Search for content, post, videos

Време е за чистење на организмот…

Пристигна времето на будење, обновување и растење. Деновите стануваат подолги, а сончевите зраци потопли. Птиците почнуваат весело да пеат, а дрвјата се подготвуваат за цветање. Следејќи го инстинктот ги чистиме нашите домови и ширум ги отвораме прозорците, за да го пуштиме свежиот пролетен воздух да навлезе длабоко во нашето секојдневие. И во ритамот на убавото време, полека почнува да се буди и нашиот организам… По периодот  кога во исхраната ни недостасува свежо овошје и зеленчук, се појавуваат непријатните симптоми како хроничен замор, главоболки, депресија и пад на имунитетот. Затоа искористете го убавото време да го наполните организмот со витамини и минерали, да го исчистите од токсини и да го подготвите за летните месеци.

Во текот на ладниот период во нашиот организам се наталожуваат многу токсини. Ова се случува поради тоа што помалку вежбаме, физички сме помалку активни, помалку излегуваме на прошетки на свеж воздух и секако, јадеме многу калорична храна. Доаѓањето  на убавото време буди во нас желба за свежина, прочистување и подмладување. Чистењето на организмот ќе ве “рестартира”, ќе ја обнови вашата енергија, ќе ви го подобри тенот на кожата, ќе ви го зајакне имунитетот и ќе ви помогне да се ослободите од вичокот на килограми.

Детоксификација во пет едноставни чекори…

Чистењето на организмот не е комплицирано доколку се придржувате до едноставните насоки и правила. И наскоро ќе бидете полни со енергија.

Овошје – конзумирајте овошје колку што можете, во кој било облик – свежо, суво, смрзнато или во вид на сок. Овошјето ќе ви даде доволно енергија и виталност.

Вода – пијте многу вода. Водата ја игра клучната улога за нашето здравје, бидејќи е вклучена во сите физиолошки процеси во органзимот. Водата е неизоставен дел на секоја детоксификација. Пијте осум до десет чаши чиста вода секој ден. Водата помага во елиминирање на токсините од организмот, го подобрува метаболизмот, расположението и изгледот на кожата.

Зеленчук – конзумирајте разновиден зеленчук, посебно брокула, кељ, спанаќ, зелена салата, краставица, зелка, но и ротквици, домати, млад лук, кромид. Зеленчукот е посебно богат со витамини и минерали, го зајакнува имунитетот, го чисти организмот од токсини и, најважно, дава енергија, а содржи малку калории. Јадете го најмногу свеж, но можете да го конзумирате и динстан, варен или да си подготвите вкусни зелени сокови.

Интегрални житарки и мешунки – тие се одличен извор на антиоксиданси, витамини, минерали, протеини и растителни влакна. Вклучете го во вашата исхрана интегралниот ориз, лебот од интегрално брашно, кус-кус-пченично брашно, бунгур, интегрални тестенини, грав, грашок, леќа. Одлични се за енергија и виталност.

Лимон – тој е идеалниот прочистувач, познатиот детоксификатор кој помага во елиминирањето на токсините од организмот. Започнете го денот со чаша млака вода во која сте додале сок од половина лимон. Веднаш ќе се чувствувате подобро, а по некое време ќе забележите дека имате повеќе енергија, а помалку килограми на себе.

За време на оваа детоксификација се препорачува и доволно одмор. Затоа одморајте се! Одморот е многу важен за регенерацијата на клетките во организмот. Навечер легнувајте порано, бидејќи во текот на детоксификацијата потребни ви се најмалку осум часа квалитетен сон.

Вежбајте, пешачете, правете вежби за растегнување на мускулите на телото, дишете правилно, бидејќи сето ова делува на исфрлувањето на непотребните материи од организмот. Минувајте повеќе време во природа, шетајќи и дишејќи чист воздух. Кислородот е основен елемент на животот. Свежиот воздух ја подобрува енергијата и виталноста, а негативните јони кои се наоѓаат во природата, позитивно делуваат на нашето здравје.

Силвана Јованчева