно да не е крајно спокоен кога беа блиску до него и кога воопшто
не разбираше што е тоа што всушност го посакува?
ЗЕТОТ И НЕВЕСТАТА
Иако се вели дека сите невести си наликуваат, тој во неа можеше да забележи нешто што искусното око на уметникот намерно го замачкал за да му оневозможи на секој што ќе ја погледне да почувствува завист дека е туѓа. Со грч на усните се потсети на тие денови, кога реверите од неговиот костум се тресеа од возбуда посилно дури и од свадбените ѕвона. Тогаш им започнуваше новиот живот или бракот како што некои милуваа формално да ја наречат институцијата преполна со скандали. Тоа требаше да му донесе сигурност барем во помислата дека има некој кој ќе се грижи за него надвор од будното око на беспричински загрижените родители, некој со кој ќе ја делат постелата, но уште повеќе и телото. Ја гледаше како рамнодушно го мерка како никогаш да не ја зафатила паника за време на брачните бури, па дури и под дејство на морската болест. Настојуваше да ја следи во чекор, правејќи се понекогаш глув за нејзините инструкции, но свесен дека во право се дрскостите кои се плод на повисока интуиција. Но, сега беше вистинскиот момент за полемика дали сето тоа наследство ќе пречекори преку мостот на другата страна на реката каде ќе треба да го донесе мирот. Со рака на срце можеше да признае дека инвазијата на нејзините идеи му помогнале небројно пати кога стоел на крстопат со стотина правци, но сега се чувствуваше како патник загубен на улица чиј крај беше видлив, но матен . . .

ДЕЛОВНАТА ЖЕНА
Колку се гордееше со таа фотографија кога ја ѕиркаше под перницата и кога ја изложуваше на комодата на дофат на погледот на секој гостин. Изгледаше отмено, но строго така што секој би ја посакал за свој претпоставен, па дури и кога ќе добие забелешки за квалитетот на задачите. Кога ќе ја промашеше својата животна определба, често разговараа доцна во ноќта за нејзината организациона структура со што тој и ќе си најдеше утеха во начинот на кој си ги наредил коцките.
Чудно, но беше и научно заинтересиран за нејзините гестови по завршувањето на работното време, кога очекуваше како и котелот под притисок да експлодира.
Напротив, таа со секого ја задржуваше милоста како тогаш да се извлекла од када со миризливи соли, преземајќи ги уздите во свои раце за да бида сигурна за иднината. Понекогаш и тој ќе поставеше глупаво прашање колку да добие дел од нејзиното внимание и да се види како дел од среќната атмосфера. Така правеше и сега кога се обидуваше да разговара со една фотографија, како ликот на неа да мора по логика на нештата да знае да даде морален одговор на гласно непоставените прашања. Не сакаше да слушне за гордоста, љубовта и независноста кои ги зачнуваше секоја ноќ длабоко во перницата незнаејќи како да ги изусти, а да не ја разбуди толку слатко заспана во миговите кога и требаше одмор за да другиот ден повторно да им се насмевнува на сите, без исклучоци . . .

ВО БИКИНИ СТАВ
Непристојни беа неговите погледи кон телото кое толку пати го сонувал, допирал и посакувал еднакво многу како желбата да се биде богат. На прв поглед деколтето е тоа кое го привлекува најголемото внимание, можеби поради патот кој го исцртува, а кој не води никаде освен околу местата на сладострастието. Во никој случај не помислуваше дека гледа во совршена фигура, но тоа не значеше дека и препоните ќе му реагираат студено како и неговиот разум кој се обидуваше да најде недостатоци.
Кога беа во прашање нивните интимни контакти, понекогаш посакуваше да остане слеп со што природно би се интензивирал дијаметарот на перцепција во допирот, а тоа би значело обезвреднување на она што го гледаат очите и онака пристрасно лакоми. Веќе се размрда во фотелјата кога почна да ја игра неговата омилена игра да погоди што се крие во гаќичките, секогаш одново како одговорот да е комплексно непознат.
Но, на време сфати дека таа вечер е осамен и целта на неговото битисување е да го промени камелеонскиот став дека помеѓу нив постои микро пречка. Не можеше да се воздржи на искушението да и погледне во колковите кои иако фиксирани делуваа како да се нишаат во ритам на ветерот кој претпоставуваше дека постоел во позадина на нејзината сеприсутност. Погледна и го заврти погледот надвор од фотографијата додека не ги добие одговорите кои оваа вечер не завршуваа со оргазам туку со прашалник . . .

НА КАМИЛИ ВО ПЕСОКОТ
Таа фотографија му беше повеќе од драга не заради ретките животни овековечени во нивно присуство, туку заради сонот кој можеше да го проектира и сега како резултат на мирисот на авантурите кои ги посакуваше како мало дете неговата играчка. На ниедно патување не се чувствуваше како странец со оглед на неговата космополитска определба да се биде граѓанин на светот и насекаде да се настапува како и во својот дом. Секако, најголемо влијание на сето тоа имаше таа, неговиот верен сопатник со кој ги делеше доживувањата, па и оние од колоната: катастрофа. Паметеше дека често не ја препознаваше на тие патувања, како да ја оставила маската на местото од кое тргнале и подоцна се претворила во сцена од пејзажите која дозволува во неа да уживаш и ја нарекуваш неисцрпено задоволство. Таму далеку од дома, многу поинаку звучеше и понудата да се искористат сите потенцијали на љубов и да не се доведува во прашање интегритетот на блаженството. Знаеше дека не смее да се занесува со минатото, вкочането на парче хартија со светликава површина кое не изгледа поубаво од можноста конечно да го реши спорот со самиот себе и стави крај на сомневањата дали она што со неа го поделиле сака да учествува во сегашноста или не?
Всушност само Бог знаеше дали тој таа вечер беше раздразлив од чувствата на изолираност во принцип поради природата на неговиот карактер или тоа е уште еден напад на бес кој ја придружуваше неговата возраст. Можеби и  и завидуваше на нејзините циклуси кои ја правеа неподнослива, но разгалена да си дозволи тој да ја прифати како нормално човечко суштество.
Или и завидуваше на нејзините квалитети кои ја издигнуваа скалило над него, па го убиваше напорот да ја стигне или се возгордее што е негова. А можеби и завидуваше… Во секој случај посака да ја прифати забелешката на една негова пријателка да ја напушти фотелјата во која се сместил повеќе од удобно и не помислува да стане и ѕирне што навистина се случува надвор од фотографиите, а посебно надвор кај збиднувањата со вистински вредности…

С. П. Апостол