Search for content, post, videos

Воскресението на Исус во Алпите

На сцената на Оберамергау

Местоположбата, распослан во долината на алпските врвови, и убавината на едно несекојдневно случување го прават малото германско гратче голема туристичка атракција. Хоенлос или Оберамергау е место познато по традиционалната манифестација “Христовото Страдание на патот на Голготата”. Оваа манифестација се одржува од 17 век, а учество земаат преку пет илјади граѓани.

Од историјата на Оберамергау…
Во времето на кризата на триесетгодишната војна, чумата зафатила големи делови на Европа, земајќи ги во животите на многу луѓе. Во 1632 година црната смрт навлегла и во оддалечените планински долини во подножјето на Кофел, каде што лежи местото Оберамергау. Според записите, жителите на селото на секој начин се обидувале да се одбранат од болеста. За време на годишниот саем кој се одржувал таму во чест на посветеноста на селската црква, еден човек по име Каспар, кој работел надвор од селото за време на летото, се заразил од опасната болест. Во рок од неколку дена тој и подлегнал на чумата, а заразата почнала да ги коси жителите на Оберамергау. Луѓето измислувале неверојатни приказни за да ја објаснат оваа епидемија. Тие верувале дека чумата доаѓа со зелена и жолта боја, се ширела во текот на ноќта и ги заразувала нивните бунари. Дури се сомневале дека самиот Бог ја испратил чумата да слезе од небото, за да се казни човештвото за гревовите. Така луѓето виделе само една шанса за преживување и спасение: да го смират Божјиот бес.

Во 1633 година жителите на Оберамергау ветиле дека ќе ја извршат играта на Страдањата, како знак на покајание и каење над страдањата и смртта на Исус Христос. Ваквите ветувања биле вообичаени во тоа време во многу области од Баварија и Австрија. Од тој ден народот на Оберамергау се собира околу крстот за да се заколнат во нивните свети завети, за да го сочуваат местото во здравје и бериќет. Првата претстава на Страданијата во Оберамергау била поставена во 1634 година. Во 1680 година претставата се одигрувала во првата година од секоја деценија, а во денешно време се случува на секои десет години.

Целото место живее за настанот Воскресението на Исус во Алпите…

Страдањето Христово и воскресението на Спасителот е централен настан во којшто учество земаат жители на Оберамергау. Така ова место на баварските Алпи повторно ја почнува традицијата на симболично распнување на Исус Христос, онака како што вистински се случило, пред многу векови. Правилата се дека може да учествуваат само оние кои се родени во Оберамергау или живееле тука најмалку дваесет години, а градоначалникот донел традиционален Декрет за косата, со кој им се наредува на луѓето да не се потстрижуваат ниту да се бричат додека не помине настанот.

Се мора да се подготви многу внимателно, токму онака како што вистински било: од ангелските крилја до маслиновото дрво. Подготовките за одржувањето на настанот траат цела година. Се почнува од создавањето модел за сцената, па се изработуваат сите скици, потоа доаѓа и целата организација, снабдувањето материјали и се што е неопходно. Подготовката значи голема радост и возбуда, но носи и голем напор, бидејќи е поврзана со многу интензивни чувства за страдањето Христово. Последната претстава на страдањето на Исус се одржала во 2020 година, а следното доживување ќе се одржи во 2030 година.

По стапките на Месијата…
Сионската горница е место во Ерусалим каде се одржала Тајната вечера на Исус Христос и Апостолите. Тајната вечера е последниот оброк на Исус Христос кој тој го поделил заедно со дванаесетте Апостоли пред Јуда Искариотски да го предаде. Според она што Апостол Павле го раскажал во Првото послание кон Коринтјаните, во текот на Тајната вечера се јадело леб и вино. На собирот, Исус најавил дека ќе биде издаден од еден од неговите ученици, по што ќе биде погубен. По ова, тој го зел лебот во раката говорејќи: “Земете, јадете, ова е Моето тело, кое се крши за вас. Правете го ова за Мој спомен!”. Потоа земајќи ја чашата рекол: “Ова е чаша на Новиот Завет во Мојата крв. Правете го ова, секојпат кога пиете, за Мој спомен!”

Место познато и по резбите…
Оберамергау е прославен и по сложените и уметнички дрвени резби. Работилници за резба има дури и премногу, се вели дека во секоја куќа има барем еден копаничар. Тие создаваат дела инспирирани од Библијата. Ако постои нешто Што секој кој ќе го посети Оберамергау треба да го купи, тоа се резбарените дрвени сувенири. Во гратчето дури има и неколку училишта во кои се изучува оваа уметност. Најпознатиот сувенир е резбареното дрвено распетие на Исус. Исто така познати се и баварските часовници кои исто така се изработуваат во Оберамергау. Постојат два вида резбарени часовници, едниот е часовникот кукавица, а вториот е часовник од Баварија, кој оди во спротивна насока од конвенционалните часовници со натпис “Во Баварија часовници работат поинаку”.
Светот можеби се менува брзо, но ова мало баварско место решено е да ја задржи и повторува традицијата… но и да ја обнови претставата за следните генерации, со цел да не се заборави.

Силвана Јованчева