Search for content, post, videos

Вистини и лаги за сончањето

За сончањето и неговото позитивно и негативно влијание постојат илјадници заблуди. Што е вистина, а што лага?
• Морето и песокот го зголемуваат влијанието на сончевите зраци
Вистина: сонцето се рефлектира во водата и песокот и го зголемува интензитетот на сончевите зраци. Така, ако се сончате покрај базен или на некоја песочна плажа, помислете на тоа дека сончевите зраци се посилни за 25%. А кога лежите на песок, тогаш се дури 30% посилни.

• Мократа кожа повеќе ги привлекува УВ зраците
Вистина: влажната кожа е почувствителна на иритации. Затоа и не треба да ве зачуди ако забележите дека полесно “горите” кога нема да се избришете по пливањето. Ова подеднакво се однесува и на солената-морска вода, но и на слатките води.

• Изгореници не може да се добијат под облека
Лага: белата памучна маица пропушта голема количина сончеви зраци. Особено ако е мокра. Во тој случај таа делува како средство за сончање со заштитен фактор 4. Можете да бидете сигурна единствено во облека со силни бои, од цврст материјал, како на пример тексас.

• За време на мензис треба да се избегнува сончањето
Лага: нема никаква позната причина ниту контраиндикација за тоа. Во тие денови кожата не е чувствителна, значи слободно можете да се сончате. Можеби единствено треба да повнимавате на паѓањето на притисокот од топлината.

• Влијанието на сончевите зраци варира во зависност од местото на кое летувате
Вистина: секако, на екваторот сончевите зраци се многу посилни отколку на Средоземјето. Затоа, секогаш купувајте крема за сончање зависно од местото на кое ќе летувате.

• Кремите за сончање се подобри од средствата за сончање во вид на гел или млеко
Лага: ако сте спортски тип и сакате да играте одбојка на плажа, или можеби фризби, подобро користете гел за сончање. Тој лесно се впива и дава чувство на свежина. Млеката и маслата за сончање се препорачливи за оние кои сакаат мрзеливо да се излежуваат на плажата, но не се потат многу. За лицето, најдобро е да користите крема за сончање бидејќи кожата на овој дел најдобро ја поднесува. И нормално, кремата за лице треба да биде со највисок фактор.

• Кремата за сончање треба да се нанесува и откако кожата ќе добие убав, потемнет тен
Вистина: сонцето е еден од главните причинители на стареењето на кожата. Токму затоа кремите со својата влажност помагаат и како превенција против појава на брчки.

• Кремата за сончање треба силно да се втрие во кожата при нанесувањето
Лага: напротив, нанесувањето мора да биде нежно, со благ масажен ефект. Што се однесува до количината, најдобро ќе биде да не штедите, напротив претерајте. Лабораториските тестови преку кои се одредува висината на заштитниот фактор се прават на база на големи количини.

• Може да се потемни и под чадорот за сонце
Вистина: сончевите зраци не продираат низ платното на чадорот, но затоа пак ги рефлектира песокот.

• И водоотпорните креми треба да се нанесуваат по секое капење
Вистина: сите состојки кои се содржат во кремата не се водоотпорни. По подолго капење, производот не може да ја задржи целосната заштита.

• По два часа, кремата за сончање веќе не заштитува
Вистина: топлината и потењето ја смалуваат ефикасноста на сите производи за заштита од сонце. Затоа кремата за сончање нанесувајте ја на секои 2-3 часа.

• Може да се потемни и на облачно време
Вистина: сончевите зраци продираат и низ облаците. Но, сепак, не се толку силни, интензитетот им е послаб за 30-40%.

По плажата
Секој ден, откако ќе се вратите од плажа, придржувајте се до следниве правила за да ја сочувате летната убавина. Истуширајте се: бидејќи морската вода исто како и високохлорираната (од базените) ја суши кожата. Користете пена за капење, гел или сапун со неутрална ПХ вредност.
Нанесете крема или млеко за тело за после сончање: овие средства ја хранат и ја одржуваат влажноста на кожата. Освен тоа, само на овој начин ќе ја одржите бојата на кожата подолго време.