Search for content, post, videos

Волшебниот двојник на магдоносот – ЦЕЛЕР

Чудотворното дејство на растението допринесува до топење на каменчињата во организмот, го намалува лошиот холестерол, го прочистува и смирува телото. Тоа е волшебникот кој го смирува телото – целер.
Им бил познат уште на старите Грци. Во Хомеровата “Илијада” се споменува дека коњите паселе див целер, а во “Одисеја” се споменува постоењето ливади со див целер. Заради пријатната арома и зелените листови, венци од целер добивале победниците во старогрчките Истмиски игри, одржувани во чест на богот Посејдон, како и победниците на Немејските игри. Древните Грци, Римјаните и Египќаните го користеле целерот како лек против некои болести. Во своето време, дури и Хипокрит говорел дека ако нешто не е во ред со нервите, треба да се јаде многу целер.
Од “личната карта” на целерот...
Тоа е двегодишна билка со месест и вретенест корен. Стеблото му е разгрането, а достига височина од 40 до 80 см. Листовите му се темнозелени и сјајни. Целерот расте како дива и култивирана билка. Како див, целерот расте на влажни места скоро во цела Европа, а се наоѓа и на другите континенти. Се смета дека дивиот целер е отровен, па затоа не се употребува како лековита билка. Питомиот целер пак е исклучително здрав. Лековити делови на питомиот целер се листовите и коренот. Целерот (лат. Апиум гравеоленс) е растение кое многу наликува на магдонос, со таа разлика што целерот расте повисоко, листовите му се поголеми, и може да формира топчест корен. На почетокот целерот се користел само како лек, но во 17 век почнал да се применува и во исхраната.
За корисните својства на целерот…
Целерот содржи огромни количества витамини и минерали и тоа во сите негови делови. Листовите се богати со витамин Ц и каротен, а коренот содржи калиум, калциум и фосфор. Во сите делови на целерот постои никотинска и глутаминска киселина и мало количество шеќер. Стеблото содржи големо количество разни соли и токму затоа се препорачува да се пие сок од него. Присуството на органската глутаминска киселина го прави целерот широко да се применува во кулинарството како корисен засилувач на вкусот и мирисот. Многу е ценет по големото количество растителни влакна, рибофлавин и хлорофил. Ги содржи витамините А, К, витамини од групата Б, содржи некои аминокиселини и разни етерични масла. Од минералите застапени се калиумот, цинкот, калциумот, железото, фосфорот, магнезиумот и она што е особено важно – содржи многу мало количество натриум. Заради ваквиот сооднос на натриум и калиум, служи како одличен диуретик. Енергетската вредност на 100 грама целер (корен со лисја) е мала – 14 кцал/59 кЈ (0,69% протеини, 2,97% јагленохидрати и 0,17% масти). Целерот е извонреден извор на витамин К (29,3 μг, што чини 29% од препорачаниот дневен внес) и растителни влакна. Од витамините најзастапен е витаминот Ц. Хранливата вредност на целерот е во богатството на минералните состојки: 100 грама целер содржи: натриум 98мг, калциум 55мг, магнезиум 25мг, калиум 291мг и фосфор 40мг.
Целерот е од голема полза за човечкиот организам….
Тој има особина да го прочистува организмот од токсините, па заради своите антитоксични својства одличен е за пролетно чистење на организмот, по зимските денови. Во Јапонија практикуваат еден ден во неделата да се јаде само целер во секаква форма, па на тој начин си го прочистуваат организмот. Целерот, не само што ги отстранува отровите од телото, туку помага и во регулација на крвниот притисок, делува поволно при заболувања на црниот дроб и жолчката, а помага и во регулирањето на шеќерот во крвта, поради што им се препорачува на дијабетичарите. Само две стебленца целер содржат 15% од дневната потреба на организмот од витамините А и Ц.
Целерот е исклучителен диуретик (исто како и магдоносот). Ја поттикнува работата на бубрезите и е добар за лицата кои страдаат од отоци предизвикани од кардиоваскуларни заболувања.
Целото растение е хранливо. Благодарение на големата содржина на етерични масла, целерот го стимулира целиот организам. Има влијание на состојбата на кожата, при тоа помага за регенерација на клетките, а има противвоспалително дејство и тоа на целиот организам, на сите органи, а не само на кожата. .
Целерот ни подарува енергија, но не и калории. Тој е меѓу најниско калоричните продукти. Истражувачите велат дека ако во текот на денот грицкате целер, особено стебленцето, тогаш е загарантиран добар сон. Токму поради оваа негова особина во составот на некои средства за спиење влегува екстракт од целер. Семето од целерот содржи масло кое има широка примена во козметиката и фармацевтската индустрија, а се употребува и при производство на некои парфеми.

Целерот во кујната…
Егзотичното растение е познато по силниот вкус и аромата кои им ги дава на голем број јадења во повеќе медитерански кујни. Целерот може да се консумира во секаква форма: свеж, варен во супи, варива, може да се похува, да се пржи. Може да се прелива со кисело млеко или јогурт, а одличен е и потпечен со павлака и сирење. Секако, најполезен е свеж. Најценет дел од целерот се крцкавите стебленца и топчестиот корен. Листовите и семето се употребуваат како зачини. Колку е поситно исечкан коренот, толку аромата ќе биде поизразна. За готвење се користат врвовите од лисјата, корењата и стебленцата. Кога подготвувате корен од целер, поткастрете го од горната и долната страна. Излупете ја дебелата лушпа со нож. Исечкајте го на коцки или ленти и веднаш потопете го во сок од лимон или портокал, за да спречите потемнување (оксидација). Целерот се користи како гарнир во бројни рецепти. Добро оди со друг зеленчук, како компири, моркови и грав, но и со пилешко месо. Свежите лисја, како и корењата, се користат за приготвување супи и сосови. Слаткастиот дебел корен на целерот најчесто се корист за правење салати, варива или како зачин за супи и чорби. Листовите имаат јак ароматичен мирис, и тие, исто така, се користат како зачин. Целерот го задржува својот специфичен мирис и по сушењето.

Чај од целер против реума: во еден литар вода се варат 40 грама лисја од целер, неколку минути. Садот се поклопува се додека не се излади. Процедете и пијте го млак, неколку пати дневно, неколку недели.
Сок од целер: ако имате бубрежни тегоби, практикувајте да пиете сок од свежи листови целер, кој можете да го засладите со мед.

Силвана Јованчева