Search for content, post, videos

Во здраво тело, здрав дух… и топ-форма

Ако поголемиот дел од летото го минавте излежувајќи се на плажа, тогаш барем крајот искористете го за рекреација. Доколку, пак, времето го “потрошивте” капејќи се, продолжете и натаму. Базени има, колку толку, а бидејќи наближува есента, променливото и, кај многумина, меланхолично расположение ќе го “отстраните” рекреирајќи се. Освен што ќе бидете полна со живост, едновремено и ќе се забавувате, ќе се развеселите, ќе се „обновите”. И телесно и духовно. Не дозволувајте во периодот кој следува да го „занемарите” своето тело. Затоа почнете навреме, одете на пешачење, планинарете, на трчање, возете велосипед, ролери, на фитнес, а можете и да комбинирате.

Мотивирајте се… со пешачење
Пешачете, така ќе го согорите вишокот калории. Познато е дека редовното пешачење, пет пати во седмицата, од 30 до 50 минути, менувајќи го неговиот интензитет (или темпо), го забрзува метаболизмот, а истовремено го супримира и апетитот, поради зголеменото лачење на серотонинот. Притоа, расте мускулната маса, салото пополека исчезнува, со што телото станува појако, поцврсто, и се „дефинира”. Освен тоа го намалува стресот. Многу луѓе се прејадуваат кога чувствуваат глад, но гладот нема врска со прејадувањето. Тоа е во најголема мерка врзано со депресијата, осаменоста, стравот… Влијае и врз самодовербата, мотивира. Истражувањата покажуваат дека до целите полесно се доаѓа, ако речиси секојдневно одите на пешачење, а позитивно е и тоа што цревниот транзит е побрз, храната кратко се задржува во желудникот и цревата поради аеробниот тренинг. Кога пешачите облечете се удобно, избегнувајте синтетика.

Планинарењето ги проширува видиците

Можеби целта на планинарењето е да се освои некој врв, но, сепак, тоа е спортска активност заради рекреација што го подобрува здравјето на човекот. Се дефинира и како стил, начин на живеење, особено кај жителите во градовите, бидејќи престојот на планина го прави секојдневието поинакво, поинтересно. Истовремено ги проширува видиците, во секоја смисла. За планинарење потребна е кондиција за качување, симнување, за носење ранец. Основната планинарска опрема подразбира чевли, ранец и јакна. Списокот е подолг кога се во прашање експедиции, а дисциплините се делат според техниките кои се користат во искачувањето, па така, постојат алпинизам, ориентационо трчање, спортското и слободното качување. Алпинизмот е највисокиот степен на достигнување во планинарството. Освен физичка кондиција, неопходна е и психичка стабилност, приспособување на условите, познавање на техниките на искачување, искуство и слично.

Опуштете се… трчајќи
Од сите видови спортски активности, трчањето е наједноставна и најекономична. Ако не планирате да станете маратонка, тогаш ви препорачуваме џогинг. Опушта и “ослободува” од стрес. Облечете удобни, лесно свитливи патики, маица со кус ракави и куси панталони. Во есен и зима носете тренерки. Доколку трчате навечер облечете се слоевито за да можете да соблечете некои парчиња. Избегнувајте материјали што ја впиваат потта. Трчајте во природа каде нема многу смог, по трева или земја, не по асфалт бидејќи можете да се повредите. Јадете еден-два часа пред да почнете со трчање, и тоа храна богата со јаглеродни хидрати кои го снабдуваат организмот со енергија. Пијте вода, незасладени овошни сокови или „солени” енергетски пијалаци, дури и ако не сте жедна. Кога трчате дишете преку нос, а претходно не заборавајте да се растегнете. И не запнувајте, почнете со 5 минути, па 10, потоа 15, продолжете со 20 минути…

Рекреација со велосипед
Велосипедизмот е доста корисен и ефикасен вид рекреација (спорт) поради цикличната телесна активност која може да трае долго време. Има аеробен карактер, што е особено важно за крајниот резултат. Неговата предност се состои во можноста да се одржи линијата или, пак, да се симне вишокот килограми, ја регулира тензијата (го намалува високиот крвен притисок), а, исто така, влијае и врз нивото на холестерол и шеќер во крвта, т.е. го смалува. Редовното возење велосипед ја подобрува општата психичка состојба, луѓето стануваат порасположени (докажано е дека го поттикнува лачењето на ендорфин), а и стресот го доживуваат поинаку. Со возењето велосипед се зацврстуваат мускулите на нозете и бутовите. Не претерувајте, особено ако сте почетничка. Доволни се 20-30 минути, два-три пати неделно. Изберете велосипед што одговара на вашиот физикус, воланот и седиштето наместете ги така што нема да чувствувате болка во грбот. Не дозволувајте времето да ве премисли.

На ролери, и… целото тело е во движење
Возењето ролери влијае позитивно врз телото, бидејќи целото е во движење. Притоа се зацврстува поголемиот дел од мускулите како на грбот, стомакот, задникот, бутовите и нозете, без да се оптовари карлицата. Исто така, ги подобрува дишењето, крвотокот, работата на срцето, влијае врз координацијата на движењата, психомоторната способност расте, а се препорачува дури и за оние што имаат проблеми со зглобовите и колениците, го развива чувството за рамнотежа, ги исправа подгрбавените. Се вели дека тоа е спорт и за душата. Учењето е лесно, концентрацијата на патеката влијае стресот да се „разгради”, опуштајќи ги мускулите на вратот и грбот. Неговата ефикасност се гледа и во топењето на маснотиите, ги намалува килограмите, го „дефинира” телото. Изборот на ролери е битен за резултатот од возењето. Се препорачуваат тркалца од силикони. Не треба да ве стегаат, а како дополнителна опрема имајте шлем, штитници за лактите и колениците… Внимавајте кога времето е дождливо.

Зајакнете го имунитетот, со фитнес
Со фитнес можете да се занимавате во кое било годишно време. Ако малку го запоставивте, сега е вистински момент да му се вратите. Така деновите ќе ви бидат поисполнети. Нема да згрешите и доколку го комбинирате со некој од споменатите видови рекреација. Се вежба и надвор и внатре, во сала. Освен што ја одржува линијата, влијае и врз здравјето. Го зајакнува имунитетот како и другите спортски активности, ја подобрува работата на срцето, па се препорачува и на луѓе со кардиоваскуларни болести, но без голем напор. Сè што е умерено е и корисно. Така кревањето тегови не смее да ја надмине вашата можност. Затоа е убаво да имате тренер кој ќе ве води додека вежбате, ќе ви укаже на што да обрнете посебно внимание, ќе ве советува околу исхраната и така натаму. За неколку месеци можете да постигнете врвен резултат, да изгледате топ, но потоа треба и да ја одржувате формата, за повторно да не го вратите изгледот кој не ви се допаЃаше.