Search for content, post, videos

8 работи што не треба да ве загрижуваат на вашата свадба

Иако свадбата е еден од најубавите денови во животот на секој човек, сепак таа знае да биде и многу стресна. Поточно, не постои младоженец ниту невеста што биле речиси стопроцентно опуштени на тој ден. Сепак, откако големиот ден ќе заврши, речиси сите сме свесни дека грижите биле залудни. Еве за што дефинитивно не треба да се заморувате и нервирате додека ја подготвувате вашата свадба…

1.Временската прогноза

Знаете дека не можете да влијаете на времето и затоа воопшто не обрнувајте внимание на тоа. Подобро бидете подготвени и за дожд и за сонце. Едноставно, понесете си чадори и палта во случај времето „да ве изненади“. А едно старо верување вели дека ако врне дожд на денот на свадбата, тоа носи среќа.

 

2. Изгледот

Невестата е секогаш прекрасна и блеска од среќа! Вашето внатрешно расположение ќе се одрази и на вашиот надворешен изглед, па затоа не грижете се премногу бидејќи тоа ќе се види на вашето лице.

3. Ситни малери

Ако размислувате негативно, ширите и негативна енергија околу себе. Тоа што нè загрижува и она од што се плашиме – тоа најчесто и се случува. Затоа, не размислувајте на заборавени бурми, на малку повеќе испиен алкохол, на недоволно добро украсена сала… Најдобро е убаво да се подготвите пред свадбата, а потоа што и да се случи, и некој ситен малер, смеата и хуморот се оние што најдобро ќе ве извлечат од непријатната ситуација.

4. Трема дали ќе успеете да кажете „да“

Дали некогаш сте присуствувале на венчавка на која невестата или младоженецот занемеле и никако не можеле да кажат „да“? Не. Затоа ниту вие нема да бидете такви. Дури и да ви затрепери гласот, да ви наврат солзи, верувајте дека судбинското „да“ сепак ќе излезе низ вашите усни.

5. Гости

На свадбените веселби најчесто на една маса седат повеќе луѓе, па така се случува да се сретнат оние што одамна не се виделе или пак да се случат и нови познанства, што значи дека вие не треба да сте загрижени за тоа дали гостите добро се забавуваат. Ваша обврска е само да најдете време да размените неколку збора со секој гостин, а останатото време да се забавувате. И тоа многу.

6. Фотографии

Фотографот што ќе го изнајмите за свадбата ќе ве следи во чекор. Затоа настојувајте постојано да сте насмеани. И не грижете се какви ќе бидат фотографиите, бидејќи ќе ги има многу, па потоа слободно ќе можете да си ги одберете оние што вам ви се допаѓаат.

7. Солзи

Солзите се израз на среќа на свадбите, па затоа не срамете се од нив. Слободно пуштете ги да потечат кога ќе ви дојде така, но не заборавајте да си понесете хартиени шамичиња. Никако не бришете ги кога ќе потечат, туку само благо натапкајте ги со шамичето.

8. Гласни деца

Па децата и треба да бидат такви, затоа што тие се едноставно – деца. И секогаш се највесели, а свадбата е сепак една од најголемите веселби во животот. Затоа, уживајте најмногу што можете!