Search for content, post, videos

Во служба на најблагородната работа на светот – бебињата

Д-р Зоран Петановски е олицетворение на успешен експерт во својата област, позитивна личност која влева доверба и онаму кадешто се изгубени секакви надежи дека ќе се дојде до она најпосакуваното нешто на светот – децата.

Потекнува од Битола, а своето образование го завршил на Медицинскиот факултет во Скопје…
“Моето детство и младоста не се разликуваа многу од просекот на живеење на тогашните генерации. Моите родители не ми дозволуваа премногу трошење на слободното време, па така посетував курсеви по јазици, завршив основно музичко училиште, покрај стандардното основно, учествував во повеќе секции во училиште, спортував, пишував поезија… Сметам дека спортот е многу важен во развојот на младата индивидуа и тоа не само во физичкото обликување туку и во моментот на социјализација на индивидуата. Медицински факултет завршив во Скопје”.

Среќно е оженет со студентската љубов, сопругата Наде која е радиолог. Ќерката Емилија продолжува по стапките од своите родители, а синот Александар студира архитектура..
“Работата ми одзема доста од времето, така што немам многу слободно време. Немам некое посебно хоби. Го сакам спортот и ги следам поголемите настани. Ме релаксира партија карти, но играм само белот. Тоа е игра која е омилена во Битола. Играта се игра во двојки, а сопругата и тука е мој партнер. Не сум од оние кои држат диети, џогираат, водат премногу грижа за своето здравје. Сакам да го живеам животот интензивно и среќно. Сакам добра храна.
Но сакам и да шопингувам. Не сме премногу штедливи така што знаеме да си дозволиме и некои
непотребни, секако поситни задоволства. Можеби сум еден од ретките мажи кои сакаат да изгубат
време по продавници, а не да ја чекаат сопругата од шопинг во кафетерија. Сината е моја боја.
Најважни во животот ми се семјството и работата. Го ценам искреното пријателство и имам неколку луѓе со кои ги споделувам и добрите и лошите моменти од животот. Си ги сакам своите пациенти и со многумина сум станал вистински пријател и надвор од болницата. Мразам лицемерие, сервилност, уцени, ме вади од такт тврдоглавоста и празните дискусии кај било кој соговорник, сакам дискусија во флексибилна атмосфера со јасни заклучоци. По природа сум дружељубив, тактичен, знам да бидам и добар дипломат во одредени ситуации. Го почитувам достоинството кај луѓето, од цареви до просјаци. Малата лага можам да ја одобрам кога е во функција да ја намали непријатноста на одредени ситуации”.
Како се одлучивте за оваа област од медицината?
“Сосема случајно. Не можам да кажам дека за време на студиите на медицина животна желба ми
беше гинекологијата. Во тоа време многу ме привлекуваш е кардиологијата, всушност јас извесен
период и волонтирав на Клинката за кардиологија. Потоа дојде тогашната акција на вработување и јас бев распределен во Специјалната болница за гинекологија и акушерство – Чаир. Првиот ден кога тргнав на работа всушност не ни знаев каде точно се наоѓа болницата. Потоа се тргна одлично и навистина сум задоволен од она што го постигнав. Завршив специјализација по гинекологија и акушерство, магистрирав репродукција, со текот на годините се здобив со титулата примариус во својата област, учествував на доста конгреси, работилници, студиски престои дома и во странство, напишав повеќе студии од областа на гинекологијата, акушертсвото и посебно стерилитетот. Бев и асистент на Катедрата за гинекологија и акушерство.
И сега, кога ќе погледнам наназад на овие 30 години стаж во гинекологијата и акушерството ми се чини дека поминаа како миг, период исполнет со задоволство од она што го работев и го работам блиску до незаборав, бидејќи мојата специјалност ја има таа привилегија поинаква од другите области од медицината – радоста на новиот живот”.

 

 

За обврските и одговорностите кои ги има како специјалист во својата област…

“Во РеМедика дојдов кога уште не беше започната со работа. Учествував и го направив тимот на Одделот за гинекологија и акушерство. Во Чаир бев заменик директор, но сметав дека РеМедика е нов предизвик, особено во областа на ин витро фертилизацијата . Тоа беше пресудно за моето доаѓање во РеМедика. Основата на тимот го направив од искусни професионалци, претежно од болницата од Чаир, а подоцна тимот го освеживме со млади и надежни гинеколози и среден персонал. Во 2006 година го оформив Центарот за асистирана репродукција и ин витро фертилизација. Моментно сум одговорен на двата оддела. Во работата се поставив како координатор на еднакви – тоа е мојата девиза. Имам тим на гинеколози кои си ја знаат работата. Главните сестри и на двата оддела се толку искусни што јас само ја координирам работата, а тие имаат потполна слобода во својата работа. Не сум шеф кој буквално седи и шефува.
Јас работам многу, имам голем број на пациенти и сум навистина среќен што имам такви луЃе во мојот тим. За овие години нашите резултати покажаа дека мојот резон е правилен”.


