Search for content, post, videos

Љубов и секс – склад на душата и телото

Љубов и секс. Многу од жените се уште се спречуваат отворено да размислуваат за оваа област. Впрочем, што има тука да се знае: ни нашите предци од оваа област немале некои посебни теоретски знаења, па тоа не им пречело успешно да ја извршуваат функцијата на продолжување на човечкиот вид.

Но се ова е погрешно освен фактот дека човечкиот вид е продолжен. Секое потемелно истражување би покажало дека жените повеќе страдаат поради љубовта и сексуалните фрустрации отколку поради економската и политичката нестабилност. Жално е тоа што мал број жени отворено разговараат за своите сексуални проблеми.
Од друга страна, пак, познато е дека жената е смирена и сјае со посебна убавина, било да е сиромашена или богата, кога сака и кога љубовта и е возвратена, а и кога има добар сексуален живот. Меѓутоа, тој идеал некои жени никогаш не го постигнуваат.

 

За сексот и љубовта…
За љубовта и сексот постојат многу заблуди со кои жените се оптоваруваат и на тој начин се спречуваат да ги доживеат на вистинскиот начин и во нив навистина непречено да уживаат.
Сексуалниот нагон е вроден. Секој се раѓа со одреден капацитет на сексуален нагон, а со колкав интензитет ќе биде тој нагон зависи од наследните предиспозиции. На некои жени сексот им значи повеќе, на некои помалку, а на некои пак многу малку. Тоа е она што сите ние го добиваме биолошки, го наследуваме и кое не можеме да го промениме. Како вие ќе се однесувате кон сопствената сексуалност и каков однос ќе остварите со својот партнер, зависи од психолошкиот развој, од односот со вашите родители во процесот на растење и созревање, како и од културата во која живеете. Социо-културната средина е многу важна. Таа одредува норми на однесување кои прво ни ги пренесуваат нашите родители, а подоцна и целата општествена заедница. Сето тоа значајно одредува како вие ќе излезете на крај со сопствените сексуални потреби. Понекогаш со моралните норми кои сте ги прифатиле во текот на воспитувањето се притискате и се ограничувате, со што си создавате дилеми и стравови околу ускладувањето на вашите нагонски потреби и моралот. Тука најчесто настануваат конфликти во вашата глава кои за последица имаат разни стравови, депресија, па и фригидност. Значи, причините за повеќето сексуални пореметувања се од психичка природа и тој процент се движи околу 98%. По 65 година од животот расте процентот на органските причини за сексуалните пореметувања, а тоа се разните физички заболувања.
Освен овие психички проблеми настанати во фазата на развој на личноста, постојат и проблеми кои настануваат во комуникацијата помеѓу партнерите, кои често можат да бидат причина за сексуална дисфункција затоа што судирите се пренесуваат и во брачниот кревет.
За среќа, сите сексуални проблеми кои се од психолошка природа успешно се лекуваат со психотерапија.

Девојчиња наспроти момчиња
Точно е дека нашата цивилизација напреднала во однос на проширувањето на човековите слободи и ослободување од традиционалното лицемерно наследство, сепак во нашата култура се уште постои лицемерен однос кон женската сексуалност. Во нашето семејство се уште владее поголема грижа за женските деца затоа што се сметаат за понежен пол кои секоја ситуација може да ги загрози. На тој начин, несвесно се штити достоинството на женското тело и сексуалноста, кои имаат најголема вредност во патријахалната култура. Постои двоен морал кој се огледува во тоа што момчињата се потикнуваат да ги покажуваат своите потреби, а на девојчињата тоа не им се одобрува. Иако постои извесен напредок во однос на претходните генерации, пред се поради сексуалната револуција, сепак се уште се среќаваат остатоци од традиционалното гледање на сексуалноста во однос на женскиот пол во нашата средина.

Извитоперен поглед на сексот или негови злоупотреби
Идеално гледано, сексот е природен, неизбежен и составен дел од животот на две личности кои се во интимна врска. За жал, оваа природна појава е многу осакатена пред се поради репресивните обичаи на религијата од една страна, и сексуалната револуција од друга страна.
Современото фокусирање врз сексуалноста само како цел за себе доведува до тоа многумина од нас да ги изгубат од вид потребите на целокупната своја личност. Како последица на тоа се јавуваат и чести злоупотреби на природниот секс.
Многу луѓе престанаа да го користат изразот „водење љубов“, а се почесто се вели „имавме секс“. Оваа појава на глаголот има е сигнал за опасност. Љубовта повеќе не е процес, взаемно дејство, туку присвојување, постигнување. Да имате секс е исто како и кога велите, на пример дека имате автомобил, бунда или пак нов компјутер. А, кога именките ќе се дополнат со придавки, тогаш немате само секс туку имате „добар“ или „лош„ секс, а со тоа автоматски правите и споредувања. Кога сексот се претвора во објект тогаш и партнерот станува објект.
Низ историјата жените со право се спротивставувале на ваквиот начин на комуницирање. Но, во последно време и самите жени го прифатија овој стил, карактеристичен за машките разговори, што е еден од најмалку посакуваните успеси на движењето за сексуалното ослободување на жената.
Можеби најголемата злоупотреба на сексот е токму охрабрувањето да гледаме еден на друг како на објекти, а не како на „Јас и Ти“.
Кога сексуалноста станува цел за себе, нешто по што се трча, се соочувате со парадоксот – уживањето не доаѓа кога трчате по него. Патот до уживањето, до полното задоволство не е да го планирате, да следите дали ќе се случи сега или по пет минути или пак да го споредувате со некое минато сексуално задоволство. Патот до целосното уживање е кога сте потполно во сегашноста и му се препуштате на водењето љубов, и тогаш не ги користите минатите искуства за споредување. Секое водење љубов е ново доживување и се доживува како да е прво, вистинско.
Кај некои жени сексот не претставува водење љубов, туку се користи како лек да се избегне ужасната самотија или како средство да се започне нова врска. За жал, после се чувството на осаменост и безвредност не се намалува, туку се зголемува. Единствен начин за нив би бил да научат како да ги препознаат своите вистински чувства, да ослушнат што им порачува телото, мислите и сетилата. За ова не постојат морални правила, едноставно познавање на својата најдлабока природа.
Можеби најраширена злоупотреба на сексот е кога се смета како должност. Порано важеше митот дека жените не уживаат во сексот, а се вклучуваат во него поради брачна должност.

Дали додека ги читате овие редови го имате на ум вашето сексуално однесување? Направете рекапитулација на вашите досегашни сексуални врски, преиспитајте го своето тековно сексуално општење. Одговорете си на прашањето: „Дали водам љубов или имам секс?“
Сексуалната желба може да постои независно од љубовта не само кај мажите, туку и кај жените. Сексуалната желба која е почеток на сексуалниот однос се создава некаде во вашата душа, во свеста, во еден дел од мозокот кој е одговорен за вашите емоции. Тука се формира желбата. По желбата се јавува сексуалното возбудување. Вие можете да се возбудите фантазирајќи, замислувајќи, гледајќи, слушајќи, мирисајќи – значи сите ваши сетила може да бидат вклучени во процесот на возбудување.
Сепак, најубаво е кога љубовта и сексот одат заедно, кога се во хармонија, затоа што човекот е единствено битие во кој душата и телото меѓусебно се преплетуваат. Луѓето во животот тежнеат за соединување со некого што го сакаат.

Лидија Попчева
психолог-психотерапевт
е-маил: lidijapopceva@yahoo.com
тел: 070 27 35 35