Search for content, post, videos

Љубезноста – другото лице на паричката

 

По целодневното лажно смешкање и полтронство, по маратонското вложување напор да се опстои како доследна конкуренција на пазарот на трудот, вечерта кога ќе се прибереме дома, повеќето од жените на партнерот гледаат како на боксерска вреќа… стабилна е и навикнала на удари!
Од мали нозе мајка ми ме учеше да не разговарам со непознати луѓе. Секогаш кога се возев во автобус морав да застанам веднаш до возачот за да не ризикувам некој непознат да ми досадува. Кога бев сама дома, што ретко се случуваше, од моето враќање од училиште, до нејзиното враќање од работа, ми беше забрането да отворам врата на непознати. На улица смеев да им возвраќам со поздрав само на чичковците од нашата улица и никако не смеев да одговарам кога некој ќе ме прашаше нешто или ќе ми понудеше бонбони. Тогаш во тоа време не можев да ја разберам мајка ми зошто сето тоа го бара од мене, но денес, во денешно време, кога сите насловни страници, и на домашните, а и на странските магазини се преполни со одвратни стории за педофили, и тоа како ја оправдувам нејзината загриженост. Мојата мајка добро знаела дека нема потреба некој непознат да ја сопре на улица нејзината десетгодишна ќерка додека се враќа од училиште и да ја прашува за одредени локации во Кисела Вода! Што можеше да знае едно десетгодишно дете во деведесеттите? Многу помалку од денешните десетгодишни деца. Како и да е, оваа нејзина “пренагласена загрижност”, правеше да се чувствувам нелагодно.
Не знаев како пристојно да ја одбијам љубезноста на странците на улица. Се ми се чини дека мојата мајка и Ницк Цаве на оваа тема размислувале подеднакво, бидејќи многу години подоцна, во 1996 година ја слушнав неговата прекрасна балада: “The kindness of strangers” (Љубезноста на странците), како дел од албумот Murder Ballads. Во баладата станува збор за една провинцијалка која израснала во сиромашно семејство во средна Америка и која се осмелила да патува сама за да го види морето. Веќе првата ноќ од нејзиното авантуристичко патување запознава странец кој откако ја силува ја убива. Хипнотизирачки и иронично, Цаве продолжува да настојува: “Мајки ширум целиот свет бидете внимателни. Чувајте ги своите ќерки на сигурно, дома. Не им дозволувајте да патуваат сами и речете им да избегнуваат друштво на странци…” Ако е навистина така, зошто тогаш странците се пољубезни со нас од луѓето кои најмногу ги сакаме? (Ги исклучувам сите екстремни патолошки примери).
Зборувам за врските… Се сеќавате како нештата се поставени на почетокот? Сите ние сме добри, полни со разбирање, љубезни, внимателни, толерантни и фино воспитани. Мажите особено се полни со манири од типот – отворање врата, поттргнување на столот, толеранција за сите стравови и трауми, ги обожаваат вашите пријателки, ја обожаваат вашата мајка, го почитуваат вашиот татко, се пријателски расположени спрема вашиот брат, не им пречи вашето куче и ја спуштаат штицата во тоалетот…
А ние жените сме вистински кучки по прашање на манирите. Глумиме шмизли на почетокот на врската и со своето однесување придонесуваме мажите да бидат принудени да глумат пристојност само за да не освојат и потоа двојно “ни наплаќаат” за се што “вложиле” во врската…
Како минува времето и како се повеќе и повеќе се запознаваме, се помалку и помалку се трудиме да добиваме позитивни поени. Па оддеднаш вашата мајка станува вештерка, вашите пријателки – неподносливо љубоморни, кучето – напорно, а сите ваши потреби и стравови – пренагласени и апсолутно бесмислени… А штицата од тоалетот – ма каква штица!
Нема да се залажуваме, сите ние иако пред брак умеевме да имаме разбирање за нивното редовно машко матине во пабот на аголот особено кога има важен фудбалски натпревар, сега откако сме во брак се фаќаме себеси како врескаме: ако излезеш вечерва, со нас е СВРШЕНО!!! И сето тоа, за жал, прави повеќето од браковите да станат нетрпеливи и полни со фрустрации, а повеќето од мажите да бидат принудени скришум да излегуваат. И што ние жените имаме корист од сето тоа? Нервите ни се истенчуваат, стануваме напнати, си ги сведуваме на минимум моментите на интима и задоволство и од сопствениот сопруг правиме најголем непријател. Не велам дека и мажите не умеат да станат посесивни и невозможни како и ние жените, но во поголем број случаи (барем оние со кои сум јас лично запознаена), жените се поголеми кучки кои мислат дека ако “владеат” со сопствениот маж, владеат со светот. За жал, сите овие жени кои мислат дека направиле “потрчко” од сопствениот сопруг, всушност направиле од него најголем непријател и во очите на другите луѓе делуваат незрело, глупаво, бесмислено… Запомнете: никој никогаш нема да ве вреднува повеќе ако сте лоша и неподнослива спрема својот сопруг. Напротив, во очите на својот сопруг и на останатите луѓе ќе оставите впечаток на успешна жена само кога зад себе ќе оставите успешен брак во кој на својот партнер ќе гледате како на партнер во вистинска смисла на зборот – некој со кој подеднакво ќе поделите се, и добро и лошо и згода и незгода, и шега и дилема…
Но, ваквите жени во денешно време ги има се помалку и помалку… Имам среќа што сум воспитувана во семејство во кое жената до последен здив го почитува мажот, а тој пак живее само за да ја задоволи својата жена, без оглед на фактот колку “не машки” делува сето тоа. Моите родители, и по 34 години брак се уште се и сопружници и партнери и најдобри пријатели. Отсекогаш сум била горда на нивниот успех да истраат и по се што им се случило во животот, и од Бога посакував еден ден и јас да можам да изградам една таква брачна заедница. Фала му на Бога, уживам во еден подеднакво успешен брак како оној на моите родители. Од првиот момент кога се запознавме па се до денес, мојот сопруг е мојот најдобар пријател, и љубовник и рамо за плачење и друштво за на шопинг и најголема поддршка за секоја моја одлука, без разлика на фактот колку луда и да делува…

Странецот во огледало
Зошто, ама баш зошто, овој проклет живот почнува да станува таков, што оддеднаш ќе ве зачуди што госпоѓата во дуќанот ќе ви каже “добар ден” и “благодарам”, бидејќи дома нељубезноста ви стана секојдневна појава и токму од оној совршен маж за кој мислевте дека ќе биде идеален татко и емотивен и полн со разбирање сопруг, онаков за каков мечтаевте целиот свој живот и каков што БЕШЕ на почетокот на врската? Ех, што се не би дале повеќето од нас за момент на љубезност од непозната личност која нема да се намурти кога ќе и кажете дека ве болат нозете бидејќи сте цел ден во високи потпетници, кој нема да се противи да претрча да ви купи хигиенски влошки и кој ќе се труди вечерва да остане трезен за да може да водите љубов!
Дали некогаш сте се запрашале зошто ја толерирате најдобрата пријателка за некои потези за кои знаете дека ужасно ве нервираат, а за истите тие работи му замерувате на својот сопруг? Како на пример, за невозвраќање на повиците на мобилен, за доцнење на состанок, затоа што ќе ви го истури пијалакот на новите чевли или, пак, затоа што ќе заборави дека пиете кафе без шеќер? Одговорот е едноставен: Вашата пријателка не ви е сопруг и со неа не мора да живеете и пред неа не мора да ги откривате своите најголеми слабости. Дали сме сите ние добри и фино воспитани спрема непознати луѓе – оние кои не не виделе демистифицирани – без шминка и фенси аутфит, како мочкаме, повраќаме и плачеме, како тагуваме и славиме, како пропаѓаме и триумфираме? Сосема сигурно – такви сме. Кога ќе се “разголиме” себеси почнуваме да се плашиме и од сопствениот лик во огледалото – од странецот кој се криел зад скапата шминка и ексклузивната облека…
Земајќи се себеси за пример, моите критериуми се најстроги спрема оние кои најмногу ги сакам и со нив сум најостра и најкритична. Знам дека сето тоа е погрешно и знам дека нема потреба “да се пали целиот јорган за една болва”. Никој не е совршен и сите ние, свесно или несвесно, постојано грешиме. Знам дека критиката од најблиските ја доживуваме како најголем личен неуспех и дека секогаш кога ќе ги разочараме оние што ни се најблиски се чувствуваме длабоко поразени. Но, сепак кога таксист ќе не вози на аеродром нема ни да забележиме дека нагло сопрел, дека запалил цигара или дека заборавил да вклучи клима. Но, доколку не вози сопругот, ќе започнеме караница од сопирачките до валканите чорапи на подот во спалната и ќе завршиме плачејќи убедени дека сме го направиле најпогрешниот избор во животот. Како да сме темпирани нуклеарни бомби кои само чекаат мала искра за да експлодираат, па не само збор, туку и погрешно протолкувана насмевка или фацијална експресија е доволна за да се направи конфликт….

На состанок со странец
Да бидам искрена, како да сум изморена од слушање приказни од моите пријателки во Македонија за нивните фатални караници со партнерите поврзани со лупење компири и менување гуми на автомобилот, па му предложив на мојот сопруг да се најдеме во центарот на Оксфорд по работа – на состанок, онака како што би правеле ако сме на почетокот на врската – како тотални странци. Во нашата врска ние ги избегнавме стресните состанувања бидејќи ако се сеќавате се запознавме на Фејсбук, откако тој ја купил мојата последна книга. Па тој долета во Македонија по само еден месец, па јас отпатував во Англија за новогодишните празници, па се вратив во Македонија на еден месец и повторно дојдов во Англија – се свршивме, се вратив во Македонија за да направиме свадба и повторно дојдов во Англија… Ни трага од монотоно запознавање, испраќање дома, излегување до доцните часови и уште многу други напнати но слатки нешта кои почетокот на секоја врска ги носи со себе. Затоа денес одлучивме да се состанеме на кафенце… Онака како вистински странци… За “место на злосторот” го избравме Costa Coffeе во центарот на градот.
Прекрасен сончев “летен ден”… Да бидам искрена не е баш летен, како што ги паметам летата од Македонија, но барем беше сончево. Мојот сопруг дојде по мене некаде околу 19.00 часот. Додека го впишував кодот на влезната врата од Vale House, дневниот центар за заболени од деменција и алцхајмер каде што сум вработена како клинички психолог, срцето ми се стегаше од возбуда.
“Јована… Ве молам немојте да заборавите дека утре во 8.00 часот наутро примаме нов клиент, госпоѓа Луиса Велс ќе ја префрлат кај нас од клиниката John Radcliffe. Комплетниот план за нега ќе ви биде доставен на вашата работна маса вечерва и ве молам утре наутро, кога ќе пристигнете на работа, веднаш да го погледнете… Мммм, изгледате многу убаво денеска, се подготвувате за некаде?”, ми се обрати на заминување доктор Кетрин Опенхајмер, директор на центарот и консултант за психијатрија за стари лица.
“Секако Др. Опенхајмер. Утре во 7.00 часот кога ќе пристигнам ќе го погледнам планот и ќе ја пополнам апликацијата. И да, излегуваме вечерва со мојот сопруг на состанок и многу сум возбудена”, се насмевнав затворајќи ја вратата зад себе.
Веќе една недела сум дел од тимот на овој дневен центар и да бидам искрена за подобро работно место, во моментов, не можев ни да сонувам. На двете места на кои аплицирав минатиот месец ја добив работата, но некако овој центар посебно ми остави впечаток поради архитектурата на градбата која имаше за цел да го разбуди сенсот за среќа и креативност кај секој поединец кој престојува тука, и поради пристапот на тимот на вработени спрема пациентите. Центарот поседува сопствена мини зоолошка градина и огромна површина на градини и паркови во кои нашите пациенти уживаа да го минуваат своето време. Токму тука се чувствуваше комплетниот здив на оној оксфордски високо професионален психолошки пристап за кој можев да прочитам од книгата The Psychology of Happiness na Michael Argyle, познатиот англиски социјален психолог, професор на Универзитот во Оксфорд – универзитетот на кој мечтаам еден ден да докторирам. Долги години, додека студирав психологија, потајно мечтаев еден ден да можам да си дозволам да се усовршам себеси некаде надвор на некој високо признаен универзитет. И кој вели дека соништата не се исполнуваат. Еве ме мене, во срцето на Оксфорд – најголемиот универзитетски град на светот. Понекогаш се штипкам за образот и се прашувам дали мене ова навистина ми се случува или пак и јас како Деми Мур во психолошката драма “Passion of Mind” имам двојна личност која има луцидни соништа за двоен живот, неможејќи да открие кој живот  е реалност, а за кој само сонува… Како и да е, на сон или во реалноста, јас уживав.

Јована Огненовска