Во последно време ин витро фертилизацијата е многу застапена кај нас. За тоа како се доживува себеси како дел од сето тоа д-р Петановски вели…
“Македонија доцни со етаблирањето на ин витро фертилизацијата. Доказ за тоа се возрасните структури на пациентите кои се јавуваат за ин витро. Постојат генерации на пациенти со над 40 години кои поминале златни години обидувајќи се без ин витро да забременат, а се знае дека успехот кај нив е помал. Сепак, сега Македонија нуди квалитет кој се носи со европските центри. Лично сум пресреќен што сум дел од овој процес. Тоа е моја дамнешна желба. До доаѓањето во
РеМедика јас соработував со центри во странство, дури во некои и ја поминав својата обука и активно работев. Сега конечно работам во свој центар кој во ништо не заостанува зад врвните европски центри”.

Што значи ин витро фертилизацијата?
“Ин витро фертилизацијата е врв на понудата на асистираната репродукција. Тоа е процес кој оди во неколку етапи. Првата фаза е индуцираната суперовулација со која треба да се добијат што поголем број на фоликули. Потоа следува аспирирањето на фоликулите и добивање на јајце клетките. Следниот чекор е нивно оплодување надвор од телото на жената со сперматозоиди од мажот и на крајот враќање на ембрионите во матката на жената. Овој процес е помалку мачен за жената. Временски трае некаде и до 20 – 22 дена. Во мојата работа сум видел такви жртвувања од страна на жените за кои може и книга да се напише”.

Долгите години работа на оваа проблематика….

“Уште во Чаир работев на Одделот за стерилитет каде дел од асистираната репродукација се работеше, односно инсеминациите, индукциите на овулацијата. Кон крајот на деведесеттите години, Чаир започна соработка со центар за ИВФ во Прага и ние ги подготвуваме нашите пациенти, а ин витро фертилизацијата ја правевме во Прага. Тоа за мене беше скапоцено искуство бидејќи по обуката во следните четири години во моите студиски престои земав активно учество во работата во ин витро центарот. Тоа ми помогна многу кога го етаблиравме центарот во РеМедика и нашите резултати од почетокот беа на високо ниво”.

Како вистински професионалец во својата област, д-р Петановски постојано ги следи светските достигнувања…

“РеМедика е елитна болница. Центарот за асистирана репродукција и ин витро фертилизација ги има поставено сите услови како во елитните центри за ин витро во Европа. Јас сум член на Европската асоцијација за репродукција и секако ги следам сите новитети кои ќе се појават во областа на асистираната репородукција. Инаку Центарот е опремен со најсовремена опрема за потребите за ин витро фертилизацијата. Тоа не прави квалитетни и моќни во понудата. Кај нас се прават сите достапни процедури во ин витро фертилизацијата. Поточно, покрај стандардните инсеминации, класично ин витро, кај нас се достапни и оплодувањето со еден сперматозоид односно методата ИЦСИ, потоа замрзнување сперма, ткиво и ембриони. Особено се моќни кај состојбите на опструктивна азооспермија, поточно кога кај машкиот фактор нема сперматозоиди во материјалот и истите се вадат од тестисите, односно методата на ТЕСЕ. Со донесувањето на законот за биомедицинско потпомогнато оплодување, го започнавме и процесот на донаторство преку кој многу двојки кои не можеле да замислат сега имаат пород…  Материјалите кои се употебуваат во ин витро кај нас се брендирани светски фирми кои од своја страна донесуваат квалитет и безбедност во работата. Сето тоа не прави успешни. Нашиот просек на бремености по ембрио трансфер се движи помеѓу 40 – 50 % што е навистина висок и за европските стандарди.Тоа е резултат на искусната екипа, фанатстичните услови за работа, брендианиот потрошен материјал. Но, нема тука да застанеме. Нашите екипи веќе се подготвуваат и обучуваат за понатамошни проекти. Некои од нив се воведување на предимплантационата дијагностика, односно биопсија на ембрионите пред да бидат внесени во матката со што ќе знаеме дека тие ембриони немаат никакви аномалии, секако и полот на ембрионот, што е важно кај некои наследни болести”.
За крај…
“Го сакам морето, би сакал пензионерските денови да ги поминам на море. Се што работам во мојот живот го работам со страст и сметам дека тоа е есенцијално за секој успех”

Силвана Јованчева