Search for content, post, videos

ВРЕМЕ

 

Свртени кон своето его и обременети со разни површни цели и барања, како да не забележуваме дека животот сé побрзо се измолкнува пред нашите очи. Трчањето по признанија, оддавањето на ниските страсти, потребата за многу пари, моќ или слава предизвика многумина да се себеобјективизираат и да немаат власт врз сопствените нагони, негативни емоции и постапки. Наместо рационалност и одговорност, предност им даваат на афектите, ниската страст и импулсивноста.

И како што укажал Џон Ленон: „Животот е тоа што ни се случува додека сме зафатени со правење други планови”. И навистина, постојаното правење планови како да напредуваме во кариерата и како да ги оствариме желбите поврзани со парите, страстите и телесните потреби, сé повеќе нé оддалечува од вистинскиот квалитет, мирот и хармонијата на животот. Копнежот кон остварување на идеалите и преокупираноста со тоа што би можело да биде, го разнебитува тоа што се наоѓа околу нас и длабоко во нас.

Животот со секој миг изминува, залажувајќи не со минливи нешта, кои никогаш не можат да не направат целосно среќни и исполнети.

Живееме без да забележиме дека вистинските вредности почнуваат да се измолкнуваат од нашите раце. Сакаме да бидеме среќни, но не знаеме како да станеме среќни. Еден ден кога ќе се пробудиме од сонот наречен копнеж – ќе сфатиме дека е веќе доцна да се вратиме назад во времето и да почнеме суштински да љубиме, да уживаме во малите радости и да ги подобриме односите со другите лица.

Животот е само миг, така што е корисно да знаеме дека највредната работа на светот е времето, бидејќи како што вели Фридрих Шилер: „Она што си го загубил во еден миг, ни вечноста не може да ти го врати”. Времето никогаш не се враќа, затоа треба да го исполниме со смисла и уживање во сé што во нас буди мир, хармонија, љубов и позитивна вибрација.

Кога мудро го користиме времето ќе бидеме наградени со исполнет, продуктивен и задоволувачки живот.

За тие нешта зборувал и познатиот американски бизнисмен и технолошки визионер Стив Џобс: „Да се биде најбогат човек на гробишта не ми значи ништо. Да се отиде навечер во кревет, со чувство дека сум направил нешто прекрасно, тоа е она што ми е битно”. Тој асоцирал дека „парите не треба да бидат цел, зашто највредниот ресурс кој луѓето можат да го имаат е всушност времето и постигнувањето вредност”.

Во животот е клучно да имаме повеќе време за себе, да се чувствуваме убаво во својата кожа и да не се преоптоваруваме со нештата кои поминале, бидејќи што и да направиме не можеме да го вратиме времето и да ги подобриме околностите во кои некогаш сме се наоѓале. Кога премногу жалиме поради минатото, или се плашиме од иднината или кога сме исполнети со навреденост, гнев, неприфаќање на светот и судбината, тогаш трошиме многу енергија на спротивставување на реалноста и ги слабееме психофизичките потенцијали на сопствената личност. И колку повеќе енергија трошиме на разјадување, незадоволство и песимизам, толку побрзо ги повикуваме болестите и потпаѓаме под влијание на негативните емоции.

Излезот е да научиме да бидеме во хармонија со самите себе, со својата судбина и со светот, бидејќи тоа е едно од главните начела на здравјето, мирот и спокојството.

Затоа, неопходно е да ги менуваме сопствените погрешни уверувања и да престанеме да живееме според негативните ментални програми, зашто тие многу брзо може да не соочат со разни стресови и болести. Треба да научиме да не се грижиме за иднината, да не се вознемируваме поради сегашноста и да не жалиме поради минатото. Жалење и неприфаќање на нештата кои ни се случиле, претставува потсвесна агресивност кон Бог и судбината, како и имагинарна потреба да го промениме минатото. Меѓутоа, минатото е невозможно да се промени, ниту времето да се врати. Како последица на тоа, во нас доаѓа до огромен губиток на енергија, што доведува до сериозни проблеми, до емоционална и ментална преоптовареност и до неуживање во мигот на сегашноста.

Според одредени научни истражувања, лицата кои заболуваат од рак, по правило носат голема тага, потиснат гнев, самокритика и искажуваат големо жалење поради настаните од минатото. Тоа зборува дека нашето здравје е директно поврзано со нашата душевна состојба. Ако работиме на себе и на чистење на негативните емоции, во многу поголема мера ќе ја зајакнеме својата личност и ќе ги зголемиме потенцијалите за вкусување на задоволствата, мирот и хармонијата. Тоа ќе го постигнеме доколку научиме да ги прифаќаме нештата, зашто опцијата „непромислена борба” или „бегство од проблемот“, може дополнително да нé истошти на психофизички план и да ни создаде чувство на неуспех, незадоволство и стагнација.

Прифаќањето не значи пораз, туку реорганизирање на силите, опуштеност и подготовка за нови активности, кои не мора да бидат поврзани со одреден временски рок, туку со импулсот на мигот, стремежот и движењето кон остварување на целта.

На крајот, мерило за сé во животот е времето. Тоа најдобро ќе покаже дали одредени наши одлуки и постапки вродиле со плод или нé соочиле со вистината дека некаде сме погрешиле во одлучувањето и однесувањето и сме дозволиле времето да ни помине во односи и состојби, кои не придонеле за нашиот личен развој и за напредокот во животот. За да немаме такви последици, неопходно е да го слушаме своето срце и да преиспитаме дали нештата кои нé опкружуваат навистина вредат. Треба да го сметаме за драгоцен секој момент од својот живот и кога ни се отвора можност, да го оплодуваме со љубов, вредност, смисла и убавина.

Илузорно е да се надеваме дека секогаш и секаде ќе преовладува чувството на среќа и задоволство – животот неретко знае да биде опфатен и со многу болки и страдања. Но, кога се концентрираме на мигот на сегашноста и во него ги бараме убавите страни на постоењето, тогаш колку и да се големи проблемите, во себе и во позитивната промисла ќе го пронајдеме импулсот на радоста, вредноста и способноста да ги менуваме околностите и да го избереме патот по кој ќе се движиме во животот.

Посветеноста на мигот на сегашноста и следењето на хармоничните вибрации, треба да бидат наш приоритет, зашто за да бидеме среќни не е потребно да се качиме на „врвот на пирамидата” и да влеземе во трката за стекнување на што повеќе капитал и материјални добра. Доволно е само да умееме чисто и искрено да љубиме, да бидеме психофизички здрави и да сакаме постојано да се надградуваме и работиме.

Никој не пропаднал ако во своето срце ја негува љубовта, а во умот ја развива свеста за паметно „потрошеното” време и за позитивните вредности на животот.

Овој текст ќе го завршам со мислата на Скот Пек: „Сé додека не се почитуваме себеси, нема да го почитуваме ни своето време. Сé додека не го почитуваме своето време, нема ништо вредно да постигнеме со него”.

Тоа зборува дека е неопходно што повеќе да се сакаме и почитуваме самите себе, зашто на тој начин својата емоција, енергија и пред сé, своето време ќе им го посветиме на лицата кои тоа го заслужуваат и кои придонесуваат и ние да се чувствуваме поубаво, посреќно и поопуштено во животот.

Извадок од книгата на Доц.д-р Зоран Крстевски „Исцелување на душата“.