Search for content, post, videos

Комуникација под чаршафите

31-ви декември како да е последен ден од животот, а не од старата година. Се што сме имале, се што сме украле, се што сме позајмиле и се што сме извадиле од кредитните картички сме вложиле во оваа ноќ…
Заборавивме: нема само да ја дочекаме новата година, туку и ќе живееме во неа!

Во првото утро во новата година се разбудив во Белград… а можеби и не заспав воопшто. Ми се исполни предновогодишната желба, конечно го добив Саша Божовиќ… Во моментов седам во ресторанот на хотел Москва, во центарот на Белград. Надвор се протега прекрасно сончево утро, просто неверојатно. Вчерашниот ден, последниот од старата година го под секоја нула. Само што допатувавме вчера, со Верче се впуштивме во безмилосен шопинг по “Кнез Михајлова”, најпознатата шопинг зона во Белрад… типично за две сингл жени кои избегаа 500 километри од дома само за да си го најдат своето место под првото сонце од новата година. Доцна попладнето се прибравме во хотелот. Големата новогодишна ноќ ја прославивме во кафулето на Саша. Верче без да се претплати во аранжманот доби секси белградски 36-годишен примерок… Просто неверојатно, но ние навистина се забавуваме како никогаш до сега. Божовиќ ме пречека божествено. Никогаш во животот не сум чувствувала дека некаде припаѓам повеќе од кога и да е. А, Саша – поубав и од најубавиот маж. Како и не би бил… Може ли лошо да изгледа маж облечен од глава до петици во D&G, кој на себе има неодолив шарм и магична насмевка?!
Јас бев тогаш и се уште сум во шок. Не можев да си поверувам дека го имам покрај себе, дека можам да го гушнам и да го бакнам. Кога утрово ми се појави во хотелската соба во 7.30 часот со шолја кафе, сфатив дека воопшто не се кајам што дојдов тука. Божовиќ за мене беше она “+1” кое ми недостасуваше за новогодишните ноќи со години наназад. Кога сношти му го дадов првиот примерок од книгата која нему му ја посветив, не можам да изнајдам зборови со кои би ви ја опишала топлината и возбудата во неговите очи. Беше пресреќен што го исполнив ветувањето, а јас двојно посреќна што успеав да измамам кај него таква реакција.
Утрово, јас и мојот нов лап топ, додека ја слушаме во позадина Мај Веј (“My Way”) од Синатра, неговата омилена песна, се обидуваме да сумираме што се ни се случуваше изминатава година, и се обидуваме да бидеме искрени и да си посакаме цели за наредната… Да ви го доловам накратко првото утро од новата година…
Ноќта по белградските котлини оставила густа магла која ни самата не знаеше што сака – да биде дожд, роса или снег… Утрово одбра да биде сонце, неверојатно, но вистинито. Сонцето беше на единица, па се вклучи на двојка, па на тројка – маглата испари и еве го Белград во 9 часот во прекрасно сино утро. Стариот Белград тргна кон Новиот, како и секое утро. Но, улиците утрово се полупразни. По бурната новогодишна ноќ имам ексклузивно право да бидам една од ретките луѓе на светов кои ќе уживаат во убавината на ова утро. Се чувствував како легендарниот Душко Радовиќ кој од врвот на Белградска секое утро во 7:15 им дистрибуирал на белграѓани утринска доза заедно со звуците на мелодијата “Во рано утро кога денот се раѓа”… Булевар “Револуција” и ова утро тече низ ритчето, го закопчал патентот до грлото, се до фонтаната на плоштадот Маркс и Енгелс. На Авала трепери една телевизиска кула како сказалка на вага. Велат на Петлово Брдо сношти никој не мислел на пречек на Нова година. Тие се уште  го чекале последниот автобус.
Се ми се чини дека во Белград живеат многу заборавени љубови… некој некогаш ги оставил и ги заборавил… Се плашам дека и мојата удобно ќе се смести на некоја клупа на стариот добар Пионерски парк и ќе чека некој да се сети на неа…
Убаво зимско утро, најубавото оваа година, можеби затоа што е прво ха ха ха… Кој имал среќа да се разбуди утрово во Белград може да смета дека за денес постигнал доволно во животот. Секое понатамошно инсистирање би било нескромно. Најголемиот белградски ќорсокак, Булеварот “Црвена Армија” застана кај бензинската пумпа на улицата “Грчиќ Миленко” не знаејќи каде понатаму. Под еден хоризонтално и утрово е Сава, а под еден вертикално е Палата Белград. И така денот утрово полека тргна низ ридот по улиците “Рузвелтова”, “Француска”, “Цетињска”… кога ќе ги заврши сите обврски и ќе се замори, ќе се спушти полека по “Балканска”, “Немањинова”, “Париска”… Утрово тука се раѓа не само нов ден, туку и нова приказна, нова љубов, нова книга, нова Јована… Но, повеќе за нашите доживувања во Белград… во следен пост…

Јована Огненовска