Search for content, post, videos

Вашата летна козметичка торбичка

Каде ќе патувате ова лето? На море, на планина или можеби во некоја далечна земја? Каде и да сте одлучиле да го минете одморот, морате внимателно да се подготвите. Сменете ја содржината на вашата козметичка кошничка: илјадниците шминки сменете ги за неопходните ситници кои ќе ве негуваат и разубавуваат во текот на долгите сончеви денови.
На прошетка низ градот…
Ако вашиот избор за летување оваа година е некоја метропола или пак ќе си останете дома, тогаш треба внимателно да се подготвите зашто деновите од одморот ќе ви минуваат во прошетки по жешкиот асфалт. За прошетка низ градот потребна ви е удобна облека, отворена маичка, куси панталончиња или лесно здолниште и апостолки или лесни платнени патичиња. Не заборавајте ја и летната торба во која ќе ги носите сите неопходни ситници…
• Освежувачка водичка: во мало спреј шишенце ставете си обична вода. Повремено во текот на денот кога ви е многу жешко напрскајте си ги лицето, вратот, деколтето и рацете. ќе почувствувате огромно освежување. А освен тоа нема да стравувате дека ќе се размачкате или дека ќе си ја извалкате облеката. Ако планирате да седнете на некоја клупа и малку да се сончате, повторно водичката ќе ви помогне во тоа.
• Дезодоранс: по долгите прошетки на топлото сонце нормално дека потта ќе ви биде постојан придружник. Затоа во секое време од денот носете дезодоранс во ранецот, кој ќе ви помогне да се ослободите од непријатниот мирис штом го почувствувате.
• Освежителни шамивчиња: само со едно движење ќе ги избришете и дезинфицирате рацете, но и ќе го освежите лицето. Идеални се и за отстранување на шминката, кога ќе почнете да се потите и шминката ќе ја почувствувате како товар.
• Камена пудра: оваа пудра лесно се нанесува со сунѓерчето и не постои никаква опасност дека ќе се познава дека не е убаво размачкана. Освен тоа, оваа пудра е идеална за отстранување на непријатниот сјај од лицето по многучасовните прошетки.
Во прегратка на планината…
На планина сончевите зраци се многу поинтензивни отколку покрај брегот на морето. Воздухот е свеж и често е ветровито, а сето тоа допринесува до поинтензивно исушување на кожата. Затоа во вашиот несесер постојано треба да имате…
• Крема за сончање со висок заштитен фактор: ќе морате да ја користите секој ден дури и кога ќе поцрните.
• Стик со највисок степен на заштита: на секои 2-3 часа нанесувајте го на носот, усните и околу очите (дури и ако постојано носите очила за сонце).
• Лосион за после сончање: тој ќе го ублажи црвенилото ако дојде до тоа. Особено ви е неопходен ако одите на некоја “висока” планина, бидејЌи сонцето интензивно “пече” во текот на денот, а свежиот воздух спречува вистински да го почувствувате тоа.
• Крема за нозе: одберете крема за нозе на која е нагласено дека ги релаксира и одмора мускулите на нозете. Ваква крема ќе најдете во аптеките. Употребувајте ја по долгото пешачење по планината или штом ќе почувствувате замор.
• Освежувачка купка: одберете на база на нане или други освежувачки билки, кои ја покачуваат енергијата и се особено делотворни против болки.
• Пудра за стапала: редовно нанесувајте пудра на стапалата, така ќе ги одржите постојано свежи и ќе ја спречите појавата на непријатните ранички на стапалата по долгите прошетки.
На романтично крстарење…
Дефинитивно не треба да носите премногу работи со себе, но треба да си посветите доста внимание, бидејќи патувањето со брод е стрес за кожата, поради променливото време (периодична изложеност на ветер и сонце). ќе ви биде потребно…
• Крема за сончање со висок фактор: треба да биде крема или гел, а избегнувајте ги маслата. Мачкајте го целото тело и настојувајте да сте постојано заштитена.
• Нежно средство за капење: одберете го она кое во исто време можете да го користите и за тело и за коса. Така нема да морате да носите премногу препарати.
• Хидрантно млеко или лосион за по сончање: така ќе ја заштитите кожата од исушување, а воедно и ќе ја задржите бојата подолго да трае.
• Тоалетна вода: на крстарењето не ви е потребна никаква шминка. Но затоа задолжително носете си освежителна парфимирана тоалетна вода на база на овошје. Тоа ќе ве направи доволно привлечна.
На песочна плажа…
Ако се подготвувате за излежување на некоја песочна плажа крај брановите на кристално синото море, ќе ви биде потребно малку повеќе од само костум за капење и крема за сончање. Кожата изложена на сонце мора убаво да се заштити, со оглед на тоа што во последно време особено се истакнува штетноста на сончевите зраци. Затоа…
• Креми со висок заштитен фактор: ќе ви бидат неопходни и тоа и за лице и за тело со висок СПФ. Во првите денови кожата треба да биде максимално заштитена, зашто тогаш е најподложна на оштетувања. Веќе по неколку дена, можете да употребувате крема со понизок заштитен фактор.
• Стик крема: деловите околу очите, усните и носот се најчувствителни на сонце и затоа треба да ги заштитите соодветно, со стик крема која можете да ја најдете во секоја подобро снабдена парфимерија. Но стикот можете да го употребите и на други чувствителни делови на кожата кои лесно поцрвенуваат.
• Шампон за туширање: одберете таков кој и дава екстра влажност на кожата. Тоа е она што и е најнеопходно во овие денови на вашата кожа.
• Балзам за коса: за да ја нахраните исцрпената коса од сонцето и морската вода, неопходен ви е балзам за коса. Ако имате мрсна коса, балзамот нанесувајте го само на врвовите.
• Лосион за по сончање: нанесувајте го на телото и лицето, а по потреба можете да го употребите и како хранливо средство за кожата. Во тој случај нанесувајте го во подебел слој.
• Витамински гел за лице: нанесувајте го наутро, пред да заминете на плажа и навечер пред да легнете. Тој ќе ја замени редовната ноќна крема. Витаминскиот гел ја храни кожата и ја враќа влажноста.
• Крема за околу очите: можеби немате навика да ја користите редовно, но во овие десетина дена ќе ви биде неопходна. Ги отстранува подочниците и го спречува создавањето на брчките за време на сончањето. Нанесувајте го наутро и навечер.

Силвана