Search for content, post, videos

Симпатично пополнета

“Ако ви речат дека сте дебела, бидете горда” е пораката на една американска модна агенција, која лансира облека за полнички жени и постигнува огромен успех во светот на модата.

 

На модните писти во светот доминираат анорексично слабите девојки. Истото се случува и со рекламите од кои се смешкаат слаби, витки манекенки. Ова е навистина ефикасен начин да се создадат комплекси кај жените кои не се манекенски типови. Па и полничките жени сакаат да слушнат комплименти. Токму затоа во Њујорк постои модна агенција која ангажира модели кои воопшто не се грижат за никакви супердиети, туку со многу шарм и привлечност ја истакнуваат симпатичната дебелина. И името на агенцијата “Големите убавици” укажува на физичката импозантност на девојките. Всушност, секоја од нив има над 80 килограми. Идејата на агенцијата е да ги собере овие “џиновски” убавици на едно место зашто се свесни дека во несовршениот свет во кој живееме “големината” продава многу повеќе од “совршенството”. Рекламирањето на модели “без мерка” се покажува како исклучително успешно.

Популарните манекенки од агенцијата се смешкаат полни со самодоверба и шарм од страниците на списанијата “Убавите големи жени”, “Плус модели” и “Тоа сум јас” во чии поднаслови стои “Не е за мали жени”. Списанијата им се посветени на сите жени што се вклопуваат во таа мерка. И порачуваат дека ниту една жена не е безлична дури и да ја нема младешката свежина или изгледот на најпопуларните светски манекенки.

Целта на агенцијата е да му се спротивстави на времето во кое се апелира дека жената мора да биде како “сламка”.

“Убавината и виткоста немаат природен афинитет. Полната става и дебелината во некои други времиња беа знаците на убавина,” велат од агенцијата.

Нивното ново мото е “Доста ја тероризирате линијата на телото и се опседнувате со привидна виткост”. Ова значи дека жените не мора да се вклопат во идеалните мерки за манекенките кои се 90-60-90, а кои најчесто се недостижни, дури и незамисливи за обичните жени. “Ако ви речат дека сте дебела, бидете горда”, советува модната агенција. Нивните критериуми за вклопување во групата убавици “надвор од мерките” се убаво лице, добри нозе, свеж тен, правилни пропорции и соодветна професионална свест. “Големите убавици” тврдат дека не се “дебели”, но станува збор за пропорции и нивните супермерки остануваат во рамките на пријатната хармонија. “Освен тоа,” велат тие, “имаме добар карактер и не стануваме “кисели” поради некоја нечовечна исхрана”. Тие не мора да држат диета, а во фотографските ателјеа во коишто работат се случуваат работи за кои манекенките на “Вог” или “Харперс базар” можат само да сонуваат. Полните кеси со бонбони и чоколади ги снемува за миг во веселата атмосфера во која не се чувствува никакво ограничување.

Ова не е предизвик само на доминантниот канон за женска убавина, туку и на диетолозите и експертите за исхрана кои постојано лансираат повици за умереност.

“Сите лекари се согласуваат со мислењето дека некој килограм повеќе го напаѓа срцето”, вели писателката Адријана Муласано, авторката на книгата “Мас мода”. “Мислат дека е катастрофа за крвотокот, апокалипса за ‘рбетот кој е принуден да носи прекумерна тежина, сигурна основа за сите болести опасни по здравјето, на чело со дијабетесот. Тоа би значело дека сите жени кои се “надвор од мерките” се осудени на пропаст и несреќа”. Кон овие научни и психолошки предупредувања и закани, американските манекенки одговараат слободно и без комплекси.

Тешка сум 80 килограми и немам намера да ослабам,” вели една од манекенките. “Вака се чувствувам добро. Луѓето ме препознаваат на улица и примам многу пораки од обожавателите. Јас не сум тромава, напротив, јас сум атлетски тип. Се занимавам со спорт, скијам и вежбам гимнастика. Накратко, многу сум активна. Зошто би морала да се менувам?

“Крупните жени побавно стареат и повеќе им се допаѓаат на нормалните мажи”, велат манекенките.

А и мажите одушевено гледаат на офанзивата што ја почнаа овие жени против митот за слабите, совршени претставнички на послабиот пол. Тие во нив гледаат симптом на смирување и знак на попуштање во војната меѓу половите која е стара колку што е стар и човекот. Конечно, мажите отсекогаш благонаклоно гледале на полничките жени, сметајќи ги за почувствителни и подобри.

“Во текот на историјата, добро пополнетата жена најчесто привлекувала повеќе наклоност отколку ковчестата. Кај примитивните народи, кои женската убавина ја вреднувале врз основа на тежината и ја славеле импозантната женственост, идните невести морале да поминат низ “процес на дебелеење”. Идејата според која полничката жена има поблаг карактер и е подобра љубовница, во машката свест продолжила да живее со векови, како длабоко вкоренето убедување,” вели Бернард Рудовски, автор на есејот “Недовршено тело”.

Мажите ја поздравуваат новата мода, а жените се надеваат дека ова ќе значи крај на тешките децениско кошмари и комплекси. Во Италија, оваа тенденција е поздравена како своевидно ослободување од правилата кои ја наметнаа слабата женска фигура како задолжителна. Но, жените надвор од идеалните пропорции, всушност, го сочинуваат најголемиот дел од женското население.

Италијанската модна индустрија долго време ги игнорираше полничките жени, а во голем број земји жените кои не се манекенски типови мораа да се снаоѓаат за облекување. Делуваше како ниедна модна куќа, креатор или моден центар да не се обидува да им помогне на полничките жени. Многу жени со денови залудно бараа гардероба по свој вкус. Факт е дека дебелината нема никаква врска со вкусот и стилот на некоја жена. Ограничениот избор на облека е проблемот со кој се соочуваат овие жени, но последниве години тоа се менува, посебно што големите модни ready-to-wear куќи имаат посебни линии за полнички. Ова е дефинитивен доказ дека убавината се наоѓа во сите големини.