Search for content, post, videos

Љубовните гнезда на “СЛАВНИТЕ” двојки

Доколку сте љубители на места коишто имаат приказна од минатото, сигурно ќе ве заинтересираат петте најромантични љубовни гнезда во кои се криеле двојките чии подеми и падови ги следел буквално целиот свет. Некои од нив дури и по повеќе од сто педесет години остануваат незаборавни…

Каса Кимберли, Пуерто Валарта
Заспаното рибарско селце Пуерто Валерта почнало пополека да се буди дури во 1963 година кога Ричард Бартон пристигнал на снимањето на филмот”The Night of the Iguana”, заедно со Дебора Кер и Ава Гарднер. Интересот кон живописното место нагло пораснал откако таму допатувала и дотогаш најголемата љубов на холивудскиот заводник, Елизабет Тејлор. Едновремено, Пуерто Валерта станало омилено место за папараците. Но тоа не и пречело на двојката да се вљуби во селцето, а Ричард бил толку воодушевен од околината што одлучил да го купи љубовното гнездо и да и го подари на Елизабет по повод нејзиниот триесет и втори роденден.
Каса Кимберли некогаш ја сочинувале само две вили меѓусебно поврзани со т.н. мост на љубовта, а денес таа е преубаво bed&breakfast прибежиште на непоправливите романтичари кои целосно се подготвени да уживаат во погледот на Мексико од надалеку прочуениот мост. Преку него минувал Ричард за да стигне до Елизабет, односно до нејзиниот апартман наречен Клеопатра, во кој имало вградено розова када во форма на срце. Инаку, од мостот се пружа поглед на околните планини и заливот Бандерас чиј брег е долг шеесетина километри. Цената на ноќевање со појадок се движи од 75 до 110 американски долари за соба во зависност од сезоната, секако.

Палатата Гуиди, Фиренца
Приказната за Палатата Гуиди започнува во далечната 1846 година кога четириесетгодишната англиска поетеса Елизабет Барет станала од болничката постела и побегнала со Роберт Браунинг. Нивната венчавка, како и сите останати работи поврзани со романтичното бегство од родителите на невестата биле проследени со низа мистериозни случки. Двојката се вдомила во Италија, во преубавата Фиренца, каде што најмиле простран стан во Палатата Гуиди, близу бајковидниот Понте Векио. Набргу по раѓањето на нивниот син Пен, Елизабет го преименувала станот во Каса Гуиди каде што останала до крајот на нејзиниот живот. Таму ја напишала и книгата “Casa Guidi Windows” (1851 год.), според многумина нејзиното најуспешно дело, инспирирана од тосканската борба за слобода. Ова љубовно гнездо се уште е литературно светилиште благодарение на заедничките напори на институтот Браунинг, колеџот Етон и Британската агенција за заштита на спомениците, установи кои го изнајмуваат станот за да го финансираат неговото натамошно зачувување.
Врз основа на писмата и уметничките дела од деветнаесеттиот век, сопствениците веродостојно ги реставрирале четирите главни соби, вклучувајќи го и салонот во кој творела поетесата и каде што ги пречекувала своите познати колеги како, на пример Фредерик Тенисон и Натаниел Хаторн. Големиот број книги и еклектичките уметнички дела прават илузија на некое друго време, а модернизираната кујна и бањата претставуваат компромис со денешната стварност. Каса Гуиди чини 290 долари дневно доколку се најми цела седмица. Останатиот дел од станот е отворен за јавноста неколку часови во текот на денот, и тоа во понеделник, среда и петок, од април до ноември. Влезот не се наплаќа, но било каква донација е добредојдена.

Ранчот Сан Сидро, Санта Барбара

Атрактивниот ранч во подножјето на Монтесито, близу Санта Барбара во Калифорнија, одамна го бие глас како прибежиште на холивудските двојки. Вивиен Ли и Лоренс Оливие го одбрале како место за својата полноќна вечавка, а ранчот своевремено го најмувале и ѕвездите како, на пример, Гвинет Палтроу, Џулија Робертс и Џенифер Лопез, но никој од нив не се здобил со титулата најславен гостин на Сан Сидро. Таквата титула ја понеле Џон Ф. Кенеди и Жаклин Бувие кои Сан Сидро и неговите колиби скриени меѓу дабовите дрвја ги избрале како место за меден месец. Легендарниот ранч ги привлекува гостите поради мешавината од преубавата природа, романтичното “наследство”, митовите и класичниот луксуз. Отсекогаш е присутен духот на холивудскиот гламур на кој одвреме-навреме потсетуваат забелешките во книгата на гостите. Елегантната колиба со две спални соби во која отседнала брачната двојка Кенеди неодамна е реставрирана и достапна за исто така ексклузивна цена од 2.990 долари за ноќ. Но, има и поевтини соби и апартмани, околу четириесет, кои чинат речиси осумстотини долари за ноќ, раштркани на големиот имот. Сите се уредени со стил, и опремени со благодетите на модерната технологија.

Хотелот Феармонт Квин Елизабет, Монтреал

Тукушто венчаните Џон Ленон и Јоко Оно пристигнале во монтреалскиот хотел Феармонт Квин Елизабет на 26 мај 1969 година, но не го пронашле бараниот мир поради редицата фоторепортери којашто се протегала пред влезот за да ги овековечат настаните кои кулминарале на 1 јуни со пишувањето и снимањето на “Give Peace a Chance” во хотелскиот апартман. Џон и Јоко се одјавиле наредниот ден, а во годините што следувале хотелот го посетиле и Нелсон Мендела, Далај Лама, Михаил Горбачов и Џими Картер. Моментно најатрактивен е апартманот 1.742 кој Ленон го користел како сцена. Таму има и голем број сувенири коишто сведочат за создавањето на химната на мирот и љубовта – фотографии, исечоци од весници и златни плочи.
Пред неговата врата на 8 декември, годишнината од смртта на Ленон, анонимен обожавател остава букет рози. За една ноќ, во хотелот се нуди Џон и Јоко пакет којшто вклучува појадок во креветот во нивниот бајковиден апартман по цена од 535 долари за двајца. Прескапо?
Може да се резервира и апартманот 1.740 со стандардна големина, кој се наоѓа веднаш до оној на славната двојка, по цена од 178 долари. Наспроти останатите резервации, овој пакет не може да се резервира онлајн, само преку телефон.

Хотелот Рузвелт, Лос Анџелес

Хотелот е идеален за вљубениците во кинематографијата. Постои веќе осумдесет и две години, а уште на самиот старт стана мека на славните. Во него често се споменуваат имињата како, на пример, Кларк Гејбл, Карол Ломбард и неповторливата Мерлин Монро, зашто поминале доста време во него, особено Мерлин. Гостите кои отседнуваат во нејзиниот омилен апартман можат да уживаат во погледот на базенот од терасата со која е окружен апартманот. Го надополнува ѕидот обложен со бела кожа и соодветниот тросед, како и подот од тврдо планинско дрво. За вистинските романти-чари со подлабок џеб идеален е т.н. Гејбл/Ломбард апартман, кој чини 7.000 долари за ноќевање. Стана славен откако двојката почна во него да се состанува тајно. Просторот неодамна е реновиран, а може да се пофали и со трпезарија за дванаесетмина, три спални соби, со када во која двајца можат удобно да се испружат и истовремено да гледаат некој од холивудските класици на големиот телевизиски екран сместен во главната спална. Доволно добро и за најразгалените ѕвезди .

Игор Ландсберг