Search for content, post, videos

ВЕ МОЛАМ НОСЕТЕ МАСКА!!!

Нејзините пациенти за неа се центар на светот. Почетоците на нејзината кариера се од далечната 1976 година и се до сега, меѓу пациентите е најпочитувана. Др. Цветанка Гашоска апелира да се носи маска и го споделува своето мислење за моменталната ковид 19 ситуација…

  Важите за еден од најголемите професионалци во областа на медицината, пациентите бескрајно ви веруваат бидејќи сте неверојатен дијагностичар, но делувате и психолошки на секој пациент… Како успевате да се изборите во овие тешки времиња на ковид 19?

  • Благодарам на убавите зборови. Тоа се должи на долгогодишното искуство. Борбата со ковид е навистина тешка, исрпувачка. Многу болни, секојдневно, цели семејства. Смирувачкиот тон на докторот, објаснувањето околу болеста и лекувањето се битен сегмент. Потоа следува редоследно, временски издржано следење на болеста со лабараториски и рентген испитувања.

Вашето мислење за давањето антибиотик на вирусна инфекција. Мислењата се поделени, конкретно за давањето на Ивермектин..

  • Антибиотик на почетокот на болеста не само што не треба, туку влијае лошо врз одбрамбениот систем на организмот. Се споменуваа и други лекови на почетокот од болеста, како сега Ивермектинот, но сето тоа е недокажано, за мене, неоправдано.

 

Вашето мислење за носењето маски во затворен простор, како и за општите превентивни мерки..

  • Носењето маски е апсолутно оправдано, во затворен простор неопходно. Превентивните мерки се добри, потребни затоа што се намалува ризикот од ширење на болеста. Собирањето на повеќе луѓе на едно место е извор на зараза.

Кога се појавуваат првите симптоми на Ковид 19 и дали има правило која категорија на пациенти е најмногу на удар?

  • Сите се на удар. Овој тип на болеста се карактеризира со извонредна преносливост. Цели фамилии заболуваат истовремено, затоа, донесените мерки се повеќе од потребни. Овој пат, симптомите се јавуваат брзо, за 2-3 дена.

Што значи инкубација од 14 дена? Кој ден е најкритичен и кога заболениот пациент треба да реагира?

  • Инкубација е периодот од навлегувањето на вирусот во организмот до појавата на симптоми. Симптомите се јавуваат нагло, брзо, поретко постепено. Компликациите настануваат најчесто после седмиот ден, но секогаш има исклучоци, порано или подоцна. Треба да се реагира што побрзо- со појавата на првите симптоми.

Многу пациенти дома проверуваат сатурација и се јавува паника и психоза. Што мислите за тоа, со оглед што тоа е работа на доктор?

  • Самоконтролата е добра доколку се консултираат навреме со доктор, не само за сатурацијата, туку и за другите симптоми и секоја промена која се случува кај пациентот. Смиреноста и самоконтролата се навистина премногу важни во овие тешки моменти. 

Која температура и состојба на пациентот заболен од ковиед 19 е најкритична по здравјето и е причина за реаѓирање кај доктор?

  • Температурата помеѓу 37°C и 38°C не е загрижувачка. Дури, за неа не треба терапија освен ако не е пропратена со главоболка или болки по телото. Но, ако температурата продолжи да се искачува над 38°C тогаш треба да се земе антипиретик, а ако трае подолго таа температура, тоа е знак дека настануваат компликации.

Неколку зборови за вакцинацијата..

  • Вакцинирањето е од огромно значење. За сите. Оние кои ја поминале болеста си го продолжуваат имунитетот. А оние кои не заболеле се стекнуваат со вакцинален имунитет. Тоа значи дека вирусот не може да се шири меѓу луѓе кои веќе имаат антитела- имунитет.

Дали пред да се вакцинира пациентот е задолжително да се направи тест за антитела и дали сметате дека е ризик да се вакцинира некој кој веќе прележал ковид 19 и има антитела…?

  • Пред вакцинирање не треба да се прави проверка на антитела. Контраиндикација за вакцинирање е прележан ковид пред 2-3 месеци. Некои сметаат до 6 месеци. Добар дел од медицинските работници кои беа меѓу првите поканети за вакцинирање, вакцината ја примија и порано. Како и јас, 4 месеци по прележан ковид и со антитела. Ризик нема. Пациентот треба да е здрав, без симптоми за акутно заболување.

Колку пациентите паѓаат психички после оваа болест и дали е потребно да се вклучи и посета на психолог?

  • Луѓето се доста уплашени и пред да се разболат. Болеста истоштува како физички, така и психички. Честите разговори, убедувања, споредување со други болести и состојби делуваат ублажувачки. Мал е бројот на пациенти што бараат помош од специјалисти.

Вие сте најмногу на удар, а толку сте позитивни. За вас велат дека лекувате со збор и дека сте борец за своите пациенти од вашите најрани почетоци кои датираат уште во далечната 1976. Вие сметате дека пациентите не се лекуваат само со лекови….

  • Ги употребувам сите мои способности и можности за успешно лекување. Оваа болест бара особено внимание, пратење, навремено реаѓирање и правовремено вклучување на терапијата. И секако, комуникација и консултација со соодветните специјалисти.

Вашата најомилена група се децата. Како се третираат дечиња во оваа епидемија?

  • За среќа, дечињата имаа блага клиничка слика и краткотрајна, околу 2- 3 дена. Со поголемите деца мора да бидеме внимателни, бидејќи понекогаш знаат да изненадат.
  • Важите за најголем професионалец и личност која создава доверба кај пациентите. Како и од каде вие црпите енегрија и дали сметате дека се приближуваме кон победа над оваа страшна епидемија?
  • Енергијата доаѓа од мојата вљубеност во професијата. Доаѓа од желбата сите да уживаат во животот во благосостојба, што значи отсуство на болест. А крајот на оваа епидемија ќе го забрзаме со вакцинирањето.

Надица Пушкоска