Search for content, post, videos

Вистинската љубов кон себе подразбира грижа

Вистинската љубов кон себеси значи и почитување и одговорност кон сопствената личност. Афирмацијата на сопствениот живот, среќа и развој ќе зависат од тоа колку се сакате себеси.
Грижата е очигледен доказ на вашата љубов кон себе. Таа подразбира грижа за вашето здравје, грижа за вашите потреби, грижа за вашите желби. Љубовта кон самиот себе е континуирана и активна заинтересираност за вашиот личен раст и благосостојба.
Грижата и заинтересираноста вклучуваат и одговорност кон себе. Денес под одговорност често се подразбира должност, нешто што е наметнато од надвор. Но, должноста во право значење е доброволен чин. Тоа е вашиот одговор на вашите потреби и желби кои треба слободно да ги исполните и да тежнеете истите да ги задоволите, се разбира во склад со реалната ситуација. Кој подобро од вас ги знае вашите потреби и желби?
Одговорноста лесно може да се претвори во доминантност и посесивност ако го нема и третиот составен дел на љубовта, почитувањето кон себе. Тоа е способност да се видите такви какви реално сте, а не такви какви што би сакале да бидете. Не можеме да се почитуваме ако не се прифатиме такви какви сме, со сите наши доблести и мани. Грижата и одговорноста би биле слепи ако не ги води сознанието за вашата реална слика за себе. Сознанието би било празно кога не би било мотивирано од грижата . Афирмацијата на сопствениот живот, среќа, развој, слобода, вкоренета е во сопствената способност за љубов, односно во грижата, почитувањето, одговорноста и знаењето. Ако вие сте способни да сакате продуктивно, тогаш се сакате и себе си, а ако можете да ги сакате само другите луѓе, тогаш сте лишени од способноста воопшто да сакате. Не е случајна народната поговорка: ,,Кој не е за себе, не е ни за другите,,
Ако прифатиме дека љубовта кон себе и љубовта кон другите луѓе е поврзана, како тогаш да ја објасниме себичноста која очигледно ја исклучува секоја вистинска грижа за другите?
Себичната особа е заинтересирана само за себе, сака се за себе, не чувствува никакво задоволство во давањето, туку само во примањето. Луѓето околу нејзиното опкружување ги гледа само како можност да извлече некоја корист за себе. Нејзе и недостасува интерес за потребите на другите и почитување на нивното достоинство и интегритет. Таа особа не гледа ништо друго освен себе; секоја друга особа ја проценува врз основа на тоа колку може да ја искористи за сопствени цели. Во суштина таа е неспособна да сака. Ова секако не значи дека себичноста и љубовта кон себе е исто, тие се далеку од тоа да се идентични, тие се дури и спротивни. Себична особа не се сака премногу, туку премалку; всушност таа кон себе чувствува омраза. Овој недостаток на наклоност и грижа за себе, ја прави празна и фрустрирана. Таа е несреќна и опседната со тоа како да зграби повеќе задоволства од животот ,во што постојано се спречува.
Вистина е да себичните особи се неспособни да ги сакаат другите луѓе, но тие се исто така неспособни да се сакаат самите себе.

Неспособност да се сака, себе си и другите луѓе, се среќава и кај несебичните особи. Несебичната особа ,,не сака ништо за себе,, ; таа ,,живее само за другите,, и поносна е поради тоа. Збунета е, затоа што и покрај својата несебичност е несреЌна и незадоволна во односите со своите најблиски. Таа е парализирана во својата способност да сака и да ужива во животот, позади што се наоѓа нејзината силна егоцентричност.
Задоволна, самосвесна и актуелизирана особа знае како вистински да се сака себе си и да даде љубов и на другите луѓе.

Лидија Попчева
психолог – психотерапевт