Search for content, post, videos

Вертикални градини

 

Растителни килими на ѕидовите – вертикални градини

Развојот на хортикултурата стигна дотаму што и оние кои немаат дворови можат да уживаат во зеленилото, боите на цвеќињата, во нивниот мирис. Како? Долгогодишното истражување овозможи луѓето што се занимаваат со одгледување цвеќе да отстапат од утврдените стандарди и максимално да и се препуштат на фантазијата. Вертикалните градини на Запад се веќе тренд. Ги има на фасадите, терасите, во парковите, рестораните и нивните тоалети, холовите, во продавниците, над тунелите…

 

Непресушен извор на уметничка замисла
Во исчекување трендот да стигне и кај нас, за вертикалните градини ќе читаме на Интернет, во специјализирани магазини, ќе се воодушевуваме од нивната убавина гледајќи фотографии или додека патуваме, посетувајќи ги метрополите каде невозможното е само излузија, привид. Таму с# е можно, остварливо. Дури и кога тунелот на автопатот е “маскиран” со зеленило чии нијанси се прелеваат една во друга, и кога фасадата на модерната зграда е “бојадисана” со меки, нежни тонови на зелената боја, наместа со лаванда, и кога оградите, потпорните ѕидови “оживуваат” благодарение на ветрецот кој ги ниша ползавците, и кога во продавниците “буи” живот, како да сме во густа тропска шума… И терасите на хотелите и холовите и рестораните (вклучително и нивните тоалети) се уредени така да направат гостите да бидат опуштени среде градската врева, чувствувајќи го мирисот на растенијата, на влагата, со пријатните звуци на капките роса што се лизгаат по лисјата на дрвенестите и зељестите растенија од градината која се извишува во недоглед. Нивните сопственици велат дека посетителите се задоволни, и тоа премногу. Во книгите за впечатоци пишуваат дека и јадењето е повкусно, дека и чекањето не е веќе здодевно. Имаат чувство како да се на излет во природа. Откако почнаа да се прават, се смени и концепцијата кога уредувањето на дворот, балконот е во прашање. На површината се редат камени, мермерни плочи или бродски, дрвен под, со што се добива во простор кој, пак, може да се искористи максимално, и поинаку. Акцентот е на градината што стои право или малку накосо, во зависност од идејата, и според условите. Неодоливо привлекуваат новоизградените комплекси во кои високите камени огради не се веќе штури, ниту покриени со густо насадени грмушки, туку мозаички, составени од разнобојни цвеќиња наместо камчиња или стакленца. Фирмите што се занимаваат со нивно проектирање и изведба допрва ќе внесуваат новитети, спознавајќи ги сите можности, бидејќи вертикалните градини се, како што велат оттаму, непресушен извор на уметничка замисла.
За поубав живот, во здрава околина
Францускиот ботаничар Патрик Бланк е творецот на вертикалните градини. По долговремено проучување на растенијата дошол до сознание дека тие можат да се одгледуваат и во поинакви услови од постоечките, што значи нивниот живот не зависи од почвата. Всушност, парижанецот открил како опстојуваат без земја. Тоа му помогнало да ја разработи убаво темата, да ги поврзе сите елементи во една целина и, просторното планирање да го сведе на уметност. Сега и вертикалните површини можат да се облагородат и да изгледаат атрактивно. Имаат многу предност во однос на другите, вообичаени градини бидејќи можат да ги покријат и видливите недостатоци како, на пример, челичните конструкции на лифтовите во шопинг моловите. Освен тоа, внатрешноста на приватните и јавните простории добива во квадратура, а истото важи и за екстериерот. Изборот на растенија е особено важен, и зависи од климатските услови. Се разбира, треба да има и доволно светлина, а одгледувањето е лесно од проста причина што се е автоматизирано. Ваквите растителни килими на ѕидовите им осигуруваат дополнителна звучна и топлотна изолација, а можат да послужат и како тампон-зона меѓу две поголеми предворја или простории. Инаку, конструкцијата врз која се ставаат панели каде што се засадуваат билките, цвеќињата е едноставна, од челик или ПВЦ. Меѓу неа и ѕидот треба да има малку простор заради вентилација, а површината мора да се обложи со фолија за да се спречи впивањето влага од растенијата. Наводнувањето е автоматско, одозгора. Водата ги содржи потребните хранливи материи, а вишокот се собира и преку канал се враќа во системот. Освен развиеното чувство за убавото, секој што ќе се зафати со оваа работа треба да е стручен, да ги познава растенијата, цвеќињата, бидејќи штом се направат, не се препорачуваат корекции. Потребно е само да се изврши увид, четири пати во годината. За да не се наруши естетиката, се забранува претерано озеленување, како и премногу боја. Тие го прочистуваат воздухот и ги снабдуваат просториите со кислород. Дури и надвор служат како филтер, и тоа природен, што придонесува лѓето да живеат во здрава околина